Екипата на Вардар денеска го игра својот последен натпревар од првиот дел на сезоната во ракометната Лига на шампиони. Од 17.30 часот го пречекува тимот на Кјелце во СЦ „Јане Сандански“.
 
„Црвено-црните“ имаат потреба од победа против тимот од Полска во борба за второто место на табелата. На првиот меч сезонава, Кјелце победи на домашен терен со 31-27.
 
За тренерот Гарсија Парондо ова е многу важен натпревар за пласманот на табелата и смета дека не треба посебна мотивација за вардарци за добро претставување на овој меч.
 
– Играат многу брз ракомет, добра одбрана и имаат одлични ракометари. Најважно за нас е да играме 60 минути добар ракомет. Ако го направиме тоа ќе имаме големи шанси. Нашиот проблем досега беше што имавме 5-10 минути во коишто паѓавме. Мислам дека на никого не му треба посебна мотивација за овој меч. Сакаме да победиме на домашен терен и мечот може да биде многу важен за нас зашто со тие два бода ќе ја освоиме втората позиција – рече Парондо на редовниот прес пред два дена.
 
Капитенот на екипата, Стојанче Стоилов додаде дека искуството од гостинскиот терен ќе помогне на Вардар да одигра натпревар со смирени емоции и интензивна игра.
 
– Не очекува тежок натпревар против тежок противник со одлични ракометари. Играме дома и за нас и за целокупната јавност ќе биде навистина убаво да победиме. Многу сакаме да ја завршиме годината во Лигата на шампионите со победа и се надевам дека ќе успееме да го направиме тоа. Кјелце е познат по провокации особено нивниот тренер. Се надевам дека нема да подлегнеме на нив. Наше е да излеземе на терен, да дадеме сè од себе и да победиме – рече Стоилов.
 
Вардар е на третото место во групата „А“ со 11 бода по девет натпревари, додека Полјаците се едно место погоре за 12 бода. Лидер е убедливо Барселона со 16 бода, и со само еден пораз сезонава.