Тој беше првиот човек во вселената и засекогаш ќе има свое место во историјата, а загина на 27 март 1968 година во трагична несреќа на авионот со кој управувал. Сепак, вистинските околности за смртта на Јуриј Гагарин беа објавени дури подоцна и покажуваат дека друг авион опасно се приближил до неговиот авион
Вистината за смртта на Гагарин
Четириесет години, вистинските околности на смртта на првиот човек во вселената, Јуриј Гагарин, беа обвиткани во тајност.
Познатиот руски астронаут Алексеј Леонов, првиот човек што остана на отворен простор на 18 март 1965 година, со години се бореше да му се дозволи да ги открие деталите за тоа што му се случи на легендарниот Гагарин во март 1968 година.
Според доверливиот извештај што комисијата во која бил и Леонов го составила по истрагата, констатирано е дека човечкиот фактор е причина за трагичниот инцидент. Имено, авионот „су-15“ летал недозволено блиску до борбениот авион на Гагарин, „миг-15ути“, со што го довел во опасност.
– Во овој случај, пилотот на авионот ги прекрши правилата, спуштајќи се на висина од 450 метри. Ова го знам бидејќи бев таму и разговарав со сведоците. Бев таму и го слушнав звукот на моторот на „су-15“, кој помина многу блиску до Гагарин, предизвикувајќи неговиот авион спирално да почне да паѓа кон земјата и неконтролирано да се врти со брзина од 750 километри на час – вели Леонов.
Сепак, името на пилотот на авионот одговорен за смртта на Гагарин сѐ уште не е објавено. Анонимноста на виновникот е услов под кој на Леонов му се дозволува да го презентира извештајот на јавноста.
Според официјалната верзија што беше претставена пред повеќе од 40 години, државната комисија формирана за истрага на несреќата заклучи дека Јуриј Гагарин и пилотот Владимир Серјогин во „миг-15“ се обиделе да избегнат летечки објект, како што е патнички балон.
Во тој обид тие изведоа маневар што резултираше со неконтролирано спирално движење на авионот и, конечно, негово рушење. И двајцата починале во таа ситуација.
– Заклучокот беше веродостоен за цивилите, но не и за експертите – изјави Леонов за „Раша тудеј“.
По објавувањето на првите резултати пред четири децении беа развиени многу теории за смртта на Гагарин. Се шпекулираше дека се работи за самоубиство, а отиде дотаму што некои тврдеа дека се работи за судир со НЛО.
Имаше и верзија за нападот на паника на Гагарин!
– Останува големо жалење што беше потребно толку време за да излезе вистината на виделина. Но сега конечно можеме да спиеме мирно – изјави првата жена во вселената, Валентина Терешкова.