Фото: Пиксабеј

Домување

Силвија Панек себеси се нарекува „амбасадорка на оцетот и содата бикарбона“ и „природна хемичарка“, а на социјалните мрежи го води профилот „Здрав дом“ што го следат 120 илјади луѓе. Тука таа ги споделува своите сигурни, природни и евтини методи за чистење со минимално влијание врз животната средина. Неодамна ја коментираше сеприсутната употреба на омекнувач при перењето на алиштата. Силвија тврди дека користењето омекнувач е голема грешка бидејќи може негативно да влијае на нашето здравје.
– Омекнувачот не се измива, останува во влакната и во машината за перење, контаминирајќи ги алиштата – посочи таа и додаде дека откажувањето од омекнувачот може да има многу предности: заштеда на пари, грижа за околината и за сопственото здравје.
Според Силвија, производителите на производи за чистење не се обврзани да ни го дадат целосниот состав на нивните производи. Ако сакаме да го дознаеме целосниот состав, треба да направиме некои истражувања.
– Еднаш го проверив составот на еден популарен омекнувач и имаше дури 26 состојки, меѓу кои седум вештачки мириси – изјави таа, додавајќи дека сите тие хемикалии потоа стапуваат во контакт со кожата.
Таа препорача никогаш да не се користи омекнувач за облеката на децата додека не наполнат три години, а советува и да се избегнува при перење бањарки и крпи за садови бидејќи на тој начин тие ја губат способноста за впивање на влагата. Според неа, ова не е единствениот недостаток на омекнувачот. Таа предупредува дека повеќето пакувања содржат информации за алергиски реакции.
– Запомнете, алергијата не е само исип на кожата – вели Силвија, додавајќи дека состојките во омекнувачите не само што доаѓаат во контакт со кожата туку и се вдишуваат, што може да предизвика чешање во грлото, иритација на очите, па дури и главоболки.
Нејзината препорака е да се подготви и да се користи еколошка замена за омекнувач што не ја уништува машината за перење и не влијае на здравјето. Таа го сподели и рецептот. За подготовка ви се потребни две и пол чаши дестилирана вода, четири лажици сушена лаванда, 15 капки есенцијално масло од лаванда, две лажици чист алкохол, шише со распрскувач и газа.