Фото: „Нова Македонија“

Мислам дека имаме реални шанси да се пласираме на следното Европско првенство. Со Словенците ќе пробаме да извојуваме барем една победа. Знаеме дека станува збор за квалитетен национален тим, кој успеа да обезбеди oлимписка виза за Париз 2024, вели македонскиот селектор Лазаров

РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ПЛАСМАН НА ЕП 2026

Македонската машка ракометна репрезентација предводена од селекторот Кирил Лазаров ќе игра во групата еден против Словенија, Литванија и Естонија во рамките на квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2026 година во Данска, Шведска и во Норвешка, што се смета за поволна група. Тоа е епилогот од ждрепката што се одржа во Копенхаген (Данска), во која црвено-жолтите пред ждрепката беа сместени во вториот барабан, заедно со Австрија, Црна Гора, Србија, Полска, Чешка, Фарски Острови и Грција.
– Задоволен сум од ждрепката. Мислам дека имаме реални шанси да се пласираме на следното Европско првенство, но не смееме во ниту еден случај да ги потцениме селекциите на Естонија и на Литванија. Со Словенците ќе пробаме да извојуваме барем една победа. Знаеме дека станува збор за квалитетен национален тим, кој успеа да обезбеди oлимписка виза за Париз во 2024 година – изјави Лазаров по ждрепката.
Вкупно 32 репрезентации се во квалификациите, а директен пласман обезбедија домаќините на ЕП 2026 и европскиот првак Франција. Ќе има вкупно осум квалификациски групи, а настап на ЕП ќе обезбедат двете најдобропласирани од секоја група, како и четирите најдобри меѓу третопласираните од сите групи или 20 селекции. Квалификациските мечеви ќе се играат во три недели на ЕХФ. Ќе започнат во октомври годинава, потоа ќе продолжат во март идната година и ќе завршат во мај 2025.
Македонија со ривалите за пласман на ЕП, било во рамките на квалификациски дуели за пласман на ЕП или на СП или директни настапи на ЕП или на СП, официјално одиграла вкупно 17 меча. Со фаворитот во групата, Словенија, најмногу, осум пати (шест порази и две победи), со Литванија три (два пораза и едно реми) и со Естонија шест пати (четири победи и две ремја).
Словенија на ЕП настапила 14 пати (вкупно 79 меча, 63 бода, 27 победи, девет ремија и 43 порази), а најдобриот пласман го има на свој терен во 2004 година, кога беше втора, а има и по едно четврто, петто место…, додека 10 пати била дел и од СП. На ЕП го дели осмото место заедно со Србија, по бројот на освоени медали од 12-те селекции што досега имаат најмалку еден медал.
Литванија има учество на две ЕП (вкупно девет меча, пет бода, две победи, едно реми и шест порази), првото во 1998 (деветто место) и во 2022 (21. место) и едно учество на СП 1997 (10. место). Посебно во негативно сеќавање е неуспехот во 2011 година во Адана (Турција), кога Македонија ремизира со Литванија, која, пак, поради повисоката победа над Турција го освои првото место во квалификациската група седум, како прв чекор на патот за пласман на СП. Естонија сѐ уште нема настап на ЕП и на СП.
Македонија, пак, има осум настапи на ЕП (37 меча, 21 бод, осум победи, пет ремија и 24 порази), а најдобар пласман ѝ е петтото место во Србија во 2012 година. По бројот на настапи е на 17-то место од 29 селекции што досега учествувале, додека исто така осум пати била дел од СП. Г.И.


ГРУПА 1: Словенија, Македонија, Литванија, Естонија
ГРУПА 2: Унгарија, Црна Гора, Словачка, Финска
ГРУПА 3: Исланд, Грција, БиХ, Грузија
ГРУПА 4: Шпанија, Србија, Италија, Летонија
ГРУПА 5: Хрватска, Чешка, Белгија, Луксембург
ГРУПА 6: Холандија, Фарски Острови, Украина, Косово
ГРУПА 7: Германија, Австрија, Швајцарија, Турција
ГРУПА 8: Португалија, Полска, Романија, Израел