Како ќе изгледа нашата исхрана во иднина? Ова е прашање што мачи многу експерти и научници, но и нас „обичните“ луѓе. Секојдневно слушаме дека на некои намирници им се заканува исчезнување поради климатските промени, но и дека треба да се свртиме кон поодржлива исхрана. Но што мислат Британците за тоа? Во Велика Британија неодамна беше спроведена анкета на две илјади испитаници и тие дадоа свои претпоставки за тоа како ќе изгледа нашата исхрана во следните неколку децении. Што покажаа резултатите од анкетата?
Повеќе од половина од Британците, 55 отсто од нив, предвидуваат дека нашата идна храна ќе се одгледува во лабораторија, покажа истражувањето. Дополнително, четири од 10 луѓе веруваат дека во наредните години на нашите менија ќе се најде специјално дизајнирана храна за да ги задоволи индивидуалните здравствени потреби. Исто така, повеќе од половина од анкетираните, 56 отсто, се согласуваат дека исхраната на луѓето ќе стане многу поодржлива во текот на следниот век, а третина од оние што веќе практикуваат растителна или вегетаријанска исхрана, односно 34 отсто од нив, тврдат дека го направиле тоа од еколошки причини, како што пишува „Мирор“.
Некои од испитаниците проценуваат дека во иднина ќе јадеме оброци направени од алги, како и храна во прав, додека 15 отсто од нив велат дека состојките за оброците ќе потекнуваат од земјоделски отпад, како стебла или лисја од растенија. Дополнително, само 16 отсто од нив би биле подготвени да ја заменат сегашната исхрана со диета што се состои од алги.
Она што некои би можеле да го сметаат за храна на иднината, други веќе го јадат. Истражувањето спроведено од компанијата „Калифорнија алмондс“ откри дека секој 20-ти испитаник користи алги во готвењето, а 8 отсто од испитаниците веќе јадат храна во прав. Истражувањето исто така покажа дека, и покрај иновациите, 57 отсто од испитаниците признале дека не знаат ништо за храната направена од земјоделски отпад.