Фото: Приватна архива

На домашната музичка сцена Блаж Маротов е актуелен со песната „Бог да ми даде сила“, создадена во семејна музичка работилница на Маротови. Тој вели дека неговата долга и континуирана активност е резултат на дарбата, долгогодишното искуство и на стекнато знаење

Благој-Блаж Маротов веќе половина век е присутен на македонската музичка сцена. Се почна од неговото учество на „Златно славејче“, а потоа следеше школувањето и првите настапи во оркестрите на МРТВ. Завршил Музичка академија во Скопје, а долги години работи како професор во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“, каде што предава Контрабас. Повеќе од 15 години свирел со Македонската филхармонија, а како член на разни оркестри, чест гостин е на програмите на националните телевизии. Настапува и соло, но и во „Дует Маротов“, со сопругата Јуле. Деновиве е актуелен со песната „Бог да ми даде сила“, создадена во семејна музичка работилница на Маротови.

Музиката и текстот на песната „Бог да ми даде сила“ ги потпишувате вие, но кој уште ви помогна во целосната реализација на оваа нумера, која периодов доста се врти во македонскиот радио етер?

– Стојам зад целиот проект, како и досега. Се потпирам на дарбата, но и на моето долгогодишно искуство и стекнато знаење, како и владеењето на некои инструменти. Така и ги склопувам моите проекти. Сепак, морам да кажам дека е потешко кога еден човек треба да ги изгради, создаде,и идејно и изведувачки (да се отсвират сите линии на аранжманот, на пример) и при тоа да се сочува и надградува идејата, и да се задржи добрата изведба во секој сегмент од целокупната музика. Песната беше почната на друг текст, минатата година. Некаде околу Нова година, планирав да работам на нова песна, за која и покрај два понудени текста, решив сам да напишам некоја сторија, на музиката што веќе ја имав, а делумно и идејата за аранжамнот со некои придружни вокали како лајт мотив на темата…

Со синовите и со сопругата / Фото: Приватна архива

Кој беше првиот „судија“ што го потврди квалитетот на „Бог да ми даде сила“?

– Што се однесува за мојот „судија“ за песните аранжманите, текстовите, миксот…, среќа е што дома имам повеќе судии – сопругата Јуле и снаата Лена за музиката и текстовите даваат комплименти или забалешки, Бојан за миксот,Гоце за аранжманот. Без нивниот „амин“ и повеќе пати преслушување на повеќе места, скоро и да не сум пуштил нова песна во етерот.

И спотот за оваа нумера е многу симпатичен, едноставен, а полн со живот. Има ли некоја приказна поврзана со снимањето на ова видео?

– Спотот е поврзан со љубовната приказна, што ја раскажувам преку текстот, а видео записот е направен со една продукција од Нови Сад, Србија, благодарение на мојот син Гоце,кој ги имаше контактите. Тој подолго време снима мали видеа за реклами, за неколку куќи кај нас, но и за Србија, Косово и Албанија, па како резултат на таа соработка го направивме и видеото. Сакавме да изгледа едноставно и кога се гледа да делува пријатно, да се изгледа „до крај“. Пријателите кои ми помогнаа,се Саве, Дамјан, Горан и Марјан, кои ги искористивме и како бек вокали во видео спотот.

Значаен дел во целата песна е и присуството на усната хармоника, благодарение на Панче Бујуклиев.

– Да, благодарение на мојот колега, професор Панче Бујуклиев песната звучи уште повпечатливо. Уште кога го снимавме серијалот „Еден бакнеж” на ТВ Алфа, слушнав дека свири усна хармоника, таму го поканив да гостува во мојот бенд, на една песна на Џокси. Кога ја создавав „Бог да ми даде сила“, добив идеја да има и усна хармоника во песната и веднаш знаев дека Панче ке биде тој кој ќе свири на неа. Закажавме термин и за кратко снимивме доста материјал за да го добијам тоа што ми треба.

Скоро секое лето сте актуелен со некоја нова песна. Дали во моментот работите на уште нешто во своето музичко студио?

– Во моментот работам на нова композиција, овој пат ми е малку полесно,ќе бидам само аранжер продуцент и секако изведувач. Со оваа песна ќе настапам на интернационалната вечер на „Охридски трубадури“, фестивал на кој секогаш со задовлство настапувам, таму ,едноставно се чувствувам убаво. Автори на песната се: Златко Бошковски, кој ја напиша музиката, а текстот е на Драган Матески.

Често настапувате сами, но и со членови на семејството, сепак, вашите обожаватели со нетрпение очекуваат ваш солистички концерт. Дали е такво нешто на повидок?

– Концерт, да, се разбира. Одамна сакам и планирам концерт и не само за да се одржи, да ми се пишува, туку да биде тоа вечер на музицирање низ песни од мојот опус. Иако не се познати како „каверите“ што ги исполнувам, немам комплекс поради тоа, ако е добра музиката и добро изведена, ќе биде добар и концертот.
По излегувањето на мојот албум „Среќа барам“ 2021 година, издадов неколку синглови како: „Лаго моја“, „Нека се вратат времиња златни“, „Забораваш“, „Животот е епизодна мода“, „Сплотеност љубов и мир“ и последната „Бог да ми даде сила“. Наскоро планирам и нова компилација за албум. Инаку, со мојот мешан фамилијарен состав настапуваме континуирано на секакви настапи по барање на јавност. Велам мешан бидејки настапуваме, кога заедно со Јуле, кога цел бенд,а понекогаш и како трио „М кантабиле“, каде изведуваме инструментална музика од сите меридијани.

Долго сте во музиката, што се вели од дете, кое првпат на голема сцена настапи на „Златно славејче“. Поминаа доста години оттогаш, успеавте ли да остварите поголем дел од она што го замислувавте на почетокот на кариерата?

-Како човек секогаш сум задоволен што постојам, што можам да го работам тоа што го сакам, и од тоа што сум го остварил досега. Но, секогаш имам и порив за уште достигнивања, бидејки мислам дека затоа човекот постои, да се бори, да твори, да направи нешто што ќе остане. Последните години влеговме во време каде немаме многу можност за вистински работи, живееме брзо, имаме слични желби да ни се случи се што ќе помислиме, без тоа да е тоа селектирано во поглед на квалитетот, да е издржано.

Активен сте на повеќе полиња, но сите на некој начин ги поврзува нејзиното височество – Музиката. Според вас, колку музиката им го разубавува животот на луѓето и дали ви е драго поради тоа што на ногумина сте им приредиле мигови за паметење со своите настапи, било како инструменталист, како дел до некој оркестар, во публика слушајќи некој ваш ученик или со своите песни?

– Музиката како дел од уметноста, но и како забава на луѓето,но ќе кажам и на целиот жив свет (моето куче Бекс неизмено ужива кога слуша гитарата), е неизоставен дел од животите на сите луѓе. Лично, најубаво се чувствувам кога на настап се сплотувам со публиката, кога таа ми возвраќа на вибрацијата која ја испраќам. Тоа чувствто ме допира, се памети, и за таа вибрација живеам од мали нозе. Кога ќе се роди тој конект на материјалното воопшто не помислувам.