На Обвинителството и судството не им се скратени средства. Кратење има само во делот на новите вработувања затоа што вработувањата не биле реализирани онака како што биле буџетирани, велат од Министерството за финансии.
Од Министерството за финансии појаснуваат дека парите наменети за нови вработувања во судството и обвинителството останувале нереализирани по што тие си ги пренаменувале парите за плати.
И кога високо сме буџетирале, сме имале ситуации да не се реализира, велат од Министерството за финансии, додавајќи дека порастот на буџетот на судството доминира во делот на категории плати.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на денешната средба со новинарите посочи дека скратен е само делот за вработување затоа што во изминатиот период се покажало дека за ова се двоеле пари од Буџетот, но дека не се вработувале нови кадри.
– И обвинителство и судство има право од 35 проценти додатоци заради ризичност. Тоа не значи дека на нив им следува и дека треба да го земат, имаат право на тоа во одредени такви ситуации. Тие предвидуваат во ставката плати постојано како да ќе вработуваат нови кадри. Никого не вработуваат, тук таму по некој и потоа си ги пренаменуваат средствата, а нови вработувања нема никаде – вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Во однос на забелешките од обвинителството и судската власт дека нивните буџети треба да изнесуваат одреден процент од републичкиот Буџет, од Министерството за финансии велат дека нивото на буџетирање во овие две области го задоволува процентот што го имаат другите земји, но дека процентот на ефикасност е низок и дека довербата во судството е ниски два проценти.
– Прво да одговорат зошто се зголемуваат пресудите од Европскиот суд за човекови права каде почнавме да плаќаме огромни суми затоа што не постапувале на време – велат од Министерството за финансии.
За годинава, како што посочија оттаму, Обвинителството нема доставено ниту годишен план за вработувања.
Претставниците на Судскиот буџетски совет и на државното Јавно обвинителство Силвија Јаневска и Љубомир Коцевски на првиот ден од расправата за ребалансот на Буџетот излегоа со забелешки дека не смее да има кратење на средствата наменети за судската власт и за обвинителството, бидејќи тоа ќе влијае на нивната автономија и на квалитетот и ефикасноста на правдата.
Во ребалансот, како што изјави министерката, обезбедени се пари и за јавните повици што ги распиша Министерството за економија за набавка на инвертер клими.