Коле Манев
По обичај, пред кои било избори, професионални агенции или институции прават анкети со кои се мери довербата на граѓаните кон една политичка личност, партија или коалиција. Во првиот круг од претседателските избори, кои се одржаа пред неколку дена, една анкета предвидуваше дека резултатот ќе биде пата-пата, значи нерешено, со мала предност на СДСМ и Пендаровски. Сите други анкети предвидуваа победа на опозицијата под водство на ВМРО-ДПМНЕ и кандидатката Гордана Силјановска-Давкова.
По гласањето од првиот круг, таа едната анкета изработена од не знам кого и понудена од не знам каде, која предвидуваше тенка победа на Стево Пендаровски и СДСМ, се виде дека е тотална утка, односно порачана анкета, како кога се порачуваат компирчиња од „Мекдоналдс“. Другите анкети, и тие не погодија, ама во друга насока. Наместо еден кома нешто во позитива за опозицијата, Гордана победи со два кома нешто, што претставува своевидна реткост од нашиве изборни циклуси во независна Македонија.
Значи, по првиот изборен круг од овие претседателски избори состојбите се такви какви што се, потврдени и од ДИК, дека власта изгуби катастрофално и ретко кој може да поверува дека во вториот круг од претседателските и на парламентарните избори ќе може власта да закрепне, и покрај тоа што тие мислат дека сѐ почнува од зеро! Ништо не почнува од зеро, има точни бројки, кои велат дека, според некоја изборна логика, во втората политичка пресметка поразот на досегашната власт ќе биде уште позначаен.
Ваквиот резултат не е случаен, уште со доаѓањето на власт на оваа гарнитура или коалиција, СДСМ-ДУИ, работите во државава тргнаа кон удолница, и тоа во секој поглед. Промена на име, спротивно од волјата на граѓаните, криминалот во вулканска експанзија, продажба на достоинството, на историјата на цел еден народ, за културата да не зборуваме. Се чини како целта да беше и е да уништи, и тоа по брза постапка (со европско знаменце), сѐ што претставува историски и културен белег на Република Македонија.
Под такви неблагодарни услови се чувствуваше, се знаеше дека позицијата ќе загуби, но никако не можеше да се предвиди таков поразителен резултат за коалицијата СДСМ и ДУИ. Во текот на кампањата за првиот круг, според некое мое размислување, се појавија два инстант настани, кои придонесоа уште повеќе да се измешаат и така суперизмешаните изборни случувања. Во првиот инстант настан како главна личност беше Зоран Заев, кој ненадејно се појави во пропаганден спот, изработен во корист на СДСМ (веројатно емитуван на социјалните мрежи), јас само еднаш го видов на еден ТВ-канал, и тогаш, во тие мигови и моменти додека траеше спотот, мислам дека водата во изборниот казан уште повеќе се згреа, бидејки ликот, личноста Зоран Заев е олицетворение на сѐ што ни се случи како негативни и национално поразителни состојби кои бевме принудени да ги живееме во последниве десет години откако тој се појави како,,политичка“ личност.
Вториот изборен инстант настан е поврзан со обраќањето на Али Ахмети на плоштадот „Македонија“, каде што зборуваше за слатките бисквити на Мицковски и тврдите камења на Али, инстант настан што од тежината на камењата, за беља ваквата реч овозможи да се потсетиме на работниците од Маврово на чии грбови со остри ножеви беа изрежани три букви, кои на митингот гласно и во хор се изговараа – УЧК. Ваквиот инстант потег придонесе довербата во Али да падне неколку скалила подолу, бидејќи таков говор измешан со благо и тешко е говор што се практикуваше во педесеттите години од минатиот век. Да заклучиме, поразот на власта беше неизбежен, но овие две инстант случувања придонесоа тој да биде побрз и позаслужен.
Сега за момент да поминеме во поубавиот дел од живејачката наречена култура и да подразмислиме малку околу неа. Културата како ретко која друга дејност нема граници, во тоа е и нејзината убавина.
Андре Малро, писател, висок интелектуалец и поранешен министер за култура во владата на Шарл де Гол, често го посетуваше Пабло Пикасо во неговото ателје во областа Екс ан Прованс во јужна Франција. Од многуте разговори што ги водеше со тореадорот од Малага-Шпанија, Пикасо, Малро издаде книга насловена „Главата на опседнатиот“, во која има забележано многу размислувања на Пикасо околу неговото ликовно творештво и воопшто неговите погледи за животот надвор од стоењето пред штафелајот.
Во еден разговор Пикасо му рекол на Малро: „Никогаш не знаеме што ќе нацртаме, но кога почнуваме да цртаме се раѓа една историја, една идеја. Потоа историјата се зголемува како во театар, како во животот. И цртежот се преобликува во други цртежи, во еден вистински роман. Секогаш мислев дека ако продолжиме да работиме на еден цртеж, на една историја до недоглед, во таков случај сликата, цртежот ќе почне да ни зборува“.
Ако сакаме да му веруваме на маестро Пикасо, дека кога се работи и кога се оди до недоглед, работата и делата ќе почнат да ни говорат, ќе почнеме да комуницираме меѓу себе. На овие избори, и во првиот и во вториот круг, кој ќе се случи за неколку дена, врската меѓу позитивната политичка опција и граѓаните е воспоставена.
Враќање назад кон криминалот, корупцијата и бесчестието нема. И доста беше. Македонија беше трпелива, не безнадежна, ги издржа сите неправди што ѝ се правеа среде бел ден и пред нејзините погледи. Нешто што е неприфатливо и непростиво. Во првиот круг молчењето не беше опција, народот почна да говори. Граѓаните решија да си ја земат иднината во свои раце, колку и да му изгледа некому тоа архаично, нереално и неможно за реализација. На наредните претседателски и парламентарни избори гласот на граѓаните треба силно да одекне во заштита на квалитетната правичност и реалната демократија.