– Два конца парај од срцето, драги,
едниот црн е, а другиот црвен,
едниот буди морничави таги,
другиот копнеж и светол и стрвен.
(…)
– Судбинско нешто се плело за века
од двете нишки, два созвучни збора,
едната буди темница што штрека,
другата буди вкрвавена зора.
Задумана за Македонија ја читам поезијата на Конески. И токму овие две строфи не ми излегуваат од глава. Очудена, занесена, слегувам во некои темни долини, во духовните бездни. Како овие две строфи да имаат нешто посебно, но и нешто таинствено и не ми даваат мир. Се будат некои тешки јанѕи и неверици, ноќни кошмари и неизвесности. Овие строфи како да ја оживуваат ноќната страна на егзистенцијата. Има во нив нешто тешко и непроѕирно. Овие строфи, јунговски кажано, како да откриваат некои колективно несвесни визии за нас самите во историјата и во праисторијата.
Но како да е тука и сега присутен духот на Конески, како да ни вели – Македонците мора да си ја сакаат Македонија, а Македонецот својот брат и доколку потонеме сега, тогаш се активира еден деструктивен крај, толку вековно посакуван од другите.
Во поетското и во научното дело на Конески живее и пулсира едно длабоко, наталожено животно, егзистенцијално и историско искуство на нашиот човек и на нашиот народ. Тој трауматски, тој тежок и комплексен порив на овој народ во историјата, да се крене над историските урнатини, да се вивне низ нив и на тој начин да продре во својата длабочина, е присутен во стиховите на Конески. Тој егзистенцијалистичко-градителски порив генетски е запишан во македонскиот народ и колку другите умееле да ги уриваат тие градби, тој не се откажувал трпеливо и во мака повторно да ја гради на урнатините својата единствена татковина. Ете, токму тоа ни се случува и во сегашниот миг.
Не знам дали сме свесни за историскиот миг пред кој се наоѓаме. Денес како повторно пред нас да ги читаме и Рациновите „Бели мугри“, како да му се разденува на македонскиот народ, кој со години беше притиснат во една долга и темна ноќ на постоењето. Како повторно да се појавуваат првите македонски зорини во сопствената горда држава. Како конечно да дојде мигот да бидеме свои на своето. Силно светна денот за Македонија, која и со векови умираше во маки и страдања, која гореше во молњи и трескавици, но сега таа повторно како да се раѓа во белите мугри на својата историја, како куќа и дом за сите Македонци и сите оние што ја сакаат и се лојални на неа и како дом на сето што е македонско од дамнина од искон.
Како повторно силно да бијат камбаните над Крушево.
Како да сум во далечната 1903-та, како досега да не беше зајден средниот век со својата исламско-феудална статика, како пет столетија ништо да не беше помрднато од место, ете такво беше чувството да се живее во Македонија последнава деценија. Одново го читам Стале Попов…
Но, сѐ си има свој крај. Во инфералното македонско ноктурно светнува новиот ден на еден нов Илинден и на еден нов АСНОМ! Како да бијат повторно камбаните во Крушево, како и сега да ја читаме онаа најпозната македонска аксиома „Слобода или смрт“, да се биде или да се умре. Како Републиката да згрме и од подземи и од небеса, но сега се ори македонската химна, како од нас да се ослободува еден збир на насобрана мака, како крик на речиси едно децениско угнетување и обесправеност, како квинтесенција и непрекината борба за нашиот национален статус, како сенародна катарза од голготите на бескрајните уценувања, страдања и понижувања. Се подготвува исто како и во времето на Илинден, еден нов македонски лет. Потем, блеснува одеднадеж како гром што удира во каменот и го ослободува заробеното време (Радован Павловски), па озарува една нова и долгоочекувана децениска народна надеж по најголемиот македонски мрак.
Да, денес како повторно и силно да бијат камбаните над Крушево.
И дали е неприродно да извикаме дека солзи сами течат прости ми, а зар чудно е во слобода, сега, солза да потече врела? Кога гледам низ премрежениве очи како мојот народ, овој измачен македонски човек ги дига погледот и рацете кон небото и со еден нов духовен елан и занес пее од утробата на својата душа, пее дека надеж има, дека има само една вистина, дека само едно име имаме и дека пред тиранијата нема да потклекнеме! Македонија бесмртна!
Ја пишуваме старо-новата историја!