Како што стојат работите, боксот најверојатно нема да биде дел од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Лос Анџелес во 2028 година, а истовремено ќе бидат примени неколку нови спортови. По цели 120 години, благородниот спорт, кој воодушевуваше милиони спортски љубители низ светот и беше еден од најгледаните, се брише од листата на спортови на ЛОИ.
Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) реши да ги исклучи боксот и брејкденсот, од кој вториот во Париз 2024 доживеа право фијаско, откако австралиската натпреварувачка Рачел Гун стана предмет на големо исмевање за крајно лошата изведба, која воопшто не личеше на тој спорт.
Боксот на ЛОИ бил присутен уште од Стара Грција, а досега на ринговите настапиле многу познати светски имиња од повеќе држави, од кои подоцна некои станаа светски прваци и во професионалниот бокс. Токму затоа и чуди што тој се брише во однос на другите спортови.
Нови спортови на ЛОИ 2028 во Лос Анџелес најверојатно би требало да бидат крикет, бејзбол, сквош, софтбол, лакрос и флег фудбал, кој е верзија на американски фудбал, и се игра претежно во САД, Канада и Австралија. Г.И.