фото: Зоран Антоски

Својата прва самостојна изложба младата уметница Алмедина Бајрами ја претстави синоќа во Кичево, во уметничкиот салон од Центарот за култура, со работен наслов „Меланхолични фрагменти од животот“. Изложбата ја сочинуваа дваесет слики во мал, среден и голем формат.

фото: Зоран Антоски

Авторката најави, дека овој опус на слики ќе биде претставен и пред љубителите на убавата уметност од Гостивар, Дебар и други соседни градови од овој дел од земјава.

– Синоќешната е моја прва самостојна изложба што воопшто сум ја организирала. Самиот наслов на изложбата „Меланхолични фрагменти од животот“ зборува за нејзината тематика. Изложбата ја сочинуваат дваесет слики работени во масло на платно од сите големини, а создадени во последните четири години. Моето прво претставување се разбира е во родното Кичево, а овој опус на уметнички слики во блиска иднина ќе биде претставен и во соседните градови од овој дел на земјава. Им благодарам на сите кои оваа вечер одвоија дел од своето драгоцено време за да присуствуваат на мојата прва самостојна изложба – истакна авторката Бајрами.
Таа е родена на 1 септември 1997 година во Кичево, каде го завршила основното и средното образование, додека студиите на Факултетот за уметности-образовна насока на Унивезитетот во Тетово.

Бајрами била учесник на повеќе групни изложби почнувајќи од 2017 до 2023 година.

З.А.