Од третиот погреб на погубените младинци од Ваташа, кога моштите им се пренесени кај споменикот

Историјата потврдуваат дека стрелањето на Македонците од селото Ваташа е резултат на страшната репресивна политика од страна на бугарските окупаторски власти против македонскиот народ и неговото народноослободителното и антифашистичко движење, кое беше поставено врз принципите на заштита на македонскиот национален и политички индивидуалитет

НЕЗАБОРАВ: 81 ГОДИНА ОД СТРЕЛАЊЕТО НА МЛАДИТЕ МАКЕДОНЦИ ОД ВАТАША

Далибор Станковиќ

Македонија како држава, нација и општество, никојпат нема да дозволи да падне во заборав еден од најтрагичните настани од современата македонска историја, кога на 16 јуни 1943 година, кај месноста Чаир беше извршено воено злосторство од страна на окупаторските и фашистичките власти на царска Бугарија. И покрај обидите на бугарската историографија да го релативизира масакрот на младинците од Ваташа, мора да се нагласи дека не станува збор за изолиран случај, туку за организирана и поттикнувана политика од страна на бугарските окупаторски власти во Втората светска војна, политика што беше насочена против припадниците на македонскиот народ и неговите национални стремежи за слобода и сопствена држава. Во овој правец се и репресивните мерки на бугарските власти, како што се обидите за асимилација на македонскиот народ преку образовниот систем или засилените воени и полициски акции против припадниците на македонското партизанско движење. За да се спречи разгорување на Народноослободителната и антифашистичката борба на македонскиот народ, бугарската окупаторска власт презела репресивни мерки и против цивилното македонско население. Како резултат на оваа репресивна политика се случува немилиот настан во близината на Ваташа, но и други слични настани, како што е масакрот кај селото Дабница кога биле убиени осумнаесет младинци, припадници на македонскиот народ. Како општество, должни сме да се присетуваме на жртвите од Втората светска војна, затоа што на овој начин им оддаваме почит на убиените, но и градиме свест дека во иднина не треба да дозволиме да ни се повторат слични негативни настани.

Царска Бугарија ја „ослободувала“ Македонија со стрелање на Македонците

Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век започна да се кодифицира меѓународното хуманитарно право, кога беа усвоени т.н. Хашки конвенции од 1899 и 1907 година, кои налагаа забрана на завојуваните страни да користат одредени средства и методи, како и Женевската конвенција од 1864 година, која нудеше заштита на цивилното население. Но и покрај меѓународните конвенции, царска Бугарија во Втората светска војна, како окупатор на Македонија и сојузник на нацистичка Германија, презеде репресивни мерки против припадниците на македонскиот народ. Оваа репресивна политика е очигледна и од обидите за асимилацијата на Македонците преку организациите што имале цел да всадат бугарско национално чувство, но и да ја прошират фашистичката идеологија. Бугарските окупаторски власти честопати ги злоупотребувале најзначајните датуми од македонската историја преку организирање манифестации што имале нагласен бугарски национален белег и стремеж за докажување на нереалните историски бугарски корени на Македонија и Македонците. Во овие активности се вклучил и бугарскиот цар Борис, кој посетил повеќе македонски градови обидувајќи се да прикаже дека царска Бугарија ги ослободила Македонија и македонскиот народ.
Репресивните методи се засилуваат по појавата на Народноослободителната и антифашистичката борба на македонскиот народ, која беше насочена кон заштита на македонските национални особености преку создавање македонска држава. За да се спречи развојот на македонското партизанско ослободително движење, царска Бугарија на окупираните територии создаде воени и полициски единици, кои биле специјално обучувани за борба против припадниците на македонските партизански одреди. Поради засилените дејства на македонските партизански единици, во летото 1943 година, бугарската армија и полициски сили презеле голема воена офанзива против партизанските сили во Тиквешијата, но и дејства против македонското цивилно население, дејства што имаат обележја на воени злосторства.

Сведоштва од настанот

На 15 јуни 1943 година, бугарска воена единица во селската крчма во Ваташа заробила 12 младинци. При испрашувањето било утврдено дека младинците на различни начини ги помагале партизаните во Тиквешијата, поради што било наредено нивно стрелање. Биле изведени на околу два километра од Ваташа со уште две девојчиња и таму биле безмилосно и маченички застрелани. Девојчињата биле поштедени и тие се единствените сведоци на стрелањето на Диме Чекоров (18), Пано Џунов (18), Ристо Ѓондов (18), Блажо Ицев (18), Перо Видев (15), Пано Мешков (15), Ферчо Поп Ѓорѓиев (22), Васил Аџи Јорданов (26), Ванчо Гурев (18), Перо Ампов (18), Герасим Матаков (17) и на Илчо Димов (18).
Претходно во кафеаната биле тепани и принудувани да признаат дека на 1 мај 1943 година во месноста Моклиште биле заедно со партизаните. Од испрашувањата биле ослободени една девојка и младинец, а другите дванаесет младинци и четири девојки биле обвинети за соработка со партизанското движење. По измачувањата, бугарските вооружени сили во колона ги одвеле кон Моклиште. Кај месноста Чаир, Васи Хаџијорданов се обидел да побегне, а по него и некој од другите, по што била издадена наредба за стрелање. Еден од стреланите непосредно пред смртта извикал: „Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре“.
За немилите настани во Ваташа раскажува и Нада Ицева Јанева, сестра на Блаже Ицев. Јас веднаш истрчав по нив, но постојано ме враќаа назад до мостот. Бидејќи имав само 12 години, постојано се враќав колку што можам поблизу и некако разбрав дека ако се слушне истрел младинците ќе бидат стрелани. Истрчав дома и веднаш ѝ кажав на мајка ми дека ќе ги отепаат. Таа само ме искара со зборовите: „Молчи, името пусто да ти остане, само ќе ги заплашат и ќе ги интернираат“. Кога младинците излегоа од меаната во колона еден по еден под силно воено обезбедување беа однесени во месноста Моклиште, а ние останавме во селото во исчекување што ќе се случи. Наскоро се слушнаа истрели, селаните и семејствата знаеја дека е извршено злосторство, вели сестрата на Блаже Ицев.
– Кога сестра ми Ката влезе во дворот, изнемоштена падна. Мајка ми ја праша каде е Блаже, а таа со плачење одговори дека е стрелан. По толку години и сега со силна болка се сеќавам на таа слика и на зборовите на Ката дека Блаже по рафалното пукање сѐ уште бил жив, но Бугарите со бајонети го убиле пред нејзини очи извикувајќи: „Гледајте, не седнувајте комунистки, гледајте“. Родителите и другите селани истрчаа во Моклиште, но под силна закана дека ќе го запалат селото можеа само набрзина со гранки и со лисја да ги покријат телата и да ги покријат со земја. Мајка ми не ми дозволи и јас да отидам таму, ми нареди да донесам алишта за Блаже, а јас уплашена, не знаејќи што да земам, избрав голем куп алишта, но, за жал, не успеав да ѝ ги однесам на мајка ми – раскажува Нада Ицева Јанева.
Како паметник и незаборав за извршеното воено злосторство, поточно масакр (никогаш да не се повтори, а виновниците да бидат казнети!), изградена е спомен-костурница, која е откриена на 11 октомври 1961 година. На јужниот ѕид на споменикот е запишано: „Смртта стана немоќна пред нашата младост исправена, пред очите наши загледани, уште тоа утро во иднината“. На местото на стрелањето е подигнат спомен парк, а во него се посадени 12 јавори како симбол на стреланите младинци.


Ми заплакало селото Ваташа

„Ми заплакало селото Ваташа“ е македонска поема и песна оригинално напишана и музицирана во 60-тите години на 20 век. Текстописец на песната е Лазар Манчевски-Пинџур, кој својата инспирација ја црпел од масакрот во Ваташа. Песната е испеана од неколку македонски фолк и поп-пејачи и музички артисти, оригиналот е изведен од Никола Бадев во 1975 година.
„Ми заплакало селото, селото Ваташа. Тринајест роса младинци носат, Моклишко горе в’долови. Целото село станало, станало на нога. Дајте ги вамо нашите деца, Еј, вие клети крвници. Џелати клети не слуша, не слуша народот. Митралез оган фрлија поган, В’градите машки младински в’селото. По тија рамиш полиња родни, Ридишта голи тиквешки. Тогај се народ подигна, подигна илјадно, И тргна смело да затре семе, фашиско, клето, за навек.“

Стреланите младинци од село Ваташа