Импулсивноста како дел од проблематичното однесување е поврзана со емоциите

Импулсивноста како начин на реакција е битна кога се проценува поведението на една личност, особено кај децата. Постоењето на импулсивност е предиктор за серија проблеми, како што се коцкање, алкохолизам, онлајн игри на среќа, опсесивно-компулсивно однесување и зависност од социјални медиуми. Поспецифично, негативната импулсивност е силен предиктор за алкохолизам, опсесивно-компулсивно растројство и зависност од социјални медиуми. Позитивна импулсивност, пак, е асоцирана со коцкање и онлајн игри на среќа. Со ваквите сознанија се сугерира дека импулсивноста е клучен фактор за многу проблеми во однесувањето и дека валенцијата на оваа итност е важна кога се разгледуваат голем број психопатолошки растројства

Во современиот живот сме сведоци на често избивање реакции што не се пожелни во секојдневното функционирање и кои се означуваат како проблематично однесување. Ваквите „изливи“ се особено чести во развојниот период. Во написов ќе се осврнам на некои битни сознанија поврзани со оваа манифестација.
Импулсивноста претставува однесување што се карактеризира со непромислено (значи без претходно планирање), брзо и грубо реагирање. Импулсивната итност се опишува како тенденција да се дејствува на тој начин токму кога се доживуваат екстремни емоции. Како карактеристика на однесувањето, импулсивноста е еден од битните критериуми кога се поставуваат дијагнози како АДХД, коцкање или зависност од супстанции. Импулсивноста има предиктивна вредност, особено кога се анализира какво било проблематично однесување или психопатологија. Така, на пример, импулсивноста е причина за многу тепачки помеѓу учениците, на кои секојдневно сме сведоци.
Додека горенаведеното ја потенцира важноста на импулсивноста за проблематичните однесувања, како клинички така и емпириски, разбирањето на нејзиното точно влијание е под прашалник поради недостиг од консензус во врска со концептуализацијата и мерењето на импулсивноста. Како и да се концептуализира импулсивноста, битно е дека таа не е еднодимензионална карактеристика, дека може да биде негативна или позитивна и дека недвосмислено е поврзана со емоционалната состојба.
Од невробиолошки аспект, импулсивноста е поврзана со функционални промени во мозочната активност, особено во оние региони асоцирани со очекување награда или со импулсивната контрола, а тоа се префронталните региони на големиот мозок. Сѐ уште постојат несогласувања околу емоционалната компонента на импулсивноста, односно дали станува збор за позитивна или негативна валенција на ургентната реакција. Во психологијата под валенција се подразбира капацитет на нешто или на некое лице да реагира или да влијае на друго на некој посебен начин, како со привлекување или олеснување на некоја функција или активност (т.е. позитивно или негативно).

Во една понова студија е истражувана предиктивната важност на импулсивноста во однос на валенцијата и проблематичното однесување. Потврдено е дека ниту позитивната ниту негативната валенција на импулсивноста не можат да ги предвидат сите можни однесувања. За проблематичното коцкање, алкохолната злоупотреба или онлајн коцкањето, позитивната и негативната ургентност се навистина предиктивни фактори за опсесивно-компулсивно растројство и адиктивност од социјалните медиуми. Сепак, негативната валенција е покажана како посилен предиктор и за двете растројства, а е речиси единствен предиктор за алкохолизмот. Сепак, потребни се дополнителни истражувања за да се добие целосна слика за тоа како валенцијата влијае на разните форми на проблематично однесување.
На пример, едни автори сметале дека кај проблематичното користење алкохол позитивната валенција можеби се поврзува со потреба за наградување, додека негативноста е повеќе асоцирана со контролата на импулсивноста, што би значело поврзаност со различни неврални патишта. Други истражувања сугерираат дека социјалниот контекст на однесувањето можеби е битен за да се разбере влијанието на импулсивниот аспект (позитивен/негативен) врз однесувањето, особено во ситуации кога постои осетливост за емоционална возбуда. Тоа навистина може да влијае на типовите на однесувања поврзани со поголеми позитивни или негативни емоции.
Во моментов студиите се ограничени во степенот до кој овие прашања се истражени, бидејќи некои студии се чини дека го занемаруваат влијанието на нечија емоционална состојба врз ризичното однесување, и покрај тоа што повеќето од овие однесувања се со поголема веројатност да се појават во ситуации поврзани со голем емоционален набој.
Со јасна поддршка за важноста и валентноста на емоционалните аспекти во рамките на концептуализацијата на импулсивноста се јавува дилема околу неколку популарни психометриски модели на мерење на импулсивноста. Така, популарната скала на Барет за импулсивност (БИС-11) ја дели импулсивноста на внимателна, моторна и непланирани аспекти, но не ја мери директно емоционалната импулсивност. Напротив, УУПС-скалата содржи потскали што ги мерат ургентноста, премедитацијата, персеверацијата, барањето сензации, позитивната итност, како и импулс-контролата, со што се мери и емоционалната итност заедно со барање сензации и когнитивниот аспект на импулсивноста.

Истражувањето на импулсивноста особено е битно во периодот на развој на детето. Во таа насока се направени истражувања наменети на демографските афективни и когнитивни варијабли што придонесуваат да се манифестира импулсивност, која е особено зголемена во адолесцентниот период, а постепено се намалува колку се оди кон возрасната доба. Најдено е дека паралелно со развојот на функциите на префронталниот кортекс се развиваат егзекутивната функција и процесите на внимание кон нови информации, кои се спротивни на импулсивноста. Особено е интересен наодот дека мајки што консумирале алкохол за време на бременоста имаат деца што се особено подложни на импулсивни реакции!
Невролошката функција е битна за голем дел од однесувањето, а регионалните волумени на мозокот претставуваат лесно достапна метрика за истражување. Истражувањата се фокусираа на развојот на саморегулација за луѓе со психијатриски дијагнози, иако оцените за ниска контрола на импулси предвидуваа намален волумен на десната вентромедијална префронтална регија кај здрави момчиња.
Кај здрави образовани млади возрасни лица, импулсивноста беше негативно поврзана со фронтално-стријаталниот и темпоралниот волумен и откри дека површината на десниот каудален преден сингуларен кортекс негативно ја предвидува когнитивната контрола, особено кај деца од 12 години или помлади. Истражувањата покажуваат асоцијации на импулсивноста и префронталниот кортекс, кои укажуваат на развојна психопатологија. Во студиите со функционална магнетна резонанца (fMRI), импулсивноста предизвикува активација на деловите на мозокот познати како цингулат и орбита.
Она што е многу битно е дека импулсивноста е умерено наследна (во варијации 20-62 отсто). Семејната генетика и околинските случувања влијаат на импулсивност базирана на перформанс. Притоа, битни се волумен на мозокот, сигналната генерација во нервниот систем, амплификација на преносливоста, сигнализирање на калциумот, но и имуниот одговор. Во 2,6-4,8 отсто импулсивноста е базирана на ГАБА-алели (форми на гама-аминобутерна киселина), но е и под влијание на серотонин и допамин. Многу генски локуси се инволвирани во импулсивноста. Резултатите покажуваат дека податоците од низа домени, вклучувајќи мозочни и неврогенетски механизми, може да се усогласат во примерок за истражување на развојната психопатологија. Социодемографските фактори, како и психолошките, генетските и фронтолимбичните невроанатомски варијабли на десната хемисфера поврзани со емоционалната регулација (за разлика од когнитивната контрола), ја предвидоа просечната импулсивна итност во примерок од детството до раната зрелост.

Во секој случај, импулсивноста е поврзана со невропсихијатриски и екстернализирачки симптоми.
Истражувањата на импулсивноста ги вклучија влијанието на возраста, полот, приходите во домаќинството, употребата на алкохол кај мајката за време на бременоста, проблемите со училишното однесување, анксиозноста и негативното влијание на околината. Приближно од 11-годишна возраст до раната зрелост, разредувањето на кортикалната сива материја е поврзано со промени во однесувањето, вклучувајќи и зголемена импулсивност, како и подобрена ефикасност во обработката на информациите. Слично на тоа, поврзаноста помеѓу импулсивноста и проблемите во однесувањето во училиштето е конзистентна со постојните истражувања што ја покажуваат врската помеѓу импулсивноста и екстернализираните симптоми, како што се нарушено однесување и проблематична употреба на алкохол.
Би заклучила дека импулсивноста како начин на реакција е битна кога се проценува поведението на една личност, особено кај децата. Постоењето на импулсивност е предиктор за серија проблеми, како што се коцкање, алкохолизам, онлајн игри на среќа, опсесивно-компулсивно однесување и зависност од социјални медиуми. Поспецифично, негативната импулсивност е силен предиктор за алкохолизам, опсесивно-компулсивно растројство и зависност од социјални медиуми. Позитивната импулсивност, пак, е асоцирана со коцкање и онлајн игри на среќа. Со ваквите сознанија се сугерира дека импулсивноста е клучен фактор за многу проблеми во однесувањето и дека валенцијата на оваа итност е важна кога се разгледуваат голем број психопатолошки растројства.
Токму затоа, кога родителот ќе забележи импулсивно однесување кај детето, треба да побара стручна помош, зашто денес постојат методи во психологијата што се терапевтски.