Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека се надева дека ќе бидат надминати несогласувањата со американскиот претседател Џозеф Бајден кога е во прашање војната во Газа и дека Израел „нема друг избор освен да го уништи Хамас“, вклучувајќи ги и припадниците на таа група во Рафа.
– Ние често се согласувавме, но имавме и несогласувања. Бевме во состојба да ги надминеме. Се надевам дека ќе можеме да ги надминеме сега, но ќе го направиме тоа што треба да направиме за да ја заштитиме нашата земја. Ако не ги уништиме, ако ги оставиме, тие ќе се вратат. Ќе излезат од тунелот, повторно ќе ја преземат Газа и ќе го направат тоа што го ветија, ќе го направат 7 октомври, овој огромен масакр повторно, повторно и повторно – рече Нетанјаху во интервјуто за емисијата „Д-р Фил Прајтајм“, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Емисијата во која беше интервјуиран Нетанјаху е снимена завчера, пред Бајден да предупреди дека ќе ја прекине испораката на оружје за Израел доколку израелската војска започне голема инвазија на Рафа.
Десетици илјади раселени Палестинци ги спакуваа своите шатори и други работи и бегаат од Рафа во други делови на Појасот Газа поради заканата на Израел од инвазија на градот, јави Бета.
Израел постојано се закануваше дека ќе го нападне Рафа, каде засолниште побараа околу 1,3 милиони Палестинци, повеќе од половина од населението во Газа. Еден од раселените кажа дека не знаат каде да одат.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа изјави дека американската закана оти нема да достават одредено оружје нема да го спречи Израел да продолжи со офанзивата во Појасот Газа.
Во текот на оваа недела израелските сили започнаа ограничена операција во која го зазедоа граничниот премин Рафа од палестинска страна и го блокираа влезот на хуманитарна помош.
ОН објавија дека северниот дел на Појасот Газа веќе е во состојба на „тотален глад“.
Израел смета дека Рафа е последното упориште на борците на палестинското движење Хамас и дека армијата мора да влезе во градот за да го уништи движењето и да ги врати заложниците кои беа киднапирани на 7 октомври.