Властите на Белорусија денеска објавија дека армијата на оваа источноевропска земја учествува во втората фаза од руските вежби нарачани од претседателот Владимир Путин за обука за распоредување на тактичко нуклеарно оружје, пренесе „Ројтерс“.
Првата фаза од вежбите се одржала во јужниот дел на Русија минатиот месец, што според нуклеарните аналитичари е предупредувачкиот сигнал на Путин за да го одврати Западот што повеќе да се вклучува во војната во Украина.
Белорускиот министер за одбрана, генерал-полковник Виктор Кренин рече дека вежбите се проактивна мерка за „да ја зголемиме нашата подготвеност да користиме таканаречено одмазднички оружје“.
– Сега сме порешителни од кога било досега да одговориме на сите закани што би можеле да бидат наменети за нашата земја и сојузот меѓу Русија и Белорусија – рече тој, но не прецизираше каде се одржале вежбите или за какви видови оружје станува збор. Белорусија граничи со три земји-членки на Организацијата на Северноатлантскиот договор (НАТО) – Полска, Литванија и Латвија.
– Немаме за цел да создаваме никаква тензија во регионалните безбедносни прашања. Ние не проектираме релевантни воени закани за трети земји или некој друг – додаде Кренин и рече „Ние сме мирна земја, не се закануваме и не бараме конфликт со никого, но барутот ќе го чуваме сув!“
Путин и белорускиот лидер Александар Лукашенко минатата година објавија дека Русија преместува дел од своето тактичко нуклеарно оружје во Белорусија. Станува збор за боеви глави дизајнирани за употреба во борба, за разлика од стратешкото оружје со долг дострел дизајнирано да уништува цели непријателски градови – пишува „Ројтерс“.
Некои западни аналитичари сметаат дека тактичкото нуклеарно оружје станало поважно во размислувањата на Москва од почетокот на војната во Украина, каде нејзините конвенционални сили се борат првите две години.
Теоретски, употребата на такво оружје може да го шокира Западот без нужно да поттикне сеопфатна нуклеарна војна, иако ризикот од активирање на циклус на ескалација би бил огромен. Од првиот ден на војната, Путин постојано го предупредува Западот за големината и силата на рускиот нуклеарен арсенал.
Од Русија нема директни информации за вежбите со Белорусија, иако официјална Москва претходно најави дека тие ќе се одржат.
Според геолокацијата потврдена од „Ројтерс“ првата фаза минатиот месец се одржала во областа Актубинск на југот на Русија, а вклучувала и ракети „Искандер“ и „Кинжал“.
Руското Министерство за надворешни работи минатиот месец рече дека се надева оти вежбите ќе ги „оладат вжештените глави во западните престолнини“ откако францускиот претседател Емануел Макрон ја подигна можноста за испраќање европски трупи да се борат против Москва во Украина, а британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон рече дека Киев има право да се користи оружје доставено од Лондон за напад на цели во Русија.