Христо Узунов

Борбата во селото Цер меѓу четата на Узунов и одредите од Крушево и Прибилци започнала утрината на 24 април. Четата направила обид да го пробие обрачот, но откако во битката загинале Ванчо Србакот и Узуновиот четник Наумче, четата се вратила во куќата на Костадиница Стојанова Паунова, која била солидна и погодна за борбата. Борејќи се до претпоследниот куршум, Христо Узунов и неговите другари последните куршуми ги истрелале во себе, не сакајќи живи да им се предадат на османлиските власти

Повод: 119 години од смртта на Христо Узунов

Деновиве, поточно на 24 април, се одбележија 119 години од саможртвата на македонскиот револуционер и војвода Христо Узунов. Тој останува запаметен како главен војвода на охридскиот разгранок на Македонската револуционерна организација (МРО), како и член на Горскиот штаб за охридскиот револуционерен реон во текот на Илинденското востание од 1903 година. На прилепскиот конгрес бил избран за секретар и за окружен ревизор на четите на МРО за Охридско, Струшко и Кичевско. На 24 април 1905 година, Узунов и неговата чета биле опколени од османлиската армија во селото Цер (областа Железник). Борејќи се до претпоследниот куршум, војводата Узунов и неговите комити последните куршуми ги истрелале во себе, не сакајќи живи да им се предадат на властите.
Неговиот татко Димитар Узунов бил долгогодишен учител и борец за независна црква, близок и роднина на Григор Прличев, а неговата мајка Анастасија Узунов потекнува од стариот струшки просветителски род Чакаровци, таа е ќерка на Георги Чакаров. По завршувањето на основното училиште во Охрид, учи во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ во 1894-1895. Таму бил привлечен кон идеите на Македонската револуционерна организација од страна на Даме Груев и раководел со училишниот бунт од 1896 година.
Потоа е учител во Охрид. На 5 август 1898 година Методи Патчев, со помош на Христо Узунов и Кирил Прличев, синот на Григор Прличев, во центарот на Охрид го ликвидирал србоманот Димитар Грданов. Христо Узунов заедно со истомислениците бил уапсен и лежи девет месеци во затвор. Во периодот помеѓу јануари 1902 година и март 1903 година повторно е затворен во Битолскиот затвор.

По излегувањето од затвор го зазема местото на штотуку убиениот охридски војвода Тома Давидов. Благодарение на Христо Узунов, за Битолскиот востанички реон во текот на Илинденското востание се знае многу повеќе отколку за другите востанички области. Тој запишувал сѐ, го бележел името на секој загинат востаник, на секој убиен селанец, на секој предавник кого организацијата го осудувала на смрт. Денес се познати имињата на сите 478 лица од охридско-струшкиот крај што загинале во Илинденското востанието.
На 24 април 1905 година од Крушево заминал за Кичевско, придружуван од страна на 14 соработници и револуционери, добро вооружени четници и двајца војводи, Ванчо Србаков и Пецето, со цел да го исполнат решението за погубување неколкумина одметнати дејци во една ноќ. Но во кичевското село Цер биле опколени од многуброен турски аскер со артилерија. Тие не примиле никаква помош, па биле принудени или да се предадат или да се самоубијат. Војводата Ванчо Србаков решил на свој ризик, со фрлање бомби, да се обиде да се пробие низ огнот, во што сепак не успеал. За да не им паднат на Турците живи в раце, тој и неговите 13 соборци извршиле саможртва
Борбата во селото Цер меѓу Узуновата чета и одредите од Крушево и Прибилци започнала утрината на 24 април. Четата направила обид да го пробие обрачот, но откако во битката загинале Ванчо Србакот и Узуновиот четник Наумче, четата се вратила во куќата на Костадиница Стојанова Паунова, која била солидна и погодна за борбата. Борејќи се до претпоследниот куршум, Христо Узунов и неговите другари последните куршуми ги истрелале во себе, не сакајќи живи да им се предадат на османски власти.
Сведок на сликата на комитите бил Италијанецот Еторе Лодди, кој запишал: „На другиот ден по бојот ја видов во Цер страшната слика што никогаш нема да ја заборавам – труповите на единаесет млади јунаци, сите со отворени рани по градите и по челото. Се самоубија, за да не паднат живи во рацете на непријателот. Ми го покажаа војводата. Узунов лежеше прострен на подот со раширени раце, а погледот на неговите мртви и отворени очи гледаше горе, во бескрајот. Од челото уште течеше крв. Ја видов Македонија во тој момент – маченица, велика, непобедлива!“ Д.Ст.


Херојската саможртва опеана во песна

Херојската саможртва на Узунов и неговите соборци е опеана во „Песна за Христо Узунов“, во која се вели: „И таму е мојта родина, далеку Македонија, јас сакам таму да загинам, а ти ме забрави за век. И таму е мојта мајка, и таму има божи свет, јас сакам таму да загинам, ти ме заборави за век. Не плачи, мила моја мајко, не рони солзи крвави, ако Христо Узунов падна, на врагот жив се не даде. Сестрите нема да ми играт, над мојот гроб осамотен, и мајка нема да ми идат, да лее солзи за мене. Не жали, мила моја родино, и сите ми другари мој, ако Христо Узунов падна, на врагот жив не се даде“.