ШАХ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА ЖЕНИ
Стојковска вторпат го подели поенот

Единствената македонска претставничка на 24. Европско првенство (ЕП) во шах за жени, на Родос (Грција), ФИДЕ-мајсторката (ФМ) Моника Стојковска (2.057 рејтинг-поени, рангирана на 122-то место пред почетокот на турнирот), вторпат ремизира. По петтото коло, тоа го стори со црни фигури и во осмото, против Израелката Шломит Варди (1.906, рангирана 153-та). Во деветото, претпоследно коло, членката на Алкалоид, со бели фигури ќе игра против Летонката Рамона Голста (1.867, рангирана 160-та).
На две кола до крајот на ЕП 2024, Стојковска има три поени и е на делба на 131.-158. место во конкуренција на 182 учеснички од 35 држави. На табелата и понатаму води ИМ од Азербејџан, Оливија Фаталијева (2.377, рангирана 24-та), со 7,5 поени (седум победи и едно реми), а ја следат со по 6,5 поени ИМ од Украина Наталија Букса (2.394, рангирана 16-та) и ИМ од Романија Ирина Булмага (2.394, рангирана 17-та). Од ова ЕП најмалку 10 шахистки ќе се квалификуваат за следниот Светски куп за жени. Г.И.


КИКБОКС
Илиоски стана светски првак во ВАКО ПРО

Со одлука на судиите од 2-1, тој го победи Берк Дузенли од Турција
Најдобриот македонски кикбоксер Бобан Илиоски е нов светски професионален првак во кикбокс на ВАКО ПРО во дисциплината К1 (во тежинската категорија до 88,6 кг). Тој на мечот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, со одлука на судиите од 2-1, го победи претставникот од Турција Берк Дузенли.
Илиоски во ноември лани го освои златниот медал на Светското ВАКО-првенство во категоријата лоукик (до 86 кг) и со тоа ја обедини светската и европската титула. За своите успеси на меѓународен план, Илиоски беше избран за спортист на Македонија во 2023 година. На гала-вечерта, пред главниот настан и борбата на Илиоски, имаше уште шест меча во машка и во женска конкуренција, на кои учествуваа атрактивни натпреварувачи од Македонија и нивните противници од Србија, Словенија, БиХ и од Израел. Г.И.