Одгласи по првата посета на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова на Софија
Иако посетата на македонската претседателка беше во насока на промовирање на културната дипломатија и подавање рака за соработка, сепак од бугарска страна повторно се искористи уште еднаш да се истакне тврдата бугарска позиција дека македонскиот пат кон ЕУ оди преку Софија. Имено, уште пред пристигнувањето на Силјановска-Давкова во Софија, бугарскиот претседател Радев облечен во пилотска воена униформа порача дека Македонија мора да ги исполни прифатените обврски ако сака да оди напред
Три дена по посетата на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова на Софија, каде што присуствуваше на операта „Набуко“ од Џузепе Верди, во изведба на Македонската национална опера и балет, не стивнуваат многубројните реакции како во македонската, така и во бугарската јавност.
Присуството на претседателската Силјановска-Давкова на културниот настан, во придружба на министрите за култура Зоран Љутков и за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, беше во насока на развивање на таканаречената културна дипломатија, а сѐ со цел преку соработка во културата да се иницира и секаква друга соработка, со надеж дека тоа ќе придонесе за затоплување на македонско-бугарските односи, кои во последните години се крајно заладени и се на најниското можно ниво.
Иако беше најавено дека македонската претседателка во Софиската опера и балет ќе биде придружена од нејзиниот бугарски колега Румен Радев, сепак тоа не се случи бидејќи претходно, за време на изведување воена вежба на која присуствуваше и бугарскиот претседател, дојде до инцидент во кој животот го загубија двајца бугарски пилоти. Според официјалното соопштение, тоа било главната причина зошто бугарскиот претседател, како и неговата сопруга, го откажаа присуството на изведбата на „Набуко“ од Македонската опера и балет на сцената во Софиската опера и балет.
Посета поплочена со искрени пријателски намери
Македонската претседателка во текот на денот одржа средба лице в лице со сојот бугарски колега, при што се разговарало за повеќе прашања од заеднички интерес.
Станало збор за потребата од засилен развој на македонско-бугарските односи, за надминување на отворените прашања меѓу двете земји, за текот на пристапниот процес за членство во Европската Унија и искористување на бугарските искуства на тој пат, како и за можностите за поттик и унапредување на билатералната соработка во повеќе области.
Како што информираа од кабинетот на Силјановска-Давкова, претседателката на средбата со Радев истакнала дека се потребни постојан дијалог и разговор меѓу двете соседни држави членки на НАТО и позитивни примери од двете страни за градење стабилни добрососедски односи.
Во тој контекст таа го истакнала значењето на културната и јавната дипломатија, како и потребата за унапредување на соработката во областа на инфраструктурата, економијата и трговската размена и фокусирање на предизвиците од сегашноста, наместо фокус врз минатото.
Во разговорот со претседателот Радев, претседателката истакнала дека македонските власти ги преземаат сите неопходни активности за изградба на повеќе крупни регионални инфраструктурни проекти што имаат стратегиско значење за земјава, регионот и за Европската Унија.
Понатаму, претседателката Силјановска-Давкова говорела и за неопходноста од продолжување на билатералниот политички дијалог на сите нивоа, размена на посети и градење односи со меѓусебно почитување и поддршка, при што било истакнато позитивното искуство во соработката на планот на културната размена, која придонесува за зголемување на довербата и пријателството помеѓу двете општества.
На средбата биле разменети мислења и за развојот на македонско-бугарските односи низ призма на предизвиците со кои се соочуваме на регионално и на глобално ниво, а за кои е потребен заеднички и усогласен пристап.
Во интерес на унапредување на мултисекторската соработка, соговорниците ја посочиле можноста за вклучување покрај на институционалните и на вонинституционалните чинители, граѓанскиот и бизнис-секторот, како и на научно-образовните институции и медиумите.
На средбата, претседателката Силјановска-Давкова упатила покана до претседателот Радев за посета на нашата земја, која бугарскиот претседател ја прифатил.
Отфрлање на подадената рака
Иако посетата на македонската претседателка беше во насока на промовирање на културната дипломатија и подавање рака за соработка, сепак од бугарска страна повторно се искористи уште еднаш да се истакне тврдата бугарска позиција дека македонскиот пат кон ЕУ оди преку Софија.
Имено, уште пред пристигнувањето на Силјановска-Давкова во Софија, бугарскиот претседател Радев, облечен во пилотска воена униформа, порача дека Македонија мора да ги исполни прифатените обврски ако сака да оди напред.
– Република Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со Република С Македонија, затоа очекувам овој дијалог да придонесе за наше културно зближување, но и да ги поттикне економската соработка и туризмот. Очекувам Република С Македонија да ги исполни сите обврски што ги презела кон Република Бугарија и кон Европската Унија, со што ќе можеме целосно да ги градиме нашите заемни односи – порача Радев.
Но она што предизвика уште побурни реакции во Македонија, тоа беше фотографирањето на македонската претседателка со бугарскиот претседател без присуство на македонското државно знаме.
– Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор.
Но, за жал, пред почетокот на средбата во четири очи, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беа предвидени, ниту договорени. Сакаме да веруваме дека станува збор за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и ќе побараме објаснување од бугарската страна – се наведува во соопштението од кабинетот на македонската претседателка.
Реагираа и македонските опозициски партии, кои сметаат дека Македонија како држава била омаловажена од страна на бугарските официјални власти, кои не го истакнале државното знаме.
Поранешни дипломати и аналитичари во разговор за „Нова Македонија“ коментираат дека Бугарија никогаш нема да излезе од матрицата на Тодор Живков, дека бугарските политики кон Македонија се исти како и пред сто и кусур години и дека од тоа нема да отстапат ниту милиметар.
– Ова што го направи бугарскиот претседател е крајно дрско и безобразно. Навистина треба да се запрашаме кому ние му подаваме рака, кога тие и подадената рака ја отфрлаат. Нема што да разговараме со Бугарија кога сите наши обиди за подобрување на односите, тие ги користат најдрско да нѐ омаловажат. Провокацијата со знамето не е воопшто случајна, туку класичен обид да се покаже кој е господарот над македонската судбина. Затоа и Радев пред посетата на нашата претседателка даде изјави во воена униформа. А кога се даваат изјави во воена униформа, тогаш се подразбира контекстот. Бугарија не сака добри односи, туку сака целосна асимилација и бришење на сѐ што е македонско тука, во тоа никој не треба да има дилеми. Да ја оставиме Бугарија со нејзините уцени настрана, да почнеме да си ги гледаме работите дома, а ЕУ, ако воопшто има интерес за проширување, најпрво нека си ги преиспита сопствените членки и нивните демократски капацитети. Бугарија ниту е демократска ниту напредна земја што сака добрососедство, а токму тоа јасно го демонстрираше – категорични се соговорниците што ги коментираа последните случувања за време на посетата на македонската претседателка на Софија. П.Р.