Фото: ЕПА

Со одлуката донесена вечерта на 9 јуни за распуштање на Националното собрание, претседателот на Франција предизвика уривање на своето мнозинство и, на крајот, сопствено бришење во следните три години, забележува нашата колешка Солен де Ројер, новинарка во „Ле монд“

ПО БРУТАЛНАТА ОДЛУКА ЗА РАСПУШТАЊЕ НА СОБРАНИЕТО, МАКРОН САМИОТ СЕ ИЗБРИША ДО КРАЈОТ НА МАНДАТОТ

Доволно е да се погледнат резултатите: Националниот собир (крајната десница) 33,15 отсто пред Новиот народен фронт на левицата со 27,99, заедно на макронистите со 20,83 (класичната десница), републиканците 6,57, десницата 3,66, различни партии 1,82, левицата 1,53, центарот 1,22 и крајната левица 1,15 отсто.
Меѓу лицата што го обележаа макронизмот во изминатите седум години, поранешниот министер Клеман Бон е елиминиран во Париз во првиот круг; министерката за прекуокеански француски територии и департмани Мари Гевену е трета во Есон, таа се повлекува; пратеникот во заминување Ерик Воерт има 10 поени зад својот противник од Националниот митинг (РН), во неговото упориште Оис; министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин е во водство на северот, но со помалку од 1.000 гласа пред екстремната десница… Болна литија за претседателскиот камп.
Бруталното распуштање на Националното собрание, за кое одлучи Емануел Макрон на 9 јуни, резултираше со распуштање на сопственото мнозинство, на кое, откако беше трето зад РН (Националниот собир на Марин Ле Пен) и Новиот народен фронт, сега му се заканува и виртуелно бришење.
– Одлуката за распуштање на Националното собрание, всушност, му стави крај на политичкиот пејзаж што произлезе од претседателските избори во 2017 година – резимира поранешниот премиер Едуард Филип, кој десет дена претходно го критикуваше претседателот на Републиката дека го „уби“ мнозинството.
Покрај тешкиот изборен пораз што му беше нанесен на претседателскиот табор, дополнително засилен со високото учество (66,7 отсто), всушност макронизмот, во својата суштина, се самораспушти во неделата. Неговото првобитно ветување дека Французите „немаат повеќе причина да гласаат за крајностите“ всушност е избришано, темна дамка на неговиот рекорд: во неделата партијата на Марин Ле Пен и нејзините сојузници доби повеќе од 10,5 милиони гласа, речиси четири пати повеќе од нејзиниот резултат на законодавните избори во 2017 година (три милиони гласа).
Пред седум години младиот кандидат на „Во марш!“ исто така имаше намера да го надмине јазот меѓу десницата и левицата и да го капитализира слабеењето на старите партии, кои ги опиша како бескорисни пензионери, одговорни за блокадите во земјата. Вечерта на ова неуспешно распуштање, Емануел Макрон не само што го гледа враќањето на бумерангот од минатото, сега радикализиран, туку зависи и од партиските договори и партиските повлекувања за да спаси одреден број свои кандидати.

Без јасна претстава и без јасни упатства

Емануел Макрон, згора на тоа, толку ја ослабе десницата, која ја распарчи и понижи, што веќе нема да може да се потпира на неа во идното собрание. Затоа, тој е принуден да се сврти кон левицата – која преку Франсоа Оланд му ја отвори вратата кон власта, кон која сепак ги зголеми своите критики за време на кампањата, за да може да формира можна „републиканска коалиција“, доколку РН не добие апсолутно мнозинство на 7 јули, особено благодарение на овој републикански фронт, толку пати прогласен за мртов од претседателскиот табор.
И тука е можеби најголемиот проблем на „самобендисаниот Макрон“. Во 2017 и во 2022 година многу гласачи од левицата и партиите од левицата повикаа да се гласа против Марин Ле Пен, што му дозволи на Макрон да биде избран. Тој го заборави тоа. Па, од 2022 година дури направи и нагло вртење кон десно од десницата со своите реформи, не слушајќи ги улицата и синдикатите за пензиските реформи, давајќи ѝ гаранции на крајната десница околу имиграцијата, заострувајќи ги мерките за невработените. Од распуштањето на Собранието, тој ги ставаше на исто ниво и ги сметаше како иста опасност крајната десница и Новиот народен фронт на левицата!?
Во неделата на макронистите уште еднаш им недостигаше јасност на оваа тема, не можејќи да дадат јасни инструкции за вториот круг, секој си оди по својот пат – ниту РН, ниту Бунтовна Франција, туку случај до случај, бараж – пред повикот на премиерот Габриел Атал, за „да се спречи РН да има апсолутно мнозинство во вториот круг“.
– Не е толку комплицирано, нели – се изнервира министерот за индустрија Роланд Лескур, кој од своја страна повика да се блокира екстремната десница, „без двоумење“, гласајќи за „алтернативниот кандидат најдобро пласиран во првиот круг“, кој и да е. Или одбивање на морално распаѓање, вечерта на историските избори, кои ја гледаат екстремната десница пред вратите на власта.

Ова би било „борбен(а) соживот-кохабитација“

Емануел Макрон мислеше дека ќе се врати во центарот на играта со ова изненадувачко распуштање.
– Тоа ми отвора многу опции – му рече тој на еден пријател во пресрет на европските избори, убеден дека би можел да го повтори вториот круг од претседателските избори во 2022 година со тоа што ќе ги исплаши Французите, пред кои го подигна сеништето на „кучиња“, „хаос“ и „граѓанска војна“, пренесува париски „Ле монд“.
Во најлошото сценарио, тој тивко им објасни на блиските вечерта на 9 јуни дека тоа би било „борбена кохабитација“ со крајната десница. Сценарио внимателно проучено последниве денови во Елисејската палата, каде што беа дури и кореографирани првите чекори на двојката Макрон-Бардела, доколку Бардела биде назначен за премиер.
Емануел Макрон, кој прошета со широка насмевка во неделата во Ле Туке (Па-де-Кале), со авијатичарска јакна, капа и темни очила, беше повикан на најголема резерва и на „контролирани гестови“ од неговите советници, кои ги знаат неговите тактилни импулси и неговиот вкус за театар и самопретставување.
– Ќе мора да го најдеме вистинскиот баланс за да покажеме доверба во институциите без да покажеме соучесништво со новата влада – се довери три дена пред првиот круг еден од неговите блиски пријатели.
Друг негов пријател го молел да се „подготви за премин низ пустина, за негова реткост“, пренесува повторно „Ле Монд“. Тој, претседателот на зборот, принуден на молчење и повлекување?
Без оглед на составот на националното собрание по 7 јули, зборовите на Емануел Макрон ризикуваат да бидат демонетизирани и неговиот авторитет сериозно да се оштети, вклучувајќи и на меѓународната сцена, каде што странскиот печат нема доволно остри зборови за да ја опише неговата одлука на „камикаѕе“, на „Нерон“, иако на почетокот го нарекуваа Јупитер, а заборави дека пред Јупитер постоеше Зевс, кој исто така исчезна… Каков простор за политички маневар ќе има Емануел Макрон како претседател на Републиката, јасно отфрлен од францускиот народ и кој ја изгуби довербата на своите пријатели, кои му се лути што ги испратил во „кланица“ без најава (многумина останаа без нивниот парламентарен мандат), на располагање во следните три години? Ова лудо распуштање сега значи и негово распуштање! Веројатно за овој чин ќе има задоволни и надвор од Франција.

Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур