ФУДБАЛ
Неделава е ексклузивната недела за Лигата на шампионите, што значи дека ќе има по шест натпревари утре, задутре и в четврток. Лига Европа почнува на 25 септември, а Конференциската лига на 2 октомври. Клубови од Велс и од Северна Ирска првпат ќе настапат во големо европско клупско натпреварување. УЕФА одреди рекорден награден фонд, а во трите купа ќе бидат застапени рекордни 40 земји членки на Европската фудбалска унија
Во новата сезона на европскиот клупски фудбал ќе настапат 108 клуба, во реформираните Лига на шампионите (ЛШ, Лига Европа (ЛЕ) и Конференциската лига (КЛ), а ќе бидат застапени рекордни 40 од 55 земји членки на Европската фудбалска унија (УЕФА), пишува УЕФА. Една од целите на новиот формат, со проширени натпреварувања со по 36 екипи во секој европски куп, беше да се зголеми застапеноста од цела Европа, а тоа е веќе постигнато во првата сезона од фазата на лигата со нов изглед, пишува Европската фудбалска унија.
Меѓу тие 40 земји, Велс и Северна Ирска првпат ќе имаат клуб во големо натпреварување на Европската фудбалска унија, откако Њу сејнтс и Ларн се квалификуваа за лигашката фаза од Конференциската лига. По формирањето на Конференциската лига, во 2021 година, најголем број различни земји претставени во една сезона од клупските натпреварувања беше 36, во сезоните 2021/2022 и 2022/2023.
Новиот формат на натпреварување, воведен од сезонава, гарантира места за 37 шампиони во домашните лиги од цела Европа, за разлика од 34 во претходниот циклус, а сега е поставен и нов рекорд со 40 земји што ќе бидат претставени сезонава.
Успехот на Њу сејнтс и на Ларн ги прави Велс и Северна Ирска 50-та и 51-та национална асоцијација од кои се квалификуваа клубови за едно од машките клупски натпреварувања на УЕФА, при што Конференциската лига продолжува да нуди пат во европскиот клупски фудбал за повеќе земји, пишува Европската фудбалска унија.
Сезоната на европските фудбалски купови почнува со ексклузивната недела за Лигата на шампионите, што значи дека ќе има по шест натпревари утре, задутре и в четврток. Лига Европа почнува на 25 септември, а Конференциската лига на 2 октомври.
Новата ера на Лигата на шампионите почнува утре со два рани меча, од 18.45 часот, со тројца европски прваци од 1980-тите, Јувентус (1985 година) му е домаќин на ПСВ Ајндховен (1988-та), а Астон Вила (1982-та) патува на натпревар со Јанг бојс. И двете се први средби меѓу тимовите, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Актуелниот европски првак Реал Мадрид европската сезона ја почнува со средбата на свој терен со Штутгарт, вицешампионот Борусија Дортмунд гостува кај Клуб Бриж, во првото коло на програмата се репризи на две финалиња, тоа од 2005 и 2007 година помеѓу Милан и Ливерпул, како и тоа од 2023 година, Манчестер сити – Интер.
Европската фудбалска унија одреди најмалку 2,5 милијарди евра во наградниот фонд за 36-те клуба, што е зголемување од 25 отсто во однос на минатата сезона, а освојувачот на титулата може да очекува да добие повеќе од 160 милиони евра, пишува АП.
Секој тим добива основни 18,6 милиони евра, потоа 2,1 милиони евра за секоја победа во фазата на лигата и 700.000 евра за реми. Секое место во поредокот на табелата вреди повеќе пари, со акции од 275.000 евра по место, или вкупно 9,9 милиони евра одат за тимот што ќе биде на првото место на табелата во јануари и една акција за последнопласираниот тим (275.000 евра), пишува АП.
Бонусите се зголемуваат од 11 милиони евра по тим за напредување во секоја нокаут-рунда. Друг награден фонд од 853 милиони евра е доделен врз основа на историскиот ефект на тимовите во натпреварите на Европската фудбалска унија и вредноста на националните и глобалните зделки за емитување, пишува АП. Н.М.
Македонските претставници ја почнуваат сезоната со гостувања
Македонија во Лигата на шампионите (ЛШ) ќе има четворица фудбалери во три клуба. Сите ќе гостуваат во првото коло. Прв ќе настапи Динамо Загреб на Аријан Адеми и на Стефан Ристовски, утре против Баерн, потоа в среда е натпреварот на Џирона на Бојан Миовски со Пари сен Жермен, а в четврток е средбата на Лајпциг на Елиф Елмас со Атлетико Мадрид.
Вкупно 15 некогашни европски прваци ќе настапат во Лигата на шампионите сезонава, и тоа Астон вила, Јувентус, ПСВ Ајндховен, Милан, Ливерпул, Баерн, Реал Мадрид, Селтик, Борусија Дортмунд, Манчестер сити, Интер, Феенорд, Црвена звезда, Бенфика и Барселона. Дебитанти во најсилното европско клупско фудбалско натпреварување се Болоња, Брест, Џирона и Слован, а Брест и Џирона првпат воопшто ќе играат европски фудбал. Н.М.
Јубилејна 70-та сезона на најсилното клупско фудбалско натпреварување
Новата европска клупска фудбалска сезона е јубилејна, 70-та, за најсилното натпреварување, Лигата на шампионите. Сѐ почна во сезоната 1955/1956, со учество на 16 тима во тогашниот Куп на шампионите, а прв европски шампион стана Реал Мадрид.
Лига Европа ќе ја има својата 54-та сезона, од првата во сезоната 1971/1972, во која победи Тотенхем. Сезонава е четврта за Конференциската лига. Првпат беше играно во сезоната 2021/2022, кога трофејот го освои Рома.
Европската фудбалска унија порано организираше уште едно големо клупско натпреварување, Купот на победниците на куповите (КПК), кое се играше од сезоната 196019/61 (победник Фиорентина) до 1999 година, по што се спои со тогашниот Куп на УЕФА (денес Лига Европа). Н.М.
ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, ПРВО КОЛО
ВТОРНИК
Јанг бојс – Астон вила 18.45 ч.
Јувентус – ПСВ Ајндховен 18.45 ч.
Милан – Ливерпул 21 ч.
Баерн – Динамо З. 21 ч.
Реал Мадрид – Штутгарт 21 ч.
Спортинг – Лил 21 ч.
СРЕДА
Спарта – Салцбург 18.45 ч.
Болоња – Шахтер 18.45 ч.
Селтик – Слован 21 ч.
Клуб Бриж – Борусија Д. 21 ч.
Манчестер сити – Интер 21 ч.
Пари сен Жермен – Џирона 21 ч.
ЧЕТВРТОК
Феенорд – Баер 18.45 ч.
Црвена звезда – Бенфика 18.45 ч.
Монако – Барселона 21 ч.
Аталанта – Арсенал 21 ч.
Атлетико М. – Лајпциг 21 ч.
Брест – Штурм 21 ч.
Извор: УЕФА