Фото: ЕПА

Тој стартуваше од пол-позицијата, водеше во текот на целата трка и ја оствари својата шеста победа во кариерата

ФОРМУЛА 1 – ГН НА МОНАКО

Возачот на Ферари, Шарл Леклер, ја оствари првата победа во кариерата на својата домашна улична патека во Монте Карло, станувајќи така првиот возач од Монако што победил на оваа патека. Тој стартуваше од пол-позицијата, водеше во текот на целата трка и ја оствари својата шеста победа во кариерата. Второто место го зазеде возачот на Мекларен, Австралиецот Оскар Пјастри, а трет низ целта мина возачот на Ферари, Шпанецот Карлос Сајнц. Светскиот првак, Холанѓанецот Макс Ферстапен со Ред Бул, заврши шести, додека седумкратниот шампион, Британецот Луис Хамилтон со Мерцедес беше седми, но освои и дополнителен бод за најбрзо извозен круг.
Во вкупниот пласман прв е Ферстапен (169 бода), втор Леклер (138), а трет Британецот Ландо Норис (113) со Мекларен. Во конкуренција на конструктори, води Ред Бул (276 бода), втор е Ферари (252), а трет Мекларен (184).
– Ова е многу тешка трка и затоа многу ми значи. Тоа е трката што ме натера да сонувам еден ден да станам возач на Формула 1. На 15 круга до крајот, се надевав дека ништо нема да се случи и емоциите беа на високо ниво. Татко ми даде сѐ за јас да бидам тука, a тоа беше нашиот сон, да се тркаме овде и да победиме. Ова е неверојатно – задоволно изјави Леклер по првиот триумф на домашнатa патека во Монако.
Трката беше прекината во првиот круг по инцидентот на патеката, во кој беше уништен болидот на Мексиканецот Серхио Перез, но тој, за среќа, мина без повреди. Шампионатот во Формула 1 продолжува на 9 јуни, со Големата награда на Канада. Г.И.