Со песна и игра уште од раните утрински часови во петокот, кичевските матуранти ги обележија крајот на учебната година и завршувањето на средното образование. Потоа со голем број автомобили, со знамиња во рацете и пуштени сирени, направија повеќе круга низ градските улици и на крајот се упатија на градскиот плоштад каде што одиграа повеќе македонски ора. Со тоа ѝ ставија крај на дневната дружба, а вечерта во еден ресторан во градот беа дел од долгоочекуваната матурската вечер.
– Четиригодишната дружба со нашите школски другари никогаш нема да се избрише од нашата меморија. Изминатите четири години, проткаени и со коронавирусот, сепак оставија неизбришливи траги во нашиот средношколски живот. Во наредната година секој од нас ќе тргне на своја страна и по свој пат, и тогаш ќе се присетуваме на времето поминато во средното образование на сите убави случувања од тој период – велат Стефан и Давор, матуранти од последната генерација што своето образование го заврши во Кичево.
Текст и фото: Зоран Антоски