Од творештвото за деца на писателот Владо Јаневски
Се оттргнав од дремката кога го слушнав Влатко како ми пријде и ме праша дали спијам пред вклучениот телевизор.
„Само ги одморам очите по напорниот ден“, му реков.
Знаев дека сакаше да чуе некоја од моите приказни. Ме гледаше со неговите големи детски очи полни со исчекување и се залепи до мене на софата.
„Слушај сега“, му шепнав на уво. „Наместо измислена ќе ти раскажам вистинска приказна за нешто што неодамна ми се случи во дуќанот.“
*****
За разлика од други денови, тој ден во мојот чевларски дуќан не навратија многу муштерии. Во сеќавање ми остана случката со еден млад господин. До крајот на работното време имаше нецел час кога низ подотворената врата ѕирна младиот господин и праша дали се готови неговите чевли. Го замолив да почека за кратко додека проверам.
„Досега не сум видел вакви обувки“, реков проверувајќи ги чевлите уште еднаш пред да му ги предадам.
„Не се оттука“, ми откри младиот господин и додаде: „Со нив дојдов од едно многу далечно место.“
„Додека ги поправав, забележав дека беа прилично износени. Зарем сте пешачеле со чевливе дури оттаму?“ се чудев.
„Тоа би било невозможно“, се насмевна господинот. „Оттаму дојдов преку голема вода. Почнав да пешачам дури откако пристигнав тука и поминав голем пат разгледувајќи ја вашата земја. Морам да признаам дека останав вчудовиден од она што го видов“, додаде господинот.
„Вчудовиден? Можеби малку претерувате, мојата земја е сосема обична“, реков.
„Вам само ви се чини така, но јас останав вчудовиден, сигурно зашто доаѓам од мало место на крајот на светот“, додаде господинот.
„Не се среќаваат секој ден луѓе како вас“, реков и му понудив шолја чај.
Господинот се смести во удобниот стол крај мене и како да ми ја прочита мислата дека горам од љубопитство да дознаам нешто повеќе за него.
„Ќе ви раскажам вистинска приказна за момчето Јовче“, рече тој кога виде дека со нетрпение чекам да продолжи.
Од господинот дознав дека момчето Јовче се родило и живеело на остров изгубен некаде во средината на голема вода. Претпоставував дека се работеше за океан, но не сакав да го прекинувам. Бев многу изненаден кога дознав дека на островот немало мобилни телефони, ни компјутери, немало ни телевизори, ни струја. Навечер децата како Јовче заспивале со приказни што им ги раскажувале нивните баби и дедовци. Јовче неизмерно си го сакал дедо си и научил многу работи од него. Најмногу сакал кога дедото навечер ќе се врател од рибарење и ќе му дадел знак на малиот Јовче дека има нова приказна за него. Јовче едвај чекал дедо му да го извлече чамецот на брегот, да ги испразни мрежите и да се прибере дома за вечера. По вечерата дедото ќе го запалел лулето, ќе го седнел внукот во скутот и ќе почнел да му раскажува. Секоја следна приказна била повозбудлива од претходната. На Јовче највозбудлива му била приказната дека некаде далеку зад хоризонтот се крие крајот на светот. Така Јовче поминал многу години заедно со дедо си и со неговите приказни и се сторил стројно момче. Како момче почнал да му помага на дедо си кога заедно оделе на рибарење. За жал, еден ден дедото тешко се разболел и дошол часот кога требало да се прости од овој свет. Јовче бил многу тажен, плачел со денови. „Дедо ти си замина засекогаш. Треба да научиш да живееш без него“, мајка му се обидела да го утеши момчето.
Јовче престанал да плаче, но не престанал да тагува и се повлекол во себе. Мајка му се загрижила, не знаела што да прави додека низ прозорецот го гледала Јовче како замислено седи на брегот и поголемиот дел од денот не се прибира дома. Едно утро момчето решило да види што има зад хоризонтот, да го најде местото каде што се составуваат водата и небото. Се прашувало дали таму некаде навистина е крајот на светот како што му раскажувал дедо му. Љубопитноста му дала крилја. Уште взори, додека сите биле потонати во длабок сон, Јовче се качил во чамецот на дедо му и, без да им каже на најблиските, почнал да весла кон непознатото. Со часови веслал завртен со грб кон хоризонтот и гледал како островот се оддалечува и станува сè поситен. Кога островот изгледал поситен од ноктот на палецот, Јовче погледнал зад себе за да види уште колку има до крајот на хоризонтот; имало уште многу, та момчето продолжило со веслање. Сонцето било точно над него кога момчето повторно запрело. Верувало дека во тој момент мора да е дојдено многу блиску до самиот крај. Се завртело, но таму сè уште не се гледал крајот. Бидејќи не сакало ноќта да го затекне на отворено море, момчето решило да весла побрзо кон хоризонтот за кога ќе стаса до крајот да има доволно време за враќање. Од силното напрегање почнало да чувствува болка во рамењата. Болката станувала неподнослива. Најпосле момчето увидело дека се прелагало и дека не ќе може да се врати дома пред стемнување. Ноќната месечина го затекнала на отворено море. Големата вода почнала да се бранува, страшни далги се кренале. Морето како да сакало да го голтне беспомошното момче премрено од страв.
Кога се разденило во далечината здогледало копно. „Мојот остров!“ извикнало момчето, радосно што ќе може наскоро да се врати кај мајка си. Можело само да претпостави колку многу таа се загрижила за него, затоа почнало брзо да весла кон островот. Чамецот најпосле заринкал во песокта на брегот и момчето се стрчнало кон својот дом. Дури тогаш забележало дека тоа не бил неговиот свет. Луѓето што ги сретнувало не го познавале, ниту пак тоа ги познавало нив. Момчето шетало така по должината на брегот сè додека покрај едно дрво не наишло на натажен старец, кој свирел на кавал. Не можело да поверува кога во тажниот старец го препознало својот покоен дедо.
„Колку се радувам што те најдов тука“, Јовче го прегрнал свој5от дедо. Очекувал да се појави широка насмевка на лицето на дедо му, но тој уште повеќе се натажил штом го видел внукот. Јовче не разбирал зошто е тоа така, тогаш дедо му го замолил да седне крај него и му кажал за што се работи.
„Ова е местото каде што доаѓаат покојните“, му рекол тој, што требало да значи дека и Јовче е мртов.
„Јас, мртов?“ на тоа Јовче се насмевнал и го замолил дедо си да престане да тагува за него. „Дедо, пред мене има уште многу години живот“, му рекол и додал: „Јас само сакав да го најдам крајот на хоризонтот и ме стемни. Кога се раздени го забележав местово и еве сум тука. Погледни, чамецот уште ми е на брегот“, му објаснувал.
Старецот на тоа ја занишал главата и загрижено му рекол. „Внучко мој, си згрешил што си дошол овде.“
„Ама дедо, не тревожи се“, го успокојувал Јовче. „Отсекогаш си бил таков, за сè си се грижел.“
„Овој пат се грижам за тебе. Јовче, тебе тука уште не ти е местото. Ти си сè уште млад и зелен, уште ништо не си видел од животот“, се туфкал стариот. „Помисли си само што ќе си рече сега мајка ти? Косите ќе си ги искубе кога ќе дознае дека веќе не се враќаш.“
Внукот сè уште не верувал дека не ќе може да се врати кај мајка си. „Погледни колку е лесно да заминам од овде“, му рекол на дедо си, отишол кај чамецот и завеслал за назад. Веслал со сета сила, меѓутоа, колку и да се обидувал, водата го враќала на брегот; штом ќе се оддалечел малку од плиткото, секогаш некој бран ќе се кренел и пак ќе го врател.
Стариот, седнат под дрвото, го гледал внукот како попусто се измачува и плачел од преголема тага за него. Се чинело дека тагата била толку голема што успеала да допре до една голема црна птица, која слетала во близината. На птицата ѝ паднало жал за кутрото момче, кое упорно се обидувало да се врати дома, затоа почнала сè посилно да замавнува со нејзините големи крилја. Од замавнувањето на крилјата задувал силен ветер. Ветрот му помогнал на момчето најпосле да се најде на отворено море и да го фати патот за дома. Јовче ја искористил шансата да се спаси од смртта, не престанал да весла сѐ додека не ја здогледал мајка си, која расплакана го пречекала на брегот. Премален од голем умор, Јовче потонал во длабок сон. Кога се разбудил веќе не бил сигурен дали навистина се сретнал со дедо си. Му се чинело како сето тоа да било дел од некаков кошмар. Оттогаш поминале повеќе години, Јовче продолжил да живее на неговиот остров опкружен со прикажувањата на островјаните за крајот на светот зад хоризонтот. Тие верувале дека таму некаде има земја каде што се собираат покојните; ужалените роднини и пријатели плетеле венци од цвеќе и ги фрлале во морето пред секоја бура, верувајќи дека бурата ќе ги однесе венците на другиот свет и со тоа ќе им дадат до знаење на покојните души дека не се заборавени.
Јовче не го напуштила љубопитноста, со секоја измината година таа растела и сè повеќе го копкала желбата да открие колку се вистинити таквите верувања. Затоа дошол часот кога Јовче решил уште еднаш да се обиде да завесла кон крајот на хоризонтот. Мајка му не можела да го запре, но се надевала дека тој ќе успее во она што го наумил, бидејќи за разлика од првиот пат, сега Јовче бил силен маж и имал чамец со големи едра во кои дувал ветрот и му помагал при веслањето. Таа останала да го чека на брегот со надеж дека нејзиниот син повторно ќе ѝ се врати.
Тука за момент го прекинав раскажувањето на младиот господин и му ги предадов поправените чевли: „Повелете, готови се“, му реков.
Тој ги позеде и веднаш ги испроба. „Не можам без нив“, рече откако се увери дека чевлите се повторно како нови.
„Господине, се извинувам што вака ве прекинав. Продолжете да раскажувате, сигурно имате уште за кажување. Патем, јас сум Петар“, се претставив.
„Јас сум Јовче“, се насмевна тој. „Ќе ви го раскажам тоа што следува следниот пат кога ќе навратам во дуќанов. Во меѓувреме мислам дека имам уште многу за пешачење. Во оваа голема земја има уште многу работи за кои немаше да дознаам ако не заминев од островот“, додаде младиот господинот на излегување од мојот чевларски дуќан и, како што дојде, така и си замина.
*****
Се завртев кон Влатко. Очекував да ми се налути дека оваа приказна е некако незавршена. На тоа ќе му одговорев дека вистинските приказни се најчесто незавршени, но Влатко беше заспал покрај мене на софата. Толку се бев занел во она што го раскажував што не сум забележал дека потонал во длабок сон. Си помислив дека кога ќе се разбуди сигурно нема ништо да се сеќава за она што сум му раскажувал. Внимателно го кренав в раце и го сместив во неговиот кревет. Утредента останав зачуден кога Влатко дотрча кај мене и возбудено почна да ми раскажува дека во сонот се нашол на островот на Јовче. На брегот го пречекала загрижената мајка на младиот господин. Влатко ѝ рекол да не се грижи за нејзиниот син. Ѝ рекол дека Јовче сака да го види светот и еден ден ќе се врати дома.
„Нели ќе се врати?“ ме праша Влатко додека појадуваше.
„Сигурно“, реков и помислив на мојата мајка, која исто така ме чекаше. Беше време да ја посетам.
За авторот
Владо Јаневски е писател и сликар. Роден е во Прострање, Македонија. Детството го поминал во Велмевци и во Битола, каде што завршил гимназија, високо образование стекнал на УКИМ во Скопје. Од 1989 година живее во Сиднеј, Австралија, и честопати патува по светот (престојувал во шеесетина земји). Член е на Друштвото на писателите на Македонија.
Објавени дела: роман „Кој го уби Едгар Алан По“ (Или-Или, Скопје, 2024), роман „Смртта не е крај“ („Арс Ламина“, Скопје, 2022), роман „Мртвите знаат најдобро“ („Арс Ламина“, Скопје, 2020), роман „Чудо зад аголот“ („Магор“/„Пагома прес“, Скопје, 2020), роман „Под друга капа“ („Магор“, Скопје, 2019), роман „Made in Jabana“ („Слово“, Скопје, 2004), поетска збирка „На грбот на неповратот“ (Агенција за иселеништво, Скопје, 2024), збирка раскази „Нема враќање“ („Студентски збор“, Скопје, 1985). Илустрирани книги за деца: „Палавковците Влатко и Емче“ („Стрип-Квадрат“, Скопје, 2023) и „Луѓето и змејовите“, („Арс Ламина“, Скопје, 2023)…
Добитник е на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината во Македонија за 2020 година и на наградата за најдобро сценарио за долгометражен игран филм на Меѓународниот фестивал на филмски сценарија „Скрипт фест“ во 2021 година. Повеќепати освојувал награди на конкурсите за раскази на весниците „Студентски збор“ и „Нова Македонија“. Бил наградуван и на конкурсите за бајки на издавачката куќа „Арс ламина“ од Скопје.
Изложувал во Сиднеј и на интернет и гостувал на ликовни колонии во Македонија. Објавувал карикатури и во познатиот австралиски магазин „Булетин вит њузвик“. Ангажиран е како уредник за книжевно и ликовно творештво во магазинот „Везилка“, каде што претставува македонски автори што живеат надвор од Македонија.