Пукање од огнено оружје ги вознемири жителите на централниот дел на Тетово, на булеварот „Маршал Тито“ во петокот околу 21 часот, а среќна околност е што нема повредени, иако куршуми летале наоколу и зaвршиле во возила, изложни стакла и балконски врати и прозорци.

Луѓето кои живеат во овој дел од градот, велат дека се слушнало пукање, а според интензитетот претпоставуваат дека станува збор за престрелка помеѓу две групи. Веднаш потоа дошле полицајци кои со лента го ограничиле движењето на просторот за да се направи увид.

Полицијата потврди дека станува збор за престрелка за која се приведени три лица, а десетинна други се бараат.

-Приведени ни се Д.М.(43) од Лавце и Б.Д.(43) од Тетово како и Џ.Р.(28) од Шипковица. Распишана е потрага по уште десеттина лица. Пронајдени се повеќе чаури за пиштол и автоматска пушка калашников калибар 9 и 7,62 милиметри, две возила и други траги што биле подигнати за вештачење – соопштија денес од СВР Тетово.

Се дознава дека расправијата помеѓу Д.М.(43) од Лавце и Б.Д.(43) од Тетово од една страна со Н.М.(34) Тетово од друга страна во едно казино е најверојатната причина која резултирала подоцна со употреба на пиштоли, но и автоматската пушка-калашников. Во три угостителски и продажни објекти, една балконска врата од стан и едно возило завршиле испуканите куршуми. Среќна околност е тоа што нема повредени.

По престрелката на социјалните мрежи, граѓани напишаа разни шпекулативни информации дека има повредени лица, како и дека функционери на државни иснтитуции и членови на патија од Тетово се меѓу оние кои пукале.

Во понеделникот, 26 ноември, пукање имаше и на крстосницата на улиците „Благоја Тоска“ и „Љубо Божиновски-Пиш“. Тогаш 57 годишен тетовец пукаше со пиштол во воздух, откако претходно имало сообраќајка во која тој бил еден од учесниците.
Во почетокот на април престрелка помеѓу две групи имаше на излезот од Тетово кон Мала Речица при што убиено беше едно лице. Наим Реџепи од Куманово беше убиен во инцидентот, а уште еден човек од Кумановско беше повреден. Овој случај беше како ривалитет на две групи од Кумановско, членови на иста политичка партија.

А.С.