Минатогодишниот куп беше оценет со највисока оцена од ЕЏУ и од тие причини сме дополнително мотивирани да се покажеме како добри и совесни домаќини и да ја оправдаме добиената доверба. ЏФСМ има веќе доволно искуство во организација на меѓународни натпревари, почнувајќи од организација на балканските првенства и кампови до меѓународни турнири во клупска организација. За да добиеме високи организациски оценки мора максимално да се залагаме и да се потрудиме да го исполниме ветеното. ЏФСМ како добар организатор на минатогодишниот јуниорски куп ги доби највисоките оценки за организација и со тоа создаде услови за понатамошен развој и добивање други европски настани. Лобирањето на управата и претседателот Владимир Трпаноски беше наградено со добивање на организацијата на Европското кадетско првенство во 2025 година, вели Стојановиќ
РАЗГОВОР СО МИОДРАГ СТОЈАНОВИЌ, ПОТПРЕТСЕДАТЕЛ НА МАКЕДОНСКАТА ЏУДО-ФЕДЕРАЦИЈА
Во август на програмата е ново издание на Јуниорскиот џудо-куп на Европската џудо-унија (ЕЏУ) во Скопје и во пресрет на тој голем спортски настан разговаравме со Миодраг Стојановиќ, потпретседател на Македонската џудо-федерација.
– Европскиот јуниорски куп Скопје 2024, кој ќе се одржи од 9 до 11 август во салата „Јане Сандански“, претставува високо достигнување на управата на ЏФСМ и претседателот Владимир Трпаноски, кој неуморно секојдневно лобира за зајакнување на поддршката на ЏФСМ. Еве, веќе вторпат по ред во Скопје се одржува јуниорски џудо-турнир, под покровителство на Европската џудо-унија, а во техничка организација на Џудо-федерацијата на Северна Македонија. Овој Европски јуниорски џудо-куп преминува во традиционален и се надеваме на уште една одлична организација. Минатогодишниот куп беше оценет со највисока оцена од ЕЏУ и од тие причини сме дополнително мотивирани да се покажеме како добри и совесни домаќини и да ја оправдаме добиената доверба. ЏФСМ има веќе доволно искуство во организација на меѓународни натпревари, почнувајќи од организација на балканските првенства и кампови до меѓународни турнири во клупска организација. Строгите правила на ЕЏУ за организација на еден европски куп одат дотаму што сите мора да функционираме како еден, без нималку простор за грешки и импровизации, перформансите и техничката организација и целокупната техника (камери, компјутери, видеопрезентации и други перформанси) се идентични со организациите во Германија,Франција, Белгија и други европски земји. За да добиеме високи организациски оценки мора максимално да се залагаме и да се потрудиме да го исполниме ветеното.
Што значат за Џудо-федерацијата и за џудото во Македонија сите високи оценки добиени досега и довербата од Европската џудо-унија? Дали ќе има и високи гости од Европската џудо-унија, од европското џудо или некои други?
– ЏФСМ како добар организатор на минатогодишниот јуниорски куп ги доби највисоките оценки за организацијата и со тоа создаде услови за понатамошен развој и добивање други европски настани. Лобирањето на управата и претседателот Владимир Трпаноски беше наградено со добивање на организацијата на Европското кадетско првенство во 2025 година. Тоа е награда за залагањето на управата и претседателот за афирмација на џудо-спортот во РС Македонија и надвор од неа, со поддршка на Агенцијата за млади и спорт, Македонскиот олимписки комитет и ЕЏУ, и ова е само почеток на добиените награди за добра организација, исполнителност и сериозност што владее во ЏФСМ. Секогаш на европските купови и првенства има присуство на високопозиционирани челници и гости, кои покрај уживањето во натпреварите, имаат и професионална обврска да го следат текот на организирањето на натпреварите и целокупната организација и подготвуваат известувања и прилози за тоа. Досега своето присуство го најавија Сергиу Олеиниц, главен комесар за спорт во ЕЏУ, Синиша Веир, ИТ-евент менаџмент во ЕЏУ, г-ѓа Катарина Родригес, потпретседателка за спорт во ЕЏУ, и г. Мигел Аријас од спортската комисија на ЕЏУ.
Македонија имаше свој претставник во џудо на Летните олимписки игри во Париз. Што значи за џудото во Македонија овој континуитет од три настапи во низа на најсилната светска спортска сцена?
– Еди Шерифовски (22) е млад и надежен џудист и сите овие меѓународни натпревари, особено Олимписките игри во Париз го калат секој џудист да стане вистински прекален џудист, бидејќи таму се среќава со најдобрите од целиот свет и искуството е непроценливо. Еди го имаше за противник искусниот бразилски џудист Гилерме Шимидт, кој е четврторангиран на светската листа во категорија до 81 кг. Еди беше достоен противник и слободно можеме да кажеме дека натпреварувачкиот ентузијазам и притисокот да се совлада високорангираниот противник беа од клучно значење за нашиот џудист Еди Шерифовски, кој е одличен џудист, да се покаже на татамите во вистинско светло и да постигне подобар резултат. Како и за секој млад спортист, така и за нашиот џудист Еди Шерифовски, кој долго се подготвуваше за овој настан, ова олимписко искуство ќе биде ѕвезда патоказ каде да ги насочи своите тренинзи заедно со неговиот тренер м-р Горан Мицкоски (ФФК) и како да ги подобрат физичките и психичките перформанси и џудо-техники. Џудо-федерацијата на Северна Македонија, управата на чело со претседателот Владимир Трпаноски, врши секојдневно лобирање пред челниците на Европската и на Светска џудо-федерација за да бидеме вклучени во програмите за развој и афирмација на џудо-спортот во Република Северна Македонија. Ова учество на три последователни олимпијади е заслуга на лобирањето на управата на ЏФСМ пред европската и пред светска џудо-елита и пред Македонскиот и Светскиот олимписки комитет. ЏФСМ е секогаш подготвена за нови предизвици и поддршка на млади џудисти ентузијасти и вљубеници во џудо-спортот. Во иднина очекуваме уште поголема поддршка од Европската џудо-унија и од Светска џудо-федерација, како и од Македонскиот и од Светскиот олимписки комитет, која би ни овозможила да учествуваме на повеќе меѓународни натпревари и тренинг-кампови, каде што би можеле нашите џудисти да се сретнат со светски познати имиња во џудо-спортот и заеднички да имаат спаринг-сесии и на тој начин заедно со тренерите да ги подобрат својот перформанс, знаење и техники. Само со заедничко залагање на Европската џудо-унија, Светската џудо-федерација и Олимпискиот комитет можеме да очекуваме добри резултати. Н.М.
Џудото како јапонска традиционална вештина постои од 1882 г.
Основоположник на џудото како традиционална јапонска вештина е Џигоро Кано, основач на џудото. Раната историја на џудото е неразделна од неговиот основач, јапонскиот полиматик и едукатор Кано Џигоро (1860-1938). Неговиот татко, Џиросаку, бил вториот син на главниот свештеник на храмот Шинто Хијоши во префектурата Шига. Џудото го формирал во 1882 година. Како олимписки спорт датира од 1964 година, од Олимпијадата во Токио. Џудото во Македонија датира од 1960 година, во моментов има 20 активни клуба, кои се натпреваруваат на поединечни државни првенства, по возрасни категории распределени во тежински категории, и тоа деца, помлади пионери и пионерки, пионери и пионерки, кадети/ки, јуниори/ки, млади сениори до 23 години, сениори и ветреани, како и екипно државно првенство за сениори. Имаме натпревари и во машка и во женска конкуренција и, исто така, има рамноправна застапеност во сите комисии и лиценцирани судии и тренери од двата пола, вели Миодраг Стојановиќ, потпретседател на Македонската џудо-федерација.
Тој објаснува и за деталите за полагањето за секој појас.
– Има програма за полагање на ученички појаси, која ја спроведува клупска комисија со надзор претставник на ДАН-комисијата, кој ја следи регуларноста на полагањето, и програма за полагање на мајсторски појаси, која се изведува пред ДАН-комисијата, почнувајќи од кандидат-мајстор кафен појас (1КЈУ) од 15-годишна возраст, па нагоре, до мајсторски црн појас 5-ти ДАН. Над 5-ти ДАН се полага пред комисија од повисок ранг ЕЏУ и ИЏФ. Се земаат предвид освоените медали и постигнатите резултати, кај повозрасните тренерското искуство и посетата на семинари и обуки – рече Стојановиќ. Н.М.
Со практикување џудо се постигнува и подобрува физичката и менталната зрелост
Апсолутно, со џудо-спортот и научно се докажа дека се подобрува менталната и психофизичката форма на џудистот. Другарството секогаш било одлика на спортистите. Во џудо-спортот, кој е контактен спорт, еден на еден, тоа другарство уште повеќе се зацврстува и преминува во доживотно пријателство, со оглед на тоа дека старосните години се детерминирани и секогаш се дружат деца од иста возраст и секогаш имаат многу заеднички теми за разговор и дискусии, а тренингот им помага да се изградат во една комплетна и стабилна личност, која ќе има силен карактер и стабилност. Веќе и научните истражувања потврдуваат дека децата што практикуваат џудо прераснуваат во добри карактерни личности, секогаш подготвени да помогна кога е потребно. Сите полициски и воени единици, без разлика на полот во својот состав на регуларната и специјална единица, приоритет им даваат на џудистите, бидејќи им е добропознато дека џудото е контактен спорт и џудистот во секое време може да преземе активност за совладување на потенцијалниот непријател, совладувајќи го без употреба на преголема сила и повреда. Н.М.