Фотовест
Во рамките на „Јес фестивал“ за млади креативци, кој се одржа од 6 до 15 јуни, во организација на издавачката куќа „Чудна шума“, во петокот во библиотеката „Браќа Миладиновци“ во Скопје беше реализирана креативна работилница. Имаше читање делови од книгата „Овде, во близина, живее едно девојче“ на словенечката писателка Ида Млакар Чрнич. Авторката и илустраторот Петер Шкерл од Словенија се дружеа со децата, дваесетина ученици од ОУ „Коле Неделковски“, кои активно учествуваа во работилницата.
– Ова е трета година како се одржува нашиот фестивал за деца и млади и досега имаме најбогата програма. Првпат ни доаѓаат гости автори од регионот, тоа се авторките на сликовницата „Мојата бабичка не знае која сум“, Ива Безиновиќ-Хејдон и Хана Тинтор од Хрватска, и авторите на сликовницата „Овде, во близина, живее едно девојче“, Ида Млакар Чрнич и Петер Шкерл од Словенија, кои се познати и признаени автори за деца чии книги се наградувани и преведувани низ Европа и пошироко – ни рече писателката и главна уредничка на „Чудна шума“, Билјана Црвенковска.
Промоцијата на овие две сликовници и гостувањето на авторите од Словенија и Хрватска се дел од тригодишниот проект „Млади европски приказни“ на издавачката куќа „Чудна шума“ за превод и циркулација на книжевни дела, кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. Фестивалот е делумно поддржан и од Министерството за култура. М.Т.