Уметниците Пандора Апостолоска Саздовска и Сашо Саздовски се поканети од кураторите Рим Ајар од Тунис и Али Рашид од Ирак да учествуваат на Уметничкиот симпозиум во Тунис како претставници од Македонија. Симпозиумот со наслов „Заедно“ претставува монументални скулптури, слики, графики и цртежи на 38 уметници од Тунис, Мароко, Азербејџан, Катар, Јордан, Ирак, Алжир, Кувајт, Индија, Холандија, Франција, Белгија, Италија, Уругвај, Шпанија, Русија, САД, Романија, Полска и од Македонија. Програмата вклучува посета на значајни историски споменици на културата, музеи и градови под заштита на УНЕСКО, како синиот град Сиди Бу Саид, Археолошкиот локалитет на Картагина, Романскиот амфитеатар во Утина / Утина и Ел Џем во Тисдрус (најголемиот и насочуван амфитеатар од римскиот период вклучен во светското културно наследство) и музејот „Ле Бардо“ во Медина.
Завршната изложба на Уметничкиот симпозиум во Тунис се одржа на втори мај во Дајар ал Медина, „Картагина ленд“, а ја отвори амбасадорот од Јордан во Тунис, Абдула Абу Раман. Изложбата ќе трае од крајот на месецов.
Пандора Апостолоска Саздовска во 2004 г. дипломира на Академијата за ликовни уметности, на отсекот сликарство со реставрација и конзервација под менторство на Душан Перчинков и Танас Луловски. Нејзината уметничка практика е насочена кон меѓучовечките односи истражувајќи ги аспектите на војната и насилството како политички и социолошки феномен. Во 2017 година беше визитинг-професорка по современа уметност на Универзитетот за уметност и дизајн во Шаржа, Обединети Арапски Емирати.
Сашо Саздовски е скулптор и истражувач. Во 2000 г. дипломирал на Академијата за ликовни уметности, на Катедрата за скулптура и графички дизајн, а во 2002 година магистрира на Катедрата за скулптура на Академијата за ликовни уметности во Скопје, под менторство на проф. Драган Поповски-Дада. Уметничката практика на Сашо Саздовски е научноистражувачка. Во своите истражувања тој е фокусиран на прашањата за бесконечноста како одраз на нашето ограничено постоење во времето и просторот. Најзначаен сегмент во неговата креативна кариера е реализацијата на монументални скулптури на јавен простор. Сашо Саздовски досега има реализирано над 20 јавни скулптури во Аргентина, Оман, Катар, Азербејџан, Словенија, ОАЕ, Турција, Косово, Босна, Србија, Црна Гора, Летонија, Русија, Италија, Австрија, Германија, Данска, Чешка, Португалија и во Македонија.