САД имаат повеќедецениско искуство со нефункционални држави поради корупцијата (како што е и примерот со Мексико). Оттука, Америка има јасна антикорупциска политика во меѓународните односи со државите. Вашингтон е свесен дека доколку корупцијата пушти длабоки корени, тогаш е исклучително тешко таа да се искорени. Затоа и не треба да нѐ зачудуваат изјавите на американската амбасадорка Анџела П. Агелер дека Вашингтон повторно ги нагласува и поткрепува мерките за Македонија да има посилен фокус и санкционирање на корумпираните субјекти, сегашни и минати, како и за постојаното дополнување на американската црна листа со имиња на сегашни и поранешни македонски политичари. Овие американски антикоруптивни активности се со длабока антикорупциска побуда (или ако сакате: „пружање рака на стратегискиот партнер“), за да излеземе од „живата кал на криминалот, корупцијата и општествено антисоцијалните тенденции“ што Македонија ја влечат надолу во вителот на бесперспективноста
Антикорупциска приказна со среќен крај
За магијата се вели дека е една од најстарите изведувачки уметности во светот, а низ историјата влеваше страхопочит и зачудување. Денес е сосема спротивно, магионичарите и нивната уметност ги восприемаме како обична забава или хоби, но во магијата сепак има нешто „магично“. Честопати пред магионичарите предметите исчезнуваат или се појавуваат одникаде, не случајно Дејвид Коперфилд можеби е еден најголемите магионичари, затоа што создаваше спектакли поголеми од животот, како што е исчезнувањето на Статуата на слободата во Њујорк. Вистина е дека Коперфилд е мајстор на својот занает, меѓутоа никој ја нема умешноста на мексиканските магионичари, како што беше Мигел Феликс Гаљардо, познат и како Ел Падрино.
Широка, длабока и пространа корупција… не е вкоренета само кај нас
Верувале или не (како во позната рубрика), овој Мексиканец го направи најголемиот магионичарски трик на сите времиња! Во пустинските предели на мексиканската сојузна држава Чивава, во непосредна близина на границата со Соединетите Американски Држави, плантажа распослана на повеќе од 10.000 квадратни метри со најсовремен систем за наводнување беше невидлива дури и за најсовремените авионски набљудувања. Овој магионичарски трик е уште поневеројатен ако се земе предвид дека за време на жетвата во март, неколку години по ред, повеќе од 7.000 земјоделци работеа, а никој (како трите мудри јапонски мајмуни) не виде, не слушна и не зборуваше за дејствата на „земјоделската“ плантажата, какво магионичарско чудо!
Но како настануваат овие трикови? Магионичарите најчесто користат лукави методи и средства, како што се погрешното насочување, оптичките илузии или хипнозите, меѓутоа Ел Падрино не користеше ниту едно од наброеното, затоа што не станува збор за магионичар во вистинска смисла на зборот, туку за нешто друго. Мигел Феликс Гаљардо (Ел Падрино) е творецот на првиот мексикански наркокартел Гвадалахара и наркобос што заработи милијарди долари. Во почетокот на 80-тите години на 20 век тој ја создаде најголемата плантажа за марихуана во светот, но за таа активност владите во Мексико Сити и во Вашингтон не беа запознаени и покрај американската донација на најнапредна опрема за авионските набљудувања. Замислете, на ниту една фотографија што била направена од авионите за набљудувања над пустината во Чивава плантажата за марихуана ја немало!
Доколку Ел Падрино не користел магионичарски трикови, тогаш која е неговата тајна? Лукавиот Мексиканец го употребил најстариот рецепт, рецепт што од античките времиња па до ден-денес е силно вкоренет во човековото битисување – корупцијата! Ел Падрино и неговите соработници биле недопирливи за мексиканската влада поради соработката на наркокартелот Гвадалахара со мексиканската Федерална дирекција за безбедност (разузнавачка агенција и тајна полиција). Ел Падрино и другите водачи на наркокартелот склучиле договор со првиот ешалон на Федералната дирекција за безбедност за непречено одгледување и транспорт на марихуана, во замена за голем процент од нелегалната трговија, а постепено на „платниот промет“ на наркокартелот Гвадалахара се нашле голем број полициски началници, генерали и гувернери, како и блиски членови на мексиканската влада.
Секоја форма на корупција, па и онаа „најмагичната“, мора да има крај
Но секој магионичарски трик има свој крај, а токму тоа се случи на 14 ноември 1984 година, кога мексиканската армија со помош на Американската агенција за сузбивање наркотици (ДЕА) изврши рација на плантажата за марихуана и беа запленети околу 5.000 тони марихуана, во вредност од 2,5 до 3 милијарди долари. Откако мексиканската војска ја обезбеди плантажата, теренот го обиколи американскиот амбасадор и марихуаната беше запалена, се вели дека ефектите од вдишување на запалената марихуана се чувствувале во радиус од 150 километри околу плантажата.
Рацијата не била извршена благодарение на мексиканските власти, туку на Енрике (Кики) Камарена, таен агент на американската ДЕА, кој успеал да го убеди својот шеф во постоењето на плантажата за марихуана, како и на политичките притисоци на Вашингтон врз мексиканските власти. Кики Камарена, поради неговата улога во уништувањето на марихуаната во вредност од околу 2 милијарди долари, бил заробен, мачен и убиен од припадниците на наркокартелот Гвадалахара.
Неговото убиство е всушност вовед во фамозната американска војна против наркотиците, која започна со уништување на наркокартелот Гвадалахара, апсењето на Ел Падрино и укинувањето на мексиканската Федерална дирекција за безбедност, поради нејзината поврзаноста со нелегалната трговија со наркотици. Но оваа приказна нема среќен крај, бидејќи и ден-денес во Мексико беснее војна против наркотиците, а досега во престрелките помеѓу наркокартелите и мексиканските безбедносни сили загинаа околу 40.000 луѓе, а околу 350.000 убиства се поврзани со оружените пресметки помеѓу картелите и околу 60.000 луѓе се водат како исчезнати. Мигел Феликс Гаљардо (Ел Падрино) денес се наоѓа во домашен притвор, откако помина повеќе од триесет години од својот живот во максимални затворски безбедносни услови, но неговиот најголем магионичарски трик и понатаму е видлив низ Мексико.
Благодарение на системската корупција, мексиканската држава е парализирана и нефункционална, а водачите на наркокартелите, како што се Синалоа или Тихуана, се недопирливи.
Вашингтон е убеден дека таму каде што системската корупција тлее, демократијата не може да вирее
На крајот, нема да благоглаголиме за негативните последици од системската корупција во едно општество, бидејќи сите ги знаат, туку ќе посочиме на една реалност. Соединетите Американски Држави имаат повеќедецениско искуство со нефункционални држави поради корупцијата, како што е и примерот со Мексико. Оттука, тие имаат јасна антикорупциска политика во меѓународните односи со државите. Вашингтон е свесен дека доколку корупцијата пушти длабоки корени, тогаш е исклучително тешко да се искорени.
Затоа и не треба да нѐ зачудуваат изјавите на американската амбасадорка Анџела П. Агелер дека Вашингтон повторно ги нагласува и поткрепува мерките за Македонија за поагресивен поглед и санкционирање на корумпираните учесници, сегашни и минати, како и за постојаното дополнување на американската црна листа со имиња на сегашни и поранешни македонски политичари. Овие американски антикоруптивни активности се од длабока антикорупциска побуда (или ако сакате: пружање рака на стратегискиот партнер, за да излеземе од „живата кал на криминалот, корупцијата и општествено антисоцијалните тенденции“ што Македонија ја влечат надолу во вителот на бесперспективноста). Вашингтон е убеден дека таму каде што системската корупција тлее, демократијата не може да вирее, а последното е особено значајно за државите што се стратегиски партнери на Соединетите Американски Држави, како што е Македонија.
На крајот на краиштата, како општество, нација и држава мора да се соочиме со реалноста дека нашето напредување и видоизменување ќе бидат условени од борбата против системската корупција, впрочем и Брисел долго го бара тоа од нас како услов за евроинтеграциите, а ние сѐ уште тапкаме во место.