Како и досега

Циклусот на окончување на парламентарните избори ќе се комплетира дури со изборот на новата влада (за околу три недели). Но ако денот по утрото се познава, уште сега можеме да предвидиме како ќе се одвиваат нештата во иднина. Во стилот на Ахмети, би рекле: како и досега! Но триумфалистичката еуфорија е на такво ниво што секој обид нештата да се постават на рационална и принципиелна (уставна) основа веднаш се етикетира како екстремистичка и деструктивна. Како и досега! Мегафоните на власта и оние што веќе се дотераа за новите функции што ги очекуваат како награда за верност стануваат „кучиња чувари“ не на демократските принципи и доброто управување (еден модерен термин измислен од запад), туку лични кербери на персоналните носители на власта. Како и досега. Да биде иронијата поголема, главниот фокус на изборната кампања и на дадените ветувања беа поврзани со расчистување со самоволието, корупцијата (сфатена во поширока смисла) и со личното управување со институциите и толкување на Уставот и законот. Со други зборови, устите им беа полни со враќање на принципот на владеењето на правото. Но што се случува во постизборието? Сè е исто (како и досега) – освен што него (Али) го нема на владејачка позиција.
Не верувам дека има граѓанин (без оглед на етничката припадност – со исклучок на оние со партиска припадност) кому најсветлата точка од изминатите избори не му е детронизирањето на ДУИ. Тие беа кинг-мејкери, оние од кои зависеа и тефтерчиња за судии, и за тендери-мендери, а најважно од сè составот на владините структури. Притоа, ни дваесетина години подоцна не ги симнаа војничките шинели и не го сменија војничкиот ум, а двете партии од т.н. македонски блок кротко и понизно ја прифаќаа таа состојба, правејќи најразлични отстапки (ДПМНЕ прифати дури и амнестија за воени злосторства – што не смее никогаш да им се заборави, иако тие се прават на Тошо; сега чекаме што ќе прифатат од новиот албански партнер) само и само да бидат власт. Но само наивен човек би верувал дека појавата на Влен (Вреди) е чудото на кое се надевавме, конечна појава на сосема нова и идеолошки конзистентна и демократска партија во т.н. албански блок. Изјавата на еден од нејзините челници (Меџити) дека нивната пратеничка група ќе се зголемува со „прелетувачи“ од (симболично, веќе пропаднатиот) Европски фронт на ДУИ и партнерите. Што би рекла една умна пријателка, „Вреди“ да си позиција/власт – за сите пари. Фер е да се каже дека истата „филозофија“ на политичко профитерство ја негуваат и многу други пратеници, лидери, па и цели партии. Секогаш со победниците – особено ако опозицијата е во коматозна состојба и долго време нема да биде во положба да понуди нешто од победнички плен (дури ни на локалните избори идната година). Да ја скратам приказната, ДУИ е симната од власт, ама нејзините ребрендирани чеда сега беседат и глаголат милозливо од владината дружина предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Ако и не се директни изданки на ДУИ, некои луѓе во онаа чудна коалиција што вреди се појавија во политиката за да бидат „калиф наместо калифот“, а не за да внесат нови принципи и вредности во политиката. Она што Ахмети го усоврши, сега ќе биде продолжено од оние што изникнаа во изминатите 20 години од неговото политичко семе. Некои сметаат дека нешто слично се случи со СДСМ (славната „пасокизација“): некогаш „државотворната партија“ (како што себе се фалеше) сега е нема и парализирана (како што се виде и на конститутивната седница на Собранието). Но, не е така, бидејќи чедата (отпадници или наследници, сеедно) на таа матрица веќе сметаат дека на секое прашање можат да одговорат со ЗНАМ. Она што досега беше скриена (системска и вредносна коалиција) на ДПМНЕ и СДС сега се трансформира во видлива коалиција на првите со ЗНАМ.

Шестемина ќе ја одиграат улогата на оние неславни осуммина од 2018/2019 заради уште една смена на Уставот.
Но да ја оставиме настрана политичката страна на ова божем ново мнозинство, кое се доближува до фантастичното двотретинско мнозинство. Она што на самиот почеток навестува лошо владеење и самоволие е беневолентното кршење на уставните и законските норми. Знам дека стана модерно секој политичар да се прогласува за „Сократовец“ (иако не ми е јасно зошто, освен што звучи умно), но мене умот ми е кај Аристотел. Суштинското прашање што тој го постави во неговата „Политика“, а останува неодговорено е: дали во добрата/доблесната заедница треба да владеат најдобрите закони или најдобрите владетели? Стариот филозоф смета дека и најдобрите луѓе можат да се расипат, ама затоа законот е оној што е ист за сите и кој воведува поредок. Доколку законите се добри, тогаш станува збор за вистинска политичка заедница заснована на принципи и трајни вредности. Идеално е таквата држава на чело да има и добар/доблесен владетел. Оваа синтагма неретко ја именуваме како дилема меѓу Lex vs Rex. Да бидеме јасни: законите не се идеални, тие се продукт на група луѓе со свои интереси (стариот добар Маркс велеше „волјата на владејачката класа преточена во закон“). Правото не е исто што е правда или правичност, но во колумна таа филозофска дебата ќе ја оставиме настрана. Ние овде си имаме мака со почитување на елементарни уставноправни и законски норми, и тоа од тукушто избрани носители на функции (оние две со највисок легитимитет). За кусо време, во два наврата мегафоните толкуваа дека овие функционери имале личен суверенитет/интегритет/самоидентификација, кој, ете, ги надминувал крутите нормативни граници. Личното во нив го надминува јавното и сега јавноста треба не само да го прифати тоа, туку и длабоко да го почитува. Особено ако лентите на државните венци се куси, па човек мора да избора меѓу својот личен идентитет и именувањето на државата (замка направена а-ла Волдеморт, оној чие име не смее да се изговори). Не, не е ни до заклетвите, ни до заветните (песни), ни до емоциите – туку е до поредокот, кој почна да покажува пукнатини, во вид на преседани, нееднаквост и непочитување на законот.

На серијалот примери за нефермање на законот од страна на оние што ги сметаме (и сме ги избрале) за законодавци се кршење на принципот на неспоивост на функции, на поделбата на власта (од меѓувластие чекор до безвластие), опасност од судир на интереси и корупција итн. Првиот човек на Собранието на сето тоа одмавнува со рака и со презир зборува дека сето тоа било прашање „кој како си ги толкувал нормите“, па така, врвни професори по уставно право (не онаа на Водно, таа е зафатена со други работи, а не со правото и правдата) се сведени на обични хејтери и личности што си толкувале на Фејсбук (а кои, имплицитно, според него, немаат врска од право). Тука веројатно ја сместува и Антикорупциската комисија. На Мицкоски и компанија не им (се) чуе (можеби поради слушалките и мирот во коалицијата, која е во меден месец); всушност, на јавната сцена владее МОЛК. Со ретки исклучоци, никој не гледа зло, не слуша зло, не зборува за злото.
Во правото, како и во бременоста, нема малку е прекршено или толкувано (онака како што некому лично му дошло самочувството или „толкувањето“). Или има повреда – или нема! А овде при здрав разум некакви политиколози и луѓе со професија „политички аналитичари“ го бранат неодбранливото. И тврдат дека оваа нова политичка конфигурација на големите победници (замислете!) „засекогаш ја смениле македонската политика“. Тие се очигледно горди (иако гордоста е верски грев), а доста флексибилни, толерантни и разбрани, па сега не се тревожат што таа сменета политика всушност излегува надвор од границите на правото (како што пишуваше големата Лидија Баста во нејзината книга, која ја повторуваме редум, ама само во теориска, а не и во практична смисла). Во околности во кои секојдневно се кршат закони и процедури од централно до локално ниво (и тоа од оние што ја заземаат власта), што ни преостанува освен да напишеме нешто во колумна или на Фејсбук. А суштината во центар ја погоди професорот Денис Прешова, во својот ФБ-пост заклучува: „Секое политичко договарање и правење компромиси со клучните уставни и законски норми негативно ќе се одрази понатаму и ќе остави дамка уште на самиот почеток на овој парламентарен состав“. Би додала, ако денот по утрото се познава, нема овде ништо ново барем во делот на владеењето на правото; ќе тераат „како и досега“ – ама гордо. Гордоста, секако, ќе се однесува на „креативните“ начини како да се заобиколи она на „М“ (со знаменца, придавки, вербални акробации и сл.). Затоа што, како што тврди еден писател колумнист, Преспа е наследство за нашите внуци, кои отпосле ќе ја осетеле сета големина на гордоста посеана во мај 2024 година (веројатно затоа што сегашната генерација е на кукавици и незнајковци, кои се плашат она што го знаат теориски да го применат во пракса и да се борат за него). На друго баш и немаме на што сме горди. Партиите ги сменија местата за системот да не претрпи никаков потрес. Тој е за навек. Ајде, во земја на сезнајковци, во која докторат по право не вреди ни пет пари, да ја завршам колумнава, зашто ќе речат (пак) дека сум „суетна“ или сум „расипувач на забави“.