Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), 2,7 милиони луѓе годишно умираат низ Европа од ултраобработената храна, алкохолот, тутунот и фосилните горива. Експертите велат дека моќните индустрии предизвикуваат лошо здравје и прерана смрт со мешање во владините политики и напорите за намалување на случаите на рак, срцеви заболувања и дијабетес.
Во новиот извештај, СЗО упатува на строга регулатива за намалување на моќта на индустријата и ги повикува владите да иницираат здравствени политики што индустријата редовно ги предизвикува, одложува, слабее или запира. СЗО објави дека повеќе од 7.400 луѓе умираат секој ден во Европа поради штетни производи и практики промовирани од комерцијалната индустрија.
– Овие комерцијални производи се одговорни за 24 проценти од сите смртни случаи, вклучувајќи ја и високата смртност од кардиоваскуларни болести (51,4 отсто) и од рак (46,4 отсто) – соопшти СЗО.
Во извештајот се наведува дека индустриите за тутун, алкохол, ултрапреработена храна и гориво се целосно или делумно одговорни за 2,7 милиони смртни случаи годишно во Европа. Во меѓувреме, глобалната слика покажува дека тутунот, фосилните горива и алкохолот предизвикуваат 19 милиони смртни случаи годишно, или 34 отсто од сите смртни случаи. По анализата на податоците, СЗО објави дека 1,15 милион смртни случаи годишно во Европа се предизвикани од пушење, 426.857 од алкохол, 117.290 од храна богата со преработено месо и 252.187 од храна богата со сол.
Овие бројки дури и не ги вклучуваат смртните случаи предизвикани од дебелина, висок крвен притисок, висок шеќер во крвта или висок холестерол. Извештајот ги повикува владите да ги препознаат тактиките што ги користи индустријата, како што се маркетинг, ширење дезинформации, промоции на социјалните мрежи, лобирање и поткопување на науката, како што е финансирање истражувања што ги унапредуваат нивните цели.