Фото: З.А

Културно уметничкото друштво „Бисер“ од Кичево, од 11 до 15 јули ќе учествува на Меѓународниот фолклорен фестивал кој по 23-ти пат ќе се одржи во Велика Горица, Хрватска.

На фестивалот ќе учествуваат 15 културно уметнички друштва и фолклорни ансамбли од повеќе европски земји. Фестивалот има натпреварувачки карактер и истиот ужива се поголемо реноме помеѓу фолклорните друштва и ансамбли во регионот.

– Нашето друштво ќе има четири настапи и очекуваме да бидеме добри репрезенти на македонското оро и песна. Денес ќе учествуваме на дефилето што ќе се одржи на главната улица во Горица, а вечерта ќе бидеме присутни и на отворањето на овој реномиран фестивал. Во официјалната програма нашето друштво ќе се претстави со орските сплетови, „Копачија“ ,„Ѓурѓовден“,„Истерување на чумата“ и „Водарки“. Покрај со изведбите на фолклорниот ансамбл, ќе се претставиме и со оркестарот на народни инструменти, а пеачката група ќе ги изведе песните „Роса Роси“ и „Додолица“ – истакна Младен Ванчоски, претседател на КУД „Бисер“ – Кичево.

Тој нагласи дека покрај учеството на отворањето на фестивалот, друштвото од Кичево ќе се појави на сцената и во трите преостанати фестивалски вечери, по што ќе бидат прогласени најуспешните друштва учесници на овој фестивал.

Претседателот потсети дека покрај од Македонија на фестивалот ќе земат учество и фолклорни друштва од БиХ, Романија, Унгарија, Словачка, Полска, Црна Гора, Хрватска и други земји.

Целокупната програма ќе се одвива на летната сцена во центарот на градот.

З.А