Фото: „Нова Македонија“

Особено е алармантно што бројот на живородени деца од македонска етничка припадност се намалил од 12.308 живородени деца во 2015 година на 8.411 живородени деца во 2023, што, пресметавме дека, е намалување од околу 31,8 процент во последниве осум години! Најмногу живородени деца (12.308) имало во 2015 година, а најмалку (8.411) во 2023. Бројот се зголемувал во три години (во 2012, 2014 и 2015 година), а континуирано се намалува од 2016 заклучно со 2023 година.
Во 2023, споредено со 2011 година, има 1.664 помалку живородени деца кај припадноста кон албанската етничка заедница на мајката, што пресметавме дека е намалување од околу 21,6 процент. Во 2023 година имало 2.074 живородени деца помалку отколку во 2013 година, за што пресметавме дека во проценти е намалување од околу 25,6 отсто. Најмногу живородени деца (8.137) имало во 2013, а најмалку (6.063) во 2023 година. Бројот, споредено со претходната година, се зголемувал во четири години (во 2012, 2013, 2016 и 2018 година), а континуирано се намалува од 2019 до 2023.
Утврдивме дека кај турската етничка припадност на мајката најмногу живородени деца (1.135) имало во 2014, а најмалку (735) имало во 2023 година. Во 2023 година, споредено со 2011, има 311 помалку живородени деца, што пресметавме дека е намалување од околу 29,8 проценти. Бројот, споредено со претходната година, се зголемувал во четири години (во 2013, 2014, 2018 и 2021 година), а континуирано се намалува во 2022 и 2023.
Кај ромската етничка припадност на мајката најмногу живородени деца (1.574) имало во 2011 година, а најмалку (997) во 2023. Лани, првпат во последните 13 години, бројот на живородени деца беше помал од илјада. Бројот се зголемувал во четири години (во 2013, 2016, 2018 и 2021 година), а се намалува во последните две години.
Истраживме дека во 2023 година (31 живородено дете), споредено со 2011 (биле 22), бројот на живородени деца се зголемил единствено кај децата од влашка етничка припадност, и тоа за 41,2 отсто. Утврдивме дека единствено кај влашката етничка припадност на мајката имало повеќе години во кои, во однос на претходната година, бил зголемен бројот на живородени деца, а во помал број години бил намален бројот на живородени деца. Најмногу живородени деца (45) имало во 2017, а најмалку (14) во 2020 година.
Кај српската етничка припадност на мајката, во 2016 година имало најмногу живородени деца (131), а најмал број (80) биле во 2020 година. Бројот се зголемувал во четири години (во 2012, 2015, 2016 и 2021 година), а континуирано се намалува изминатите две години. Пресметавме дека во 2023 година, споредено со 2011, изразено во проценти, е намален (за 1,98 отсто) бројот на живородени деца.
Кај бошњачката етничка припадност на мајката, истраживме дека во 2014 година имало најмногу живородени деца (261), а најмал број (179) имало во 2023. Бројот се зголемувал во четири години (во 2012, 2014, 2018 и 2021), а континуирано се намалува минатите две години. Пресметавме дека во 2023, споредено со 2011 година, за околу 16,1 отсто е намален бројот на живородени деца

продолжува