Илустрација: „Нова Македонија“

По неодамнешната акција во Србија на Безбедносно-информативната агенција, ВБА, МВР и Вишото јавно обвинителство во Ваљево, во која се уапсени тројца инженери од српската фабрика за производство на оружје и муниција „Крушик“, во јавноста се открива дека тие се сомничат дека во текот на 2024 година во континуитет имале контакти со граѓани од Македонија, вработени во компанијата „АТС груп“, основана во Македонија, при што им предавале безбедносно сензитивни информации, класифицирани документи на странска организација, направиле штета на безбедносните, одбранбените, воените и другите интереси на државата и ја ослабеле моќта на својата држава. Со тоа сите инволвирани направиле тешки кривични дела од областа на државната безбедност. Каков импакт би можел да има овој случај на билатералните односи на релацијата Македонија-Србија?

Србија и Македонија во вителот на разузнавачко- безбедносните игри на глобалните геостратегиски играчи

Акцијата на српската полиција изведена на 22 јули годинава, во која поради постоење на основи за сомневање дека е сторено кривично дело шпионажа, припадниците на МВР во Ваљево, во заедничка акција со српските разузнавачко-безбедносни служби, Безбедносно-информативната агенција (БИА) и Воено-безбедносната агенција (ВБА), а во соработка со Вишото јавно обвинителство во овој град, лишија од слобода тројца осомничени инженери вработени во холдингот од областа на наменската (воена) индустрија „Крушик“-Ваљево. Покрај инженерите, кои се српски државјани, во случајот според јавно достапните информации централно место заземаат и една македонска фирма и македонски граѓани.

Кои се сторителите што се
сомничат за извршено кривично дело „шпионажа“?

Според соопштението на српското МВР, приведените и осомничени во неодамнешната акција на српското МВР се поранешни и актуелни инженери во холдингот „Крушик“ од Ваљево, кои кривичното дело „шпионажа“ го извршиле на тој начин што „неовластено одзеле доверлива деловно-техничка документација од оваа фирма и ѝ ја предале на странска организација, на штета на безбедносни, одбранбени, воени и други интереси, како и слабеење на моќта на Република Србија“.
Како што спомнавме погоре, со оваа акција повторно во фокусот на српските безбедносни служби е компанијата „АТС груп“ од Македонија. Оваа компанија, односно нејзиниот основач и сопственик Шевкет Демировски, е клучен елемент во основаното сомнение на српските безбедносни служби, дека „за странски интерес е извршено кривичното дело за кое се товарат извршителите“.
Според одредени извори, голема е веројатноста дека поради претходно обезбедени материјални докази надлежните служби во соседна Србија, на 11 ноември 2019 во Белград бил лишен од слобода и самиот Шевкет Демировски, сопственик на македонската компанија „АТС груп“.

Краток осврт кон дејноста на македонската компанија „АТС груп“

„АТС груп“ има погон за производство на т.н. „композитни производи и производи наменети за опрема на армијата и полицијата во делот на балистичката заштита и балистичката безбедност“. Фабриката беше отворена во јули 2019 година во индустриската зона Визбегово во Скопје, а е во сопственост на Шефкет Демировски.
Дејноста на овој индустриски капацитет е производство на шлемови, елеци и други реквизити за лична заштита на професионалните војници и полицајци. Во портфолиото на „АТС груп“ се наведува дека развива стотина нови производи годишно за елитните специјални сили. Производство е под континуиран надзор на сопствени експерти образовани за наменско производство, но и под надворешна контрола на странски деловни партнери според стандардите ИСО 9001.
Исто така, има континуирана соработка во областа на развојот на нови материјали со познати институти од Европа, САД и други региони. Станува збор за специјализирана фабрика за балистички производи и решенија со мултинационални консултации, во соработка со главните субјекти на пазарот. Производството е според стандарди и препораки што ги бараат НАТО и САД.
Интересно е што за сопственикот на компанијата „АТС груп“, Демировски, пред неговото апсење во Белград во 2019 година, во медиумите во соседна Србија беше објавено дека тој „собирал докуметнација од фабриката за муниција ’Први партизан’ од Ужице“, а делото го сторил со цел „да изработи машина за производство на муниција со калибар 12,7 мм во погоните на некогашната фабрика за муниција „Сувенир“ во Македонски Брод, како и во фабриката за оружје во Катар, каде што исто така е косопственик.
Инаку, „АТС груп“ е гринфилд-инвестиција од три милиони евра, која на почетокот започна со вработување 80 лица. Финалниот производ е наменет за извоз на странските пазари, пред сѐ во Европа, Турција и Катар. За Демировски е познато дека претходно неколку децении работел во странство, пред да одлучи да инвестира во Македонија. Во ноември 2019 г. Демировски беше притворен во Белград како осомничен за „илегален откуп на интелектуална сопственост“.

Негувањето и развивањето на билатералните релации се клуч за развој и интеграции

Според нашите соговорници, вакви сензитивни случаи може да имаат далекосежни последици на добрососедските билатерални односи помеѓу двете земји. Таквите разузнавачко-безбедносни петна, кои во јавноста и не се експлоатираат толку многу, може да имаат девастирачки влијанија на меѓусебните соседски релации, тврдат нашите соговорници. Но исклучително е битно носителите на највисоките државни функции проблемите од овој вид да ги анализираат трезвено и инстантно да ги разлистуваат докрај, за да не останат некаква „резервираност и темни петна“. Соговорниците поентираат со една народна изрека во која се вели дека „подобро е да се има близок сосед отколку далечен пријател“…
Во тој контекст ја издвојуваме и неодамнешната изјава на премиерот Мицкоски, кој истакна во јавноста дека ќе гради добрососедски односи, принципиелни односи, засновани на двонасочна улица, градење мостови и чесно решавање на проблемите, бидејќи тоа го очекуваат граѓаните од оваа влада.
– Почитувањето е двонасочна улица, мора да се однесуваме така, не смееме да имаме двојни стандарди, мора да имаме принципиелен однос, така се однесувам како принципиелна личност и така ќе продолжам да се однесувам во животот, без разлика дали некому му се допаѓа или не – рече неодамна во една пригода премиерот Мицковски.
И иако неповрзано директно со овој случај, тоа принципиелно значи дека формулата за сопствен развој не е да му се нанесе штета на некој друг или на соседот и да се извлече корист од тоа, а другите да стагнираат и да трпат штети, туку, напротив, да се остварат заедничките цели, со сите соседи, во една искрена и отворена соработка, во насока на сеопштиот просперитет и благосостојба.


Сопственикот на „АТС груп“ во 2019 година со кауција од 200.000 евра пуштен од притвор од Србија, за да се брани од слобода

По неодамнешната акција во Србија на Безбедносно-информативната агенција, ВБА, МВР и Вишото јавно обвинителство во Ваљево, во која се уапсени тројца инженери од српската фабрика за производство на оружје и муниција „Крушик“, се наведува дека тие се сомничат дека во текот на 2024 година во континуитет имале контакти со граѓани од Македонија вработени во компанијата „АТС груп“, на чело со Демировски.
Веднаш по акцијата, српските медиуми извадија од архивите дека овој македонски бизнисмен на 11.11.2019 година бил уапсен во операцијата на Вишото јавно обвинителство во Белград, БИА и ВБА, заедно со пензиониран инженер во ПД „Први партизан“ а.д. од Ужице и уште двајца инженери во таа фирма, поради сомнение дека како сопственик на ПД „АТС груп“ од Скопје, преку пензиониран инженер во ПД „Први партизан“, дошол до деловно-техничка документација и податоци поврзани со технологијата на изработка на одредени машини, односно технологијата на производство на оружје и муниција, која ја изработила ПД „Први партизан“.
Но, само по еден месец од приведувањето Демировски бил пуштен со кауција од 200.000 евра за да се брани од слобода.
Две години подоцна, без да се чека вештачење за безбедноста на информациите што претставуваат воена тајна (што Демировски сам го барал), од вршителот на должноста заменик-јавен обвинител во Специјалното одделение за сузбивање на корупцијата на ВЈТ во Белград била отфрлена кривичната пријава против него, по што на 21.1.2021 година уплатил 29.393.925 српски динари (околу 250.000 евра) на име на опортунитет.
– Демировски на тој начин бил ослободен од сомнението за кривично дело – поткуп при вршење стопанска дејност, иако сакаше да дојде до тајни информации за проекти и документи за производство на српско оружје и муниција. Опортунитетот е применет пред да пристигне мислење од стручно лице од областа на технолошко-информациската безбедност на 15.4.2021 година, со кое е утврдено дека документацијата што е одземена од пензионираниот инженер е автентична, дека шест групи документи, техничка документација означени со ОДБРАНА СЛУЖБЕНА (ВОЕНА) ТАЈНА – ВНАТРЕШНА И ДОВЕРЛИВА, на вкупно 71 страница, и други документи што се техничка документација без тајна ознака – се наведува во српските медиуми за овој случај.
По последното апсење на тројца инженери од „Крушик“, кои се изведени и пред Вишото јавно обвинителство во Ваљево, во српските медиуми се констатира дека „тоа покажува дека компанијата на Демировски навистина сака да дојде до доверливи податоци на српската наменска индустрија“. Ј.П.


Српските власти се огласија за шпионската афера
Александар Вучиќ: Македонија е само проточен бојлер кон други служби

За оваа шпионска афера од воено-индустриски вид се огласи и српскиот претседател Александар Вучиќ, со оцена дека во Македонија функционира една алка во веригата по која течат безбедносно класифицираните информации кон други служби во регионот, не прецизирајќи притоа дали станува збор за поединци или организирана група македонски државјани во функција на други служби во регионот.
– Ова трае долго време, тоа го прават од сите страни. Ова го следиме долго време. Точно знаеме за кого станува збор, преку кого тоа одело и кој бил, а и кој требало да биде крајниот корисник. Македонија е проточен бојлер. Точно е еден од тие лица, но е проточен бојлер на некои други служби во регионот – изјави Вучиќ.
Експертите од одбранбената индустрија во Србија се сомневаат дека Демировски е, всушност, параван за многу посериозни играчи
– При претрес на повеќе локации, станови и деловни простории се пронајдени докази дека ѝ предале доверлива документација на фирмата „АТС груп“-Скопје, сопственост на Демировски, која се занимава со производство на оружје и воена опрема. Оваа група има фабрики и во Катар, а во април годинава Демировски го претстави својот нов советодавен одбор, на чие чело е пензионираниот генерал на американската армија Џејмс Л. Џонс, кој беше командант на американските маринци (1999-2003), врховен командант на НАТО и американските сили во Европа (2003-2006), како и советник за национална безбедност на американскиот претседател Барак Обама (2009-2010). Ј.П.


Кај еден од уапсените инженери, српски државјанин, со иницијали М.О., е пронајден и договор за негово ангажирање од страна на фирмата „АТС инженеринг“-Скопје, со што, според српските надлежни органи, „недвосмислено се потврдило оперативното сознание дека тој паралелно со хонорарниот работен однос во ’Крушик’ работи и кај македонскиот државјанин Шевкет Демировски“. Инженерот со иницијали Д.Л. во полиција изјавил дека бил ангажиран во споменатата македонска фирма „АТС груп“

Медиумите излегоа со повеќе детали за приведените инженери во случајот „Крушик“

Кај приведениот М.О. е пронајдена хартија со рачно напишани нумерички ознаки што се однесуваат на „кошулката, телото и крилцата“ на најверојатно минофрлачки проектил, а осомничениот потврдил дека тој е авторот. Во неговиот стан биле пронајдени копии од документ од „Крушик“ за неколку специјални видови барут, кои биле класифицирани како службена тајна: „Одбрана – службена тајна – доверливо“, како и „табела за пукање“ за минофрлач од 120 мм на англиски јазик, што се третира како деловна тајна. Пронајдени се и признаници за суми од над 50.000 евра, кои му ги предал на градежниот изведувач М.К. од Ваљево. Според достапните податоци, М.О. се обидел на овој начин да го прикрие потеклото на парите, поради страв дека може да биде откриен и кривично гонет.
Кај М.О. е пронајден и договор за ангажирање на фирмата „АТС инженеринг“ од Скопје, со што недвосмислено се потврдило оперативното сознание дека тој паралелно со хонорарниот работен однос во „Крушик“ работи и кај Шевкет Демировски.
Инженерот Д.Л. во полиција изјавил дека бил ангажиран во споменатата македонска фирма. Според нашите сознанија, докази за индустриска шпионажа се пронајдени на повеќе лаптопи, УСБ-стикови и телефони.
Кај приведениот Д.М. е најден договор за ангажман за „АТС инженеринг“-Скопје, како и повеќе од 10.000 евра. Ј.П.