Ветрот кој непрекинато дува од утрово повторно го разгоре шумскиот пожар помеѓу селата Ореше и Папрадиште што од завчера беснее во реонот на планинскиот масив на Азот во oпштина Чашка. Со пожарот е зафатена мешана дабова и букова шума.
Како што информира за МИА Жаклина Гушева, директорка на Шумското стопанство „Бабуна“ – Велес во рамки на ЈП „Национални шуми“, нивни екипи со десетмина вработени завчера, вчера и утрово деноноќно и сѐ уште се на терен, вклучени во гаснење на пожарот. На помош им е и екипа од општина Чашка.
Поради разгорување на пожарот тие утрово упатиле итен повик до ЦУК, како и вчера и денеска, за што поскоро гаснење да им испратат два хеликоптера.
Вчера во гаснењето на пожарот со координација на ЦУК беа вклучени два хеликоптера, еден на Армијата и еден на МВР, кои полнеа вода од мобилизиран базен што го поставија активисти на Црвениот крст.
Првиот ден во гаснењето на пожарот беа вклучени и пожарникари од ТППЕ Велес.