Креативно катче

Меѓународниот ден на рециклирањето, 18 март, дечињата од детската градинка „Олга Мицеска“ од Кичево го одбележаа со модна ревија, на која беа претставени модели изработени од рециклиран материјал. Ревијата беше насловена „Екомодно шоу“. Големата сала од Центарот за култура беше претесна да ги прими сите заинтересирани блиски и пријатели што имаа желба да присуствуваат на овој настан. Во изработката на овие модели учествуваа воспитувачките и негувателките вработени во градинката, а со понекоја идеја се вклучија и дечињата учесници на оваа ревија на возраст од четири и пет години.
– Претходната седмица воспитувачките и негувателките вработени во детската градинка беа активно вклучени во изработката на овие модели од стара хартија, најлон и пластика, кои беа претставени на модната ревија што на 18. март ја организиравме во големата сала од Центарот за култура – истакна директорот Садик Ахмети.
Тој дополни дека големата поддршка од најблиските на децата и неуморната работа на дечињата, воспитувачките и на негувателките резултираа со оваа уникатна модна ревија ,која беше организирана и лани. На оваа модна ревија, според Ахмети, дошол до израз и креативниот дух на дечињата од градинката. З.А.