Ѓоковиќ стана само петтиот играч, по Граф, Агаси, Надал и С. Вилијамс, што ги освоил сите четири гранслем-турнири и златен олимписки медал
Новак Ѓоковиќ го освои златниот медал на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз и го направи својот последен чекор до т.н. златен слем со освојување на сите четири гранслем-турнири и златен олимписки медал, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП). Во финалето Ѓоковиќ го победи Карлос Алкараз со 7-6, 7-6 на стадионот „Филип-Шатрие“ на терените на Ролан Гарос.
Натпреварот беше дуел на најмладиот и највозрасниот тенисер што се натпреварувал за златен олимписки медал во поединечна конкуренција од 1988 година, а мечот ја оправда возбудата, бидејќи ниту еден од играчите не даде ни педа, што резултира со два тајбрејка, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
– Игравме речиси три часа во два сета. Тоа беше неверојатна битка, неверојатна борба. Кога последниот удар помина покрај него, тоа беше единствениот момент кога мислев дека можам да го добијам натпреварот. Мислам, верував дека можам да победам, но всушност тој продолжуваше да се враќа. Тој постојано бараше од мене да го играм мојот најдобар тенис. Не знам што да кажам. Уште сум во шок, искрено. Ги ставив моето срце, мојата душа, моето тело, моето семејство, сѐ за да го освојам олимпиското злато на 37 години. Конечно го направив тоа – изјави Ѓоковиќ, пренесе АТП.
Ѓоковиќ стана само петтиот играч, по Штефи Граф (го комплетира во 1988 година), Андре Агаси (во 1999 г.), Рафаел Надал (во 2010 г.) и Серена Вилијамс (во 2012 г.), што го комплетира „златниот слем“. Ѓоковиќ го зголеми водството на табелата со освоени т.н. големи титули, сега со 72 трофеја освоени на гранслем-турнири, на АТП-финалињата, на турнирите од мастерс-серијата 1.000, како и на ЛОИ во поединечна конкуренција, пишува АТП. Ниту еден друг играч нема освоено олимписко злато, победи на гранслем-турнири и на сите девет турнири мастерс 1.000, а Ѓоковиќ е рекордер и за освоени гранслем-трофеи со 24, АТП-финалиња со седум и победи на турнирите од серијата мастерс 1.000 со 40 и освои една т.н. „голема титула“ на секои 3,1 одиграни турнири (најблиску до него во победничкиот процент на овие настани е Надал со титули по 3,5 одиграни турнири), пишува АТП. Тој сега има 99 трофеи, а на таа листа водат Џими Конорс со 109 и Роже Федерер со 103. Н.М.