Нема да се одржат мастер дебати со сите претседателски кандидати, информира денеска тимот за комукации на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.
-За жал, и покрај најдобрите намери во овој процес и соработката меѓу изборните штабови, политичките и медиумските околности во моментот не се одржливи за да се создадат услови за одржување на овие „мастер дебати“ – се посочува во соопштението.
Оттаму посочуваат дека изминатиот период, преку интензивна комуникација на изборните штабови на сите седум претседателски кандидати беше постигнат консензус за одржување на две големи т.н. „мастер дебати“.
-На тој начин, во духот на демократијата и транспарентноста, јавноста ќе следеше отворена дебата за прашањата за кои се залагаат претседателските кандидати и за нивните програми. Исто така, штабот на кандидатот Стево Пендаровски одржа состаноци со одговорните лица од националните телевизии, како и последователни состаноци со претставници од изборните штабови на претседателските кандидати со цел да се надминат отворените прашања, да се премостат разликите, како и да се излезе во пресрет на одредени поспецифични барања – информираат од тимот на Пендаровски.
Дебатите, како што се наведува во соопштението, беше предвидено да се одржат на неутрален терен, а да бидат пренесувани од националните телевизии, како и на социјалните платформи.
– Но, за жал, и покрај најдобрите намери во овој процес и соработката меѓу изборните штабови, политичките и медиумските околности во моментот не се одржливи за да се создадат услови за одржување на овие „мастер дебати“ – се посочува во соопштението на тимот за комуникации на Пендаровски.