Луис де ла Фуенте Дидие Дешам Роналд Куман Герет Саутгејт - Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ГЕРМАНИЈА

Де ла Фуенте е во обид да ја продолжи трофејната низа по успесите со три младински селекции и во Лигата на нациите, Дешам и Куман се во игра да го стигнат рекордот на Фогтс, но Дешам да стане и најтрофејниот во фудбалот, а Саутгејт по три полуфиналиња е во трка по првиот трофеј

Селекторите на четирите полуфиналисти на фудбалското Европско првенство (ЕП) во Германија се во трка по значајни индивидуални достигнувања, Луис де ла Фуенте да ја продолжи трофејната низа со репрезентации на Шпанија, Дидие Дешам (Франција) и Роналд Куман (Холандија) се во игра да го стигнат рекордот на Берти Фогтс, но Дешам и да стане најтрофејниот во фудбалот, а Герет Саутгејт (Англија) по три полуфиналиња да стигне до првиот трофеј.

Де ла Фуенте, пред да стане селектор на сениорите на Шпанија, беше кормилар на младинските репрезентации на таа земја до 19, до 21 година и на олимписката селекција (до 23 години). Тој стана европски првак со категориите до 19 (во 2015 година) и до 21 година (во 2019-та) и освои сребро на Летните олимписки игри во Токио во 2021 година. Со сениорите, пак, победи во Лигата на нациите во 2023 година.

Дешам е еден од најтрофејните во светот на фудбалот. Тој како играч беше европски клупски првак со францускиот Марсеј (во 1993 година, како капитен) и со италијанскиот Јувентус (во 1996 година) и светски и европски шампион со Франција (1998, односно 2000 година, во двата случаја како капитен). Како селектор на Франција, пак, беше светски првак во 2018 година, финалист на Европското првенство во 2016 година и на Светското првенство во 2022 година, како и победник во Лигата на нациите во 2021 година. Со евентуален трофеј ќе стане првиот што бил и светски и европски првак и како фудбалер и како селектор.

Куман во играчката кариера беше европски првак со холандскиот ПСВ Ајндховен во 1988 година (стрелец во пенал-серијата за триумф) и со шпанска Барселона во 1992 година (стрелец на единствениот гол во финалето), како и со репрезентацијата на Холандија во 1988 година. Како селектор, тој со Холандија беше втор во Лигата на нациите во 2019 година.

Герет Саутгејт како селектор четврти пат е полуфиналист со Англија на големо натпреварување, по Светското првенство во 2018 година (четврто место), Лигата на нациите во 2019 година (третото место) и Европското првенство во 2021 година (вицешампион).

Рекордот на Фогтс на актуелното ЕП може да биде израмнет од Куман или од Дешам. Поранешниот дефанзивец на Борусија Менхенгладбах, Фогтс, беше член на победничката репрезентација на Западна Германија во 1972 година, потоа тој беше селектор на Германија на ЕП 1992 (второ место), а четири години подоцна победи во финалето, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).

Дешам беше капитен на Франција во победата на ЕП 2000. Тој е само третиот човек што освоил титула на светско првенство како играч (во 1998 година) и како селектор (во 2018 година). Како и Фогтс, тој ја водеше репрезентацијата до финалето на своето прво ЕП како селектор, во 2016 година, пишува УЕФА. Куман, пак, ја предводеше одбранбената линија на репрезентацијата на Холандија за титулата на ЕП 1988, а како селектор ја презеде должноста во Холандија првпат во 2018 година и ја одведе до финалето на Лигата на нациите во 2019 година. Н.М.