Фото: ЕПА

Во финалето, Синер го совлада Тиафо, додека Сабаленка беше подобра од Пегула, и двајцата од САД

ТЕНИС – МАСТЕРС-ТУРНИР ВО СИНСИНАТИ

Првиот светски рекет, Италијанецот Јаник Синер (23) во машка и Белорусинката Арина Сабаленка (26) во женска конкуренција триумфираа на мастерс-турнирот што се одигра во Синсинати (САД), што и за двајцата претставува успешна увертира пред почетокот на гранслем-турнирот САД опен во Њујорк.
Синер во полуфиналето по голема борба со 2-1 во сетови го совлада Германецот Александар Зверев, додека во финалето за еден час и 36 минути игра го победи домашниот претставник Френсис Тиафо со 2-0 во сетови (7-6, 6-2). Со овој триумф Синер се зацврсти на врвот на светската тениска листа во поединечна конкуренција. За Италијанецот ова е петти освоен турнир годинава и тој е убедливо најуспешен тенисер на АТП-турнејата, кој пред почетокот на САД опен доаѓа како фаворит и со зголемена бодовна предност пред Србинот Новак Ѓоковиќ и Шпанецот Карлос Алкараз. Претходно тој ги освои турнирите во Ротердам, Мајами, Хал, како и гранслем-турнирот Австралија опен.
Сабаленка, пак, која моментно е втора тенисерка во светот на ВТА-листата, во финалниот дуел во Синсинати ја победи Американката Џесика Пегула со 2-0 во сетови (6-3, 7-5) и на тој начин дојде до 15-от освоен турнир во кариерата.
Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа загуби во првото квалификациско коло на САД опен од Аргентинката Јулија Риера со 0-2 во сетови (6-7 и 3-6) и со тоа го заврши својот настап во Њујорк. Мечот траеше еден час и 36 минути. Г.И.