Промовирана сликовницата „Атолото“ од Сања Михајловиќ Костадиновска, со илустрации на Андреј Марјановиќ. Сликовницата ја промовираа Маја Раванска и Иван Шопов, а настанот го модерираше Искра Димковска.
„Атолото“ од Сања Михајловиќ Костадиновска и Андреј Марјановиќ, во издание на издавачката куќа „Сказнувалка“, е илустрирана збирка од осум приказни, од кои секоја носи наслов во вид на погрешно изговорен збор од дете што сѐ уште не научило правилно да зборува. Овие зборови (атолото, чоче, бица, бумбички…) функционираат како своевидни магиски формули, но во обратна насока. Обично детето е она што останува зачудено пред таинствените и неразбирливи зборови, но во „Атолото“ таа привилегија ја имаат возрасните.

– Навидум едноставните приказни отвораат сериозни прашања пред читателот. Ако загребете под површината на симпатичните, забавни приказни, ќе ги пронајдете прашањата: За што служи јазикот? Колку јазици постојат во рамките на мајчиниот јазик? Каде исчезнува или се складира, можеби и сокрива јазикот на детството кога ќе пораснеме? Кои се неговата функција и моќ? Опасно ли е да се посегне по него по многу години? Верувам дека ова е и бунтовничка книга, книга за правото на понекогаш бељаџиското дете да има свој, посебен јазик (создаден можеби полуслучајно и полунесвесно), за правото преку тој свој јазик да се брани сопствената детска гледна точка, а на крајот на краиштата да се создаде и свој, посебен свет, отаде границите на јазикот – вели писателот Иван Шопов.
Сања Михајловиќ е докторка по книжевни студии на Универзитетот „Комплутенсе“ во Мадрид, со одбранета теза насловена „Градот Мадрид како плурален простор. Од провинцијалецот до имигрантот: нарации на другиот“, и е доцентка по шпанска книжевност на Катедрата за романски јазици и книжевности, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје.

Андреј Марјановиќ е дипломиран ликовен уметник на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на отсекот графика и графички дизајн, а потоа на ИТ-академијата „Александрија“ завршил студии по веб-дизајн. Се занимава со графика, сликарство, скулптура, инсталација, стрип, графити, фотографија, анимација, видео, електронска музика и мултимедијални проекти.