Израел во последните денови им пренесе пораки на Соединетите Американски Држави и неколку европски земји дека на секој директен напад од Иран ќе одговорат со израелски напад на иранска територија, објави израелското воено радио.
Без да го наведе изворот на информацијата, радиото соопшти дека Израел појаснил дека е решен да го нападне Иран дури и ако потенцијалниот напад не предизвика жртви во Израел, пишува Тајмс оф Израел.
Се додава дека пораката има за цел да го спречи притисокот од меѓународната заедница за да се избегне насилен одговор на можен ирански напад.
Иран се закани дека ќе му возврати на Израел, кој го обвинува за атентатот на политичкиот лидер на Хамас, Исмалил Ханија во Техеран.
Иранското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека повикот на Франција, Германија и Велика Британија за воздржаност во нападот на Израел „нема политичка логика“ и „се коси со принципите на меѓународното право“.
-Без никакви приговори за злосторствата на ционистичкиот режим (Израел), изјавата на Е3 дрско бара Иран да не реагира на кршењето на неговиот суверенитет и територијален интегритет – рече портпаролот на министерството Насер Канани, пренесоа британските медиуми.
Тој ги повика Париз, Берлин и Лондон „еднаш засекогаш да застанат против војната во Газа и против Израел“.
Техеран и неговите сојузници Хамас и либанската шиитска група Хезболах го обвинија Израел за убиство на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханија, додека израелската влада не ја презеде одговорноста.
Претседателот на САД Џо Бајден и лидерите на Франција, Германија, Италија и Велика Британија вчера издадоа заедничка изјава во која го повикаа Иран да се „откаже“ од заканите за напад на Израел.
Во заедничката изјава објавена, лидерите на сите пет земји ја изразија својата поддршка за повикот на САД, Катар и Египет за продолжување на преговорите за прекин на огнот во Газа со цел да се постигне договор што е можно поскоро.