Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во соработка со припадници на Министерството за внатрешни работи (МВР) открија и спречија шверц на јагниња во Албанија, информираат од агенцијата.
Како што информира АХВ, се работи за 63 јагниња кои требало нелегално да се извезат во Албанија, а биле одгледувани близу Прилеп.
– Во координирана акција, возилото со кое се транспортирале јагнињата е стопирано од полициски службеници во Струга и по спроведена контрола од инспектори на АХВ е утврдено дека станува збор за 63 јагниња кои не се идентификувани согласно Законот за идентификација и регистрација на животните, а транспортерот не поседувал и сертификати за здравствена состојба на животните. Согласно дадената изјава на транспортерот, животните се со потекло од населено место во Прилеп – наведува АХВ.
Согласно одредбите од Законот за инспекциски надзор, јагнињата се одземени од лицето кое ги транспортирало и се предадени на Агенцијата за управување со одземен имот. Против транспортерот ќе биде поднесена прекршочна санкција за движење на неидентификувани животни без документи за движење.