Сите библиотекари со кои контактиравме со радост ја прифатија оваа идеја и одговорија на нашето прашање. Тие се патот и патоказот кон добрите книги за децата, но и за возрасните читатели, па ред е да „чепнеме“ во нивните срца и да видиме кој книжевен наслов од детството е заклучен таму

ВРЕМЕПЛОВ – КОИ СЕ ОМИЛЕНИТЕ КНИГИ ЗА ДЕЦА НА МАКЕДОНСКИТЕ БИБЛИОТЕКАРИ (1)

Буквите, зборовите, речениците, песните, расказите, книгите имаат чудесна моќ. Откако ќе бидат прочитани и доживеани со срцето, умеат длабоко да се втиснат во нас и да остават неизбришливи траги во текот на целиот наш живот. Првопрочитаните книги се паметат како и првите наставници и првите другарчиња, како првото одење на екскурзија и првото летување без мама и тато.
Која е ваша омилена книга? Ќе се сетите ли веднаш или треба да подразмислите? Сакате да знаете која е мојата омилена книга од детството? Веднаш ќе ви кажам. Од прва секогаш велам: „Прости ми, канаринке“ од Видое Подгорец.
Низ годиниве во „Колибри“ правевме разни избори на педесет најчитани наслови за деца од македонски автори, потоа ги баравме омилените книги од детството на писателите за деца, па омилените книги на познатите… Но размислувајќи каква содржина да подготвам за овој број, се сетив на тие верни чувари на библиотеките и на книгите – библиотекарите.
Тие се патот и патоказот кон добрите книги за децата, но и за возрасните читатели, па ред е да „чепнеме“ во нивните срца и да видиме кој книжевен наслов од детството е заклучен таму.
Сите библиотекари со кои контактиравме со радост ја прифатија оваа идеја. Како едвај да чекале да бидат прашани. Многу се израдуваа и тие, но и јас. А сега прочитајте ги нивните впечатоци и најдете ги нивните препораки за книги што можеби ќе ви бидат одлично друштво ова лето.

ВЕРА ИСКОВА, БИБЛИОТЕКАРКА ВО ООУ „БЛАЖЕ КОНЕСКИ“ – ПРИЛЕП

Почитуваната редакција на „Колибри“ ме стави пред интересен предизвик: од многубројните неверојатни и возбудливи приказни што се кријат во литературата за деца да одберам книга што сум ја прочитала и ми оставила многу силен впечаток, толку силен што обврзува да биде прочитана и би им ја препорачала на децата.
За почеток ја препорачувам „Бескрајна приказна“ од Михаил Енде, книга во која фантазијата и авантурата се императив, а кога има многу фантазија и голем број авантури никако не може да биде здодевно. Кон оваа книга ме привлекоа и осаменоста на главниот лик Бастијан и помислата дека оној тивкиот, безначајниот, кому му се потсмеваат, или во најдобар случај го игнорираат, може да биде клучот, надежта и спасот на светот.
Книгата „Срце“ од Едмондо де Амичис исто така е книга што е сè само не здодевно четиво и ме остава трогната секогаш кога ќе помислам на неа. Пишувана е во форма на дневник на еден ученик, но приказните што се исткаени во неа, решенијата за детските и животните дилеми и моралните вредности на кои нè поучува ја прават безвременска.
А сега мојата омилена македонска авторка, почитуваната Оливера Николова, која пишува дела за деца и за возрасни, а еднакво е добра и на двете полиња, но на сите нас, ќе речам без исклучок, кога ќе го чуеме нејзиното име пред очите ни заигрува сликата на малиот Зоки и неговата верна другарка Лидија. Не брзајте со претпоставките, драги читатели, не е „Зоки Поки“ мојата препорака за вас, бидејќи сум сигурна дека веќе сте ја прочитале! Јас ќе ви ја препорачам книгата „Земјата во која никогаш не се стигнува“, која е издадена во далечната 1966 година и за која почитуваната Николова има добиено две награди: наградата на РТС и на СВП, наменета е за учениците од почетните одделенија, а мене ме воодушеви пораката што авторката суптилно ни ја нуди: убавината и посебноста на секоја буква од нашето кирилско писмо од една страна, а од друга страна како може една форма да биде почеток на безброј приказни, бидејќи сите ние сме различни и според тоа различно ги доживуваме формите. Интересно, нели?
За крај се одлучив за писателката Љиљана Белева и нејзиниот роман за млади „Круна од светулки“, интересна, јасна и разбирлива приказна со авантуристички дух и детективски елементи, но и комични ситуации, па се чита во еден здив.
Морам да ви признаам дека од почитуваната редакција ми беше сугерирано да издвојам само четири наслови, но токму во моментов се сетив на неверојатната „Сината птица“, на нобеловецот со белгиско потекло Морис Метерлинг. Фасцинирачка приказна, која исто како „Малиот принц“ на Егзипери со еднаков интерес и задоволство можат да ја читаат и децата и возрасните. Во неа авторот вели: „…сè додека нештата имаат душа, ќе бидат независни…“, а што е поважно од слободата и независноста? Во оваа книга можеш да бидеш „…многу болен за среќа…“, „…во светот постојат многу повеќе среќи од што може да се замисли, …ама најголем број луѓе не ги гледаат…“ и „…сите камења се исти, сите се скапоцени, но човекот може да види само некои од нив…“

МАЈА ТРАЈКОВИЌ, БИБЛИОТЕКАРКА ВО ООУ „НЕВЕНА ЃОРЃИЕВА-ДУЊА“ ВО КИСЕЛА ВОДА, СКОПЈЕ

Драги читатели, благодарна сум за можноста како библиотекарка да напишам неколку реда за моите омилени книги, кои со љубов ги читам и препрочитувам и ги препорачувам да ги земете в раце.
Мојата омилена книга од детството е „Робинзон Крусо“ од Даниел Дефо. Оваа книга ми беше мошне интересна поради опстанокот и авантурите на еден човек 28 години да ги живее сам на пуст остров. Книга што особено ја препорачувам за децата на денешницата е „Невидлив“ од Елој Морено. Оваа книга ја обработува темата на меѓуврсничкото насилство во училиштата. Низ чувства и мисли се опишани причините и последиците за кои целото општество премолчува. Мојот трет предлог е книгата „Јас сум Акико“ од современиот српски автор за деца и за возрасни Стефан Тиќми. Поетски роман за едно девојче што живее со својот татко и е многу осамено и се чувствува многу различно од другите деца.

Д-Р НАДЕ КАРАЏОСКА, БИБЛИОТЕКАРКА СОВЕТНИЧКА ВО ЈОУ ГРАДСКА БИБЛИОТЕКА „БОРКА ТАЛЕСКИ“ – ПРИЛЕП

Почитувани мали читатели на „Колибри“, и јас кога бев малечка како вас обожавав да читам книги. Затоа ви препорачувам неколку изданија што ми оставија впечаток како ученичка во основното образование.
„Возот в снег“ е роман за деца на хрватскиот писател Мато Ловрак, објавен во 1931 година. Романот е напишан според вистинити настани, кои го инспирирале авторот. Дејството на романот се одигрува во Големо Село, каде што се наоѓа централното училиште во кое учат и децата од околните села. Меѓу нив се и трите деца од селото Јаболковец, Љубан, Драга и Перо, кои се главните ликови во романот. Еден зимски ден, одделението оди на екскурзија во градот, но на враќање, возот заглавува во висок снег. Децата од одделението се поделени: другарите на Перо стојат настрана, додека Љубан ги организира другите деца, кои се здружуваат и со рацете го чистат снегот, овозможувајќи локомотивата да го продолжи патот. „Хајди“ од Јохана Шпири изобилува со искрен и наивен, понекогаш и премногу сентиментален занес по идиличниот живот на децата во шумите и по осамените села во швајцарските Алпи. Во романот „Хајди“ се опишува животот на сиромашното девојче Хајди, кое е храбро и чесно, а во исто време е опишан животот на сиромашните селани што живеат во планините. Главни ликови во ова дело се: дедото од планината, Клара, Петре, Дета, г. Сеземан, бабата Сеземнан, баба Бригита, г-ца Потенмаер и др.„Малиот принц“ (француски: Le Petit Prince) е најпознатиот роман на Антоан де Сент Егзипери, објавен во 1943 година. Авторот му го посветил романот на својот најдобар пријател Леон Верт од времето кога бил дете, „зашто сите возрасни прво биле деца“. Оваа книга ја препорачувам како за ученици така и за возрасни, затоа што во неа има важни животни пораки и секој би требало да ја прочита и да ја понесе на секое патување во својот куфер.