Козата е виновна за егзодусот од Македонија

Зошто си одат луѓето? Поради сиромаштија? Неслагање со политиката? Патриотиз….ај што зборам! Безработица? Бараби? Шовинизам? Не, не, не бе, браќа и сестри – тоа е само приказна, нема врска со реалноста. Зависта е дрогата, зависта е отровот на Македонија што ги брка Македонците. И ете – крива е козата…козата бе – кооооза!

„За каква коза зборуваш, бе Самуеле?“ „Ами многу значајна, највеличествената – хер маџести – козата на комшијата.“ „Па, што коза беше таа, да не е онаа библиската од Загрос, некој диносаурус, ЕУ-коза, или коза ностра?“ „Не бе, брат, оваа е магична, најзначајна македонска. Кога ќе се речит на комшијата Симе да му умрит козата – значит пепел да се сторит, сѐ да му изгорит, нуклеарка на глава да му паднит… земја да го покриет“. „Еми з’ш така?“ „Е па, з’ш коза да имет?“ –„Не му е срам – па, уш велит поуба е од нашата!“
Старата византиска приказна велит – не смеит да се величит името твое како на Господа – или ќе ти умрит козата ил најголема беља ќе те снаит. Во Византија најомразени биле лихварот и козата на комшијата. Ние Балканците ја сакаме омразата. Љубомората е љубовна напивка, оргазам на омразата. Љубовта е песничка, а љубомората е опера, гром. Песничката на „Битлси“ беше: „Омрази-омраза, лајф гоус он, бра-ла-ла“.
Велат дека од Македонија се иселени околу 500 илјади жители. Не верувам – мислам дека се многу повеќе. Некои познавачи велат дека во Македонија има останато само милион и пол жители, а можеби и помалку. Јас велам да се викаме Санта Македонија, ама не ме есапат односно не ме „ребалансираат“. Им велам на Американците – ај да ви бидеме педесет и прва држава, а тие велет – бегај бре, ќе ни донесете комшии со кози и летна државата! Па, нека сме и милионче, не е лошо, секој по една коза – еве ти економија…. Леле бе, Симе, не глупирај се – а комшиите? Ако имаш коза, ќе имаш и комшија за да те избрка. И јас сум, ете, сведок дека пред десетина години една генерација на студенти по медицина бараше препораки за комплетно иселување во Германија. Мислам дека уште една цела Македонија имаме во странство. Сѐ заради козите. Во Австралија овците ги помешале со кози, па затоа најмногу Македонци таму испратиле. Еци-пеци-пец, паднал ти се кец (бугарски пасош). Зошто си одат луѓето? Заради сиромаштија? Неслагање со политиката? Патриотиз…. ај што зборам! Безработица? Бараби? Шовинизам? Не, не, не бе, браќа и сестри – тоа е само приказна, нема врска со реалноста. Зависта е дрогата, зависта е отровот на Македонија што ги брка Македонците. И ете – крива е козата… козата бе – кооооза! „А бе, што збориш бе ти, улав – каква коза, што има врска коза со егзодусот? Па, нели Лазо ги истреби козите?“ -„Имет бе имет врска, с’к ќе ти кажу… и за Лакита ќе ти лафу“! „Еј, а за вечера ќе ти дадам печена дива коза“. Еј, немој молим те – ако ме види комшијата, ќе ме отруе, ќе ми ги дупне гумите на моторот што ми го даде Заев!
Еве ти културен пример: ако си убав или паметен, сите ќе лафев – „гледај гу педера фукара“, ако си одличен ученик – гледај гу бубалица – бу-бу пе..д…р“. „А оној па сторил се диригент… да се крсту“… „еј па гледај гу жена инженер – не гу е срам! Нек оди чистачка или кафесмукалка да буде!“ „Тај пас доктор е станал… бубалица!“ „А оној па бизнисмен… мрсулко“. „Тај е политичар станал… шмркалец, фрчез“. „Оној па на факултет мерак сас Американце проект да праве – море мрш сиктер“. „Па проекте од НАСА ќе донел – ма нека цркне сас козу!“ „Донел е некој врвен биофизичар од Германиу… буљуши… мрш и двајцата!“ „Донеле се Јапанци за роботи да прават во Железара – море опни ги бурек да носат“. „Решиле се најдобри бродове да прават… море у океански кенеф да се удаву!“ „И арно велеф – не козу, ами тај нека умреф да му узнемо козу… тој буљушар Македонију ќе оправе!“

А светските кози? Ете, на пример комунизмот во Русија. Е па што? Тоа ти е коза која го уби царот… Па, и Путин е коза што фатила беснило. И Хомеини е коза, а Нетанјаху е комшијата. Цел свет има беснило. А што има тоа врска со Македонија? Партискиот систем се наместени кози за да нема напредок… матна маштеница. Невесто мори – што ти се чинеше кога се транзитираше?
Велат дека во педесеттите години под сугестија на Димитар Влахов, Лазар Колишевски отишол во Израел да види како во пустина се сади шума. Се вратил одушевен и почнал насекаде да сади шуми. Ама некој му шепнал „да му умре козата на комшијата – демек козите ги јаделе шумите“, па Лаки решил да ги сотре козите. Денес пак има кози (никој нејќе да ги работи) – ама шумите се ништат од луѓе, а не од кози. Ги палат шумите немилосрдно „гољами патриотски пиромани“ заради политичко протестирање – или простољудие или простољудождерие или, пак, психопатологија. Стојанче нема шмркови и авиони, оти владата не знаеф колку психопати има државата, па не може да им изгради клинички центар за нив, оти не знаеф кој ги смукнал милијардите. Е па, генерале, некој ќе жнее, а некој ќе венее. Уште позабавно е што ги уништија овците, житото, земјоделието…. А сиротиот народ патриотски, вжештен од огновите, цените и комшиската љубов се стрча во Грција да им даде милијарда годишно на Грците (оти многу не сакаат), за патриотски да се избања и шљакне на плажите заедно со медузите. Демек кој ќе бакне медуза, ќе роди близнаци или ќе најде принц. А тој што ќе бакнит коза – ќе му дојде комшија (добро де – комшивка, да не рече министерката Мила дека сум сексист). Ама љубомората и зависта ќе ги мавне и изгорените – па нивните комшии ќе прашаат „каде им се козите, па да умрат бре?“ И така – козата (не сиромаштијата) ќе избрка уште Македонци. А Албанци – ќе си одат уште повеќе, оти и нивните кози се помакедончиле (така вели мојот пријател академикот Луан Старова за Лазо и козите). Што ако и Кинезите ги покозиме (помакедончиме) – цела Европска Унија ќе стане коза ностра. Во Германија и Италија „китка шарена“ нема да имаат проблем со знамето или јазикот (нека си лафет до бескрај, па што ако никој не ги разбира) – туку нема кој да им дува на вратот – „каде ти ет козата?“
И што ќе правиме со пожарите, поплавите, пандемиите…? „Ооо – идиоту на фронту, а бе да умрит козата, на комшијата, козатаааа!“ „А бе што имет врска оган со козата?“ „А бе кромањонецу, да умрит, да умрит козата на комшијата и ти да умреш, идиоту – тоа е мантра, религија, дрога, национална химна…“ „Ај значит пак ќе имаме буљуш-држава, Мицотакисида, Радевсида или миотрагус („палеолитска коза“, прим. прев.)… Аааај?“ „Леле бре каков глупак си бре, каква држава бре, најважна е козата – да му умрит козата на комшијата! Немит поважно од тоа!“ „Штооо? Комшијата коза купил? Змии да го изедат, пепел да се сторит… Радев комшија да му бидит!“

Имам идеја. Ќе им пратиме коза во убавиот град Париз, за Олимпијада. Бидејќи се платформофили – нека пукнат малку од љубомора што имаме подобри џихадисти од нивните. Еј, козичке – тие се толку ретардирани што немаат национални партии и балансери! Токмаци! Љубоморни се на САД за Косово, а и за џихадистите кои се сѐ повлијателни таму. Ако победи Харис, ќе бидат љубоморни на американската љубов кон Палестина (Хамас) и Либан (Хезболах), старата француска љубов, но и иранскиот незаборав (Хомеини). Доаѓа езотеричен ориентализам. Прозелитизам во сенка на суфизмот. Француската љубов (и љубомора) е многу опасна, и со Камала може да се вжешти и на Пацификот. Антисемитизмот може да ги сврти Евреите кон Марин. Со Трамп, оваа љубов може да биде скриена, но ќе се вжешти љубомората кон Русија. Дасо-Рафал, Б-2 и Ф-35 Нортроп, со Сухои 35 версус нормалниот живот ќе одлучат за игрите. Ова е опасен бизнис, козичке. Ах, козо козичке – кажи ми кој е најубав на светот?
Можеби ќе ја смениме културата (Господ те чул, Симе) или најсетне сиротиот наш комшија од омраза и љубомора не може повеќе да издржи, па би си земал бугарски пасош и сега спрема куфери за да си замине во некоја „алтернативна Македонија“.
Авторот е пензиониран професор по медицина

Д-р Самуел Колономос Садикарио