Илустрација: „Нова Македонија“

Атентат врз поранешниот американски претседател Доналд Трамп

Беше многу блиску атентатот да биде со исход каков што посакуваа атентаторот (или атентаторите), но секако беше најсериозниот обид за криминална егзекуција на претседател или претседателски кандидат на САД од 1981 година, кога беше застрелан Роналд Реган. Овој криминален чин ја зголеми загриженоста за реалниот раст на политичкото насилство во длабоко поларизираните САД, на помалку од четири месеци пред претседателските избори

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп беше цел на атентат на митинг во американската сојузна држава Пенсилванија, неколку дена пред да ја прифати републиканската номинација за претседателски кандидат по третпат.
За време на митинг на Трамп меѓу неговите приврзаници, додека тој им се обраќаше на присутните, се слушнаа неколку истрели, по што брзо реагираше службата за безбедност, засолнувајќи го поранешниот американски претседател на безбедно. Додека го водеа кон неговото возило, Трамп со стисната тупаница во знак на пркос и со раскрварено уво најави продолжување на борбата.

Тајната служба соопшти дека го застрелала осомничениот стрелец, кој нападнал од позиција од која имал добра прегледност на местото на собирот, кој бил организиран на фарма во Батлер, Пенсилванија.

Во нападот, освен напаѓачот, беше убиен и еден од присутните на митингот (од страна на атентаторот), а двајца гледачи се тешко повредени, соопштија властите. Сите жртви се идентификувани.

Првичните информации од организаторите на кампањата на Трамп се дека тој е добро по пукањето, а лекарските прегледи покажале дека куршумот му го пронижал горниот дел од десното уво.
– Сакам да им се заблагодарам на американската тајна служба и на сите членови на органите за спроведување на законот за нивната брза реакција на пукањето што штотуку се случи во Батлер, Пенсилванија. Најважно, сакам да изразам сочувство до семејството на убиениот на митингот, како и до семејството на уште едно лице, кое беше тешко повредено. Ме погоди куршум што помина низ горниот дел од десното уво. Веднаш знаев дека нешто не е во ред бидејќи слушнав свиреж, истрели и веднаш почувствував како куршумот проби низ кожата. Имаше многу крвавење, па тогаш сфатив што се случува. Бог да ја благослови Америка – напиша Трамп на социјалната мрежа Тру сошл, која е во негова сопственост.

Обезбедувањето брзо го евакуираше повредениот Трамп – Фото: ЕПА

ФБИ вчераутро го идентификуваше Томас Метју Крукс (20) од Бетел Парк, Пенсилванија, како субјект вклучен во обидот за атентат. Федералната безбедносна агенција соопшти дека истрагата останува активна и во тек. Сè уште не е идентификуван мотивот за обидот за атентат.

Нападот беше најблиску до „успешен атентат на претседател или претседателски кандидат“ откако беше застрелан Роналд Реган во 1981 година. Тоа ја зголеми загриженоста за политичкото насилство во длабоко поларизираните САД, на помалку од четири месеци пред претседателските избори. Овој настан ќе влијае и врз безбедносната положба на Републиканската национална конвенција, која треба да започне денеска во Милвоки. Организаторите најавија дека конвенцијата ќе продолжи според планираното.

Трамп замина за Њу Џерси по посетата на локалната болница во Пенсилванија, а слета нешто по полноќ на меѓународниот аеродром „Њуарк либерти“. На видеото објавено од негов помошник се гледа како поранешниот претседател се симнува од својот приватен авион, опкружен со агенти на американската тајна служба и тешко вооружени членови на тимот за контранапад на агенцијата. С.Т.


Бајден: Нема место во Америка за ваков вид насилство

Актуелниот американски претседател Џо Бајден, кој се кандидира против Трамп на претстојните претседателски избори закажани за ноември, бил информиран за инцидентот и разговарал со Трамп неколку часа по пукањето, соопшти Белата куќа.
– Нема место во Америка за ваков вид насилство – рече претседателот во јавните забелешки. „Тоа е болно. Болно е“.

Бајден планираше рано да се врати во Вашингтон, скратувајќи го викендот во неговата куќа на плажа во Рехобот Бич, Делавер.

Многу републиканци брзо ги обвинија за насилството Бајден и неговите сојузници, тврдејќи дека постојаните напади врз Трамп како закана за демократијата создадоа токсична средина. Тие особено укажаа на коментарот што Бајден им го даде на донаторите на 8 јули, велејќи дека „време е да се стави Трамп како цел“.


Несфатливи пропусти на безбедносните служби

И натаму се прават анализи како атентаторот врз Доналд Трамп успеал незабележано да се позиционира блиску до позицијата на поранешниот американски претседател и од таму непречено да истрела неколку истрели.

Според извори во безбедносните служби, Крукс бил позициониран на покривот на производствената постројка, на повеќе од 180 метри оддалеченост од сцената каде што се обраќал Трамп.

Снимката на која се гледа како атентаторот на Трамп, 20-годишниот Томас Метју Крукс, чие име го потврди ФБИ, ползи на нискиот покрив над подиумот на митингот во Пенсилванија ги запали социјалните мрежи. Луѓето бесни коментираат дека не е можно толку ниска точка на митингот да не биде обезбедена и забележана од обезбедувањето.

Самиот покрив бил оддалечен на помалку од 200 метри од подиумот каде што говорел Трамп, пишува Би-би-си.

Во меѓувреме, се појави сведок на атентатот на Трамп, човек по име Грег, кој за Би-би-си изјави дека се обидел да го предупреди обезбедувањето за атентаторот што го видел на покривот, но дека никој не реагирал.

Локалната полиција соопшти дека „одговорила на голем број извештаи за сомнителна активност“, но не даде дополнителни детали.

Напаѓачот бил вооружен со полуавтоматска пушка „АР-15“, пренесоа американските медиуми.


ФБИ изненадено од нападот?!

Американското Федерално биро за истраги (ФБИ) призна дека е „изненадувачки“ што напаѓачот испукал повеќе истрели без властите да знаат од каде бил отворен оган врз поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој беше повреден во обидот за атентат за време на неговиот предизборен митинг во Пенсилванија.

Кевин Ројек, специјален агент задолжен за канцеларијата на ФБИ во Питсбург, на прес-конференција призна дека е „изненадувачки“ што напаѓачот успеал да испука повеќе истрели за време на митингот на поранешниот претседател Доналд Трамп во Батлер, Пенсилванија, пренесува Си-ен-ен.

На новинарско прашање дали може да потврди дека властите дури кога се пукало дознале дека напаѓачот бил на покривот, Ројек одговорил дека тоа е „актуелна процена“.
– Во следните денови, недели и месеци ќе има детална истрага за тоа што точно се случило и како поединецот успеал да дојде до локацијата, како и какво оружје поседувал – изјави Ројек.


Светските лидери со осуда на обидот за атентат врз Трамп

Светските лидери го осудија обидот за атентат врз поранешниот американски претседател Доналд Трамп на предизборниот митинг во Батлер, Пенсилванија.
– Сè уште сме сведоци на неприфатливи акти на насилство врз политиката – напиша на социјалната мрежа Икс високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.

Длабока шокираност од инцидентот покажа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, која истакна дека за политичкото насилство нема место во демократијата.
– Му посакувам на Доналд Трамп брзо закрепнување – објави Лејен на Икс.

И претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на Икс напиша дека е згрозен од веста за пукањето врз Трамп.
– Вакво насилство нема никакво оправдување и нема место никаде во светот. Насилството никогаш не победува. Мило ми е што дознав дека Доналд Трамп е добро и му посакувам брзо закрепнување. Изразувам сочувство до роднините на учесникот на митингот, кој стана жртва на нападот, им посакувам сила на сите што се ужаснати од овој настан, се надевам дека Америка ќе излезе посилна од ова – истакна Зеленски.
Премиерот на Канада, Џастин Трудо, изјави дека „никогаш не е дозволено политичко насилство.Мислите ми се со поранешниот претседател Трамп, со луѓето на настанот и со сите Американци“.

Тајванскиот претседател Вилијам Лаи му посака брзо закрепнување на Трамп.
– Нема да дозволиме политичко насилство во каква било форма во нашите демократии.
Изразувам искрено сочувство до жртвите од нападите – истакна Лаи.
Јапонскиот премиер Фумио Кишида наведе дека Јапонија се спротивставува на секој облик на насилство што ја предизвикува демократијата.

Претседателот на Бразил, Луис Инасио Лула да Силва, пукањето врз Трамп го оцени како неприфатливо.
– Нападот врз поранешниот претседател Доналд Трамп мора одлучно да го осудат сите бранители на демократијата и дијалогот во политиката. Она што го гледаме денес е неприфатливо – истакна Силва.

Премиерот на Индија, Нарендра Моди, го нарече Трамп пријател и му посака брзо закрепнување.
– Силно го осудувам она што се случи. Насилството нема место во политиката и демократијата – истакна Моди.

Претходно обидот за атентат врз Трамп го осудија американските политичари и премиерите на Израел и на Унгарија, Бенјамин Нетанјаху и Виктор Орбан, како и претседателот на Хондурас, Ксиомара Кастро де Зелаја.


Премиерот Мицкоски: Нашите мисли и молитви се со Трамп, неговото семејство и со американскиот народ

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски преку објава на социјалната мрежа Фејсбук го осуди обидот за атентат врз поранешниот американски претседател.
– Во овие моменти на тага, шок и загриженост на американскиот народ, како претседател на Владата, упатувам изрази на најголема осуда за кукавичкиот обид за атентат врз претседателот Доналд Трамп. Истовремено, на претседателот Трамп и на повредените граѓани им посакувам побрзо закрепнување и заздравување.
Нашите мисли и молитви се со претседателот Трамп, со неговото семејство и со американскиот народ – објави премиерот Мицкоски.