(За национализмот и антимакедонизмот)
Уште непоминати четириесет дена од претсмртната агонија на социјалдемократите, поразените сили од нивните редови почнаа да дуваат во жалопојните труби барајќи оправдување за погубниот пораз на претседателските и на изборите за пратеници во Собранието. Мај 2024 ги допиша страниците на црната хроника на партијата што владееше седум години, несвесна дека колку што подолго владееше толку повеќе си ја трошеше силата, атрофира политички, морално и народно.
Дел од партиските кадри, дел од нивните заслепени поддржувачи и дел од таканаречената интелектуална фамилијарна елита, причините за поразот ги бараат во заслугите на националистите, поточно во наводниот македонски национализам. Според нив, поразени се прогресивните сили, а победници се простите и необразовани гласачи.
Во едно кулинарско мешање факти и нелогичности успехот на националистите го припишуваат на комбинација од низа фактори. Во тоа тавче на висок оган како националистичка база се ставени гласачите на ВМРО–ДПМНЕ заедно со проруските и антизападните „десперадоси“ што ја уништуваат европската иднина на Република Северна Македонија. Замиксани се моќни олигарси, запржена е „оската на злото“ што ја сочинуваат Скопје – Белград – Будимпешта и Москва, можеби и Кина е виновна што произлезе таквиот изборен резултат, можеби и што Македонија нема море.
На тој елитистички пламен гори и Македонската православна црква, чии владици, наводно, се со проруска ориентација и затоа си ги бранат името и презимето на Црквата. Не останува настрана од осудата и Македонската академија на науките и уметностите, во која некои поединци – академици се дрзнуваат да имаат поинакво мислење од елитистите, да мислат со своја глава и да повикуваат на организирање македонски национални одбранбени ѕидови.
Сите гореспоменати и неспоменати актери одиграле на овие избори своевидна улога придонесувајќи за победата на националистите, кои, ете, претставуваат опасност за државата.
Да видиме што кажуваат конечните бројки од собраниските избори.
За Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ гласаа 154.447 граѓани, односно 15,35 отсто, за коалицијата Твоја Македонија – ВМРО-ДПМНЕ 436.407 или 43, 36 отсто. Слична е разликата и за претседателските избори каде што кандидатката на ВМРО, Гордана Силјаноска, победи со убедливо мнозинство.
Значи вака: за коалицијата Твоја Македонија гласаа безмалку половина од излезените гласачи тој ден. Сите други, на чело со СДСМ, вклучувајќи ги и двете големи албански партии, не го достигнуваат процентот од 45-50 отсто, проценти што ретко се случиле во досегашната изборна плуралистичка историја. Сите тие гласови, сите тие граѓани, 436 илјади на број, никако не може да се прозиваат и да им се лепат етикети на националисти, на „изданки на силниот простотилак и селанштина“, епитети со кои гласачите се нагрдени и наклеветени од бесрамните губитници.
Не, на овие избори не победи национализмот на ВМРО-ДПМНЕ туку е поразен антимакедонизмот што го манифестираа СДСМ и неговите коалициски и владини партнери во текот на своето владеење.
Не е прв ниту последен пат ВМРО-ДПМНЕ да си го добива заслужено атрибутот на национална партија, всушност и самата се декларира како таква, што не е некој фатален факт. Проблемот е што Социјалдемократскиот сојуз како од шуга бега од изворниот дух на национална македонска партија, па за последните неколку години, со својата политика, самата градеше впечаток во јавноста дека станува збор за анационална дури и предавничка партиска определба.
Раширеното чувство дека социјалдемократите не ги штитат националниот идентитет на својот народ и суверенитетот на својата држава, дека ги распродаваат историјата, јазикот и писмото, дека не го сметаат за свое богатото културно наследство се дел од причините што се скина врската и со сопственото членство и со неопределените гласачи. Не може да се оквалификуваат како националисти оние членови што пребегаа во ЗНАМ ниту пак оној дел гласачи што не се членови, а биле верни гласачи на СДСМ.
Нагласената анационална политика, политиката спротивна на над 70 отсто од ставовите на Македонците, врската со антимакедонистите и нивно форсирање во партиските редови и надвор од нив, кокетирањето со анационалните елитистички кругови, негувањето и манифестирањето на политиките на национална слабост се изворот од кој бликаат причините за поразот на мајските избори во 2024 година.
Македонизмот како државна стратегија не може да се нарече агресивен национализам затоа што никогаш не бил таков, македонскиот народ ниту имал ниту некогаш ќе има намера или напаѓачки капацитет спрема кого било. Целата историја на Македонија е одбранбена, но не и предавничка.
Одбраната на македонизмот не е во спротивност со одбраната на демократијата и демократските вредности во едно општество. Нему не може да му се даваат квалификативи дека е антиевропски, односно дека е просрпски, проруски или прокинески.
Резултатите од последните избори во европските земји ја поткрепуваат линијата на победата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во Македонија. Се покажа дека европски процес е јакнењето на демохристијанските, на националните и конзервативните партии, како и растот на националистичките. Победуваат токму оние партии што поотворено ги бранат интересите на своите држави и на своите домицилни народи.