Комисијата за заразни заболувања на последниот состанок констатираше дека има зголемување на бројот позитивни случаи на ковид-19, во однос од минатата недела, па по тој повод, ги потсетува граѓаните да ги почитуваат општите мерки за превенција од респираторни инфекции – соопштија попладнево од Министерството за здравство.
– Да се избегнува групирање и подолг престој во затворени простории, редовно проветрување на просториите, почесто миење раце и избегнување близок контакт со заболени лица – се наведува во соопштението.
Од Министерството нагласија дека вакцинацијата е најефикасен начин за заштита од тежок облик на болеста.
– На состанокот, Комисијата ја реафирмираше препораката дека тестирање за ковид-19 не е услов за прием во здравствена установа. За ковид-19 треба да се тестира исклучиво според индикација, одсносно, доколку пациентот има симптоми карактеристични за ковид-19 – се додава во соопштението.
Од Комисијата истакнале дека пациентите треба да се лекуваат од основната болест и во соодветната здравствена установа, дури и ако се позитивни на ковид-19, „со тоа што, здравствената установа треба да обезбеди услови за минимизирање на опасноста од ширење на болеста на другите пациенти и на персоналот, со изолирање на позитивните пациенти“.
– Комисијата за заразни болести внимателно ја следи состојбата и во зависност од промените, ќе донесе соодветни препораки – пишува во соопштението на Министерството.