Конфликтот во 2001 година и настаните во Диво Насеље во мај 2015 година говорат дека кога не се обезбедуваат добро државните граници, тогаш не може ниту во иднина да се исклучат различни форми на акт за агресија, упади на вооружени групи однадвор, на шверц на стока, но и на бегства на криминалци од земјава. Познавачите на состојбите велат дека добро чувана граница ја чува земјата и дека околу граничната безбедност не треба да се прават никакви компромиси
Увидот на техничкиот министер за внатрешни работи на северната граница покажал многу безбедносни пропусти и аномалии
Обезбедувањето на границите во време на клучни безбедносни предизвици, како во регионот, така и пошироко, е од круцијална важност за безбедноста на една држава, но се чини дека Македонија ниту по 20 и повеќе години не ја научи лекцијата од минатото дека добро обезбедени граници значат стабилна држава и безбедни граѓани.
Кон крајот на 90-тите години на минатиот век стана јасно дека границата на север, особено во делот на Косово, е речиси без никаква контрола, така што она што се случи подоцна, во 2001 година, е резултат на необезбедената северна граница, низ која како низ швајцарско сирење поминуваа вооружени групи од Косово и вршеа терористички активности во земјава.
Слично нешто се случи и во мај 2015 година, кога вооружена група незабележано ја минала границата и се стационира во кумановската населба Диво Насеље, по што дојде до оружен судир со македонската полиција, при што загинаа осум полицајци, а над 30 беа повредени.
Дополнително, голем број криминални пресметки во земјава завршувале така што сторителите без никаков проблем ја минувале границата и бегале во Косово, каде што подоцна станувале недостапни за македонските органи на прогонот. Таков е случајот со двајца осудени за грозоморното петкратно убиство кај Смиљковско Езеро, кои веднаш по грозоморниот чин преку северната граница без никаков проблем побегнале на Косово.
Северната граница не се обезбедува како што треба
Сите овие примери јасно говорат дека границите не се обезбедуваат како што треба, а дека е тоа така неодамна потврди и министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски, кој рече дека е вчудовиден од она што го видел на граничните полициски караули само на северот на земјата, најавувајќи дека во следниот период ќе направи увид и на другите гранични објекти кон Албанија, Грција и Бугарија, за да констатира на кое ниво е граничната безбедност.
– Системот е уништен, систем нема. Ова се страшни факти. Не можам да ги лажам граѓаните дека се безбедни, кога од она што го видов не е така. Од она што можев да го констатирам при посетата на северната граница, констатирав дека нема доволно човечки капацитети во согласност со утврдената систематизација. На јужната не знам каква е состојбата, ќе одам и таму да видам. Граничната полиција има само по едно возило, полицајците не можат обична смена да направат на границата. Објектите во кои престојуваат се такви оставени со децении, како што ги дала војската, така останале. Ај што кубурат со возила, кубурат со човечки капацитети, па дури и термалните камери не работат за да може навремено да се спречат нелегални влезови. Дури се прашувам дали некој намерно го правел тоа, за да помогне за шверцот, а не за да одмогне и да го спречи – изјави техничкиот министер за внатрешни работи Тошковски во гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на телевизијата Алфа.
Тој, повикувајќи се на полициски извори, вели дека термалните камери не работеле најмалку шест-седум години.
Ваквите јавно изнесени констатации наметнуваат едно единствено прашање што си го поставува јавноста, колку Македонија е безбедна како држава токму од упади на вакви криминални вооружени групи, шверцери, мигранти и други лица што очигледно непречено ги користат дивите премини, најмногу меѓу Македонија и Косово.
Границата е прагот на куќата, ако не го чуваш, ќе ти влезат и непоканети гости
Познавачите на состојбите велат дека добро чувана граница ја чува земјата и дека околу граничната безбедност не треба да се прават никакви компромиси.
– Она кога секој од нас ја заклучува вратата дома, практично става граница да не може никој да помине, а да не се јави. Границата е тоа, прагот на државата или вратите на државата. Ние кога своевремено имавме воено обезбедување на границите, често ги посетувавме граничните премини и ги советувавме командирите, војниците, дека не може преку границата да поминува кој како сака. На граничен премин може, но на диво границата не може да се помине од никого – вели пензионираниот армиски генерал Митре Арсовски.
Тој раскажа едно свое искуство како илустрација на тоа какви опасности по безбедноста може да има ако не се контролира границата правилно.
– Своевремено имаше инцидент на нашата северна граница, кога граничарите спречија во земјава да се внесат отровни кутии и бомби натоварени на коњ, кои веројатно ќе завршеле кај некои илегални групи. Тоа само покажува колкава е важноста на граничната безбедност и колку границата треба да се чува со сите средства, а не да се остава незаштитена – појаснува Арсовски.
Според него, мора да постојат строги правила како ќе се обезбедува границата и не смее да се прават никакви импровизации во таа насока.
– Порано работевме според правилата на службата, без никакви отстапки. Не разбираат луѓето што е граница, тоа е прагот на станот или, во нашиот случај, на државата – истакнува Арсовски.
Понатаму тој уште додава дека техничката опременост на граничните служби секогаш мора да биде на највисоко ниво, уредите секогаш мора да се технички исправни за да може навремено да се лоцираат сите потенцијални безбедносни закани.
– Не може термални камери да не работат, да нема доволно луѓе, да нема возила, обучени кучиња, двогледи, редовни патроли… Тоа се основните работи што се неопходни границата да биде соодветно безбедносно покриена. Мора државата да води сметка обезбедувањето на границите да биде на највисоко ниво – посочува генералот Арсовски.
Без добра техничка опременост нема безбедна граница
И други соговорници и познавачи на безбедносните состојби сметаат дека сегашното обезбедување на границите, особено на таа кон Косово, не е на соодветно ниво.
– Стана практика криминалците од земјава непречено да се кријат на Косово, а да се враќаат секогаш кога сакаат да направат некаква беља во земјава. Тие не поминуваат на легални гранични премини, туку имаат на располагање редица диви премини, кои граничното обезбедување очигледно не ги обезбедило. Криминалците и шверцерите добро знаат каде и кога може да поминат, што говори за една порозност на безбедносниот граничен систем. Очигледно многумина помислија дека со влезот во НАТО завршија сите безбедносни ризици и границите може да бидат лабави оти некој друг ќе нѐ бранел – потенцираат соговорниците.
Тие уште додаваат дека инвестирањето во опрема и технологија за обезбедување на границите мора да биде приоритет за државата, оти без безбедни граници нема безбедни граѓани.
– Доволно е да се набават термални камери, дронови што ќе го мониторираат граничното подрачје, теренски возила и доволен број луѓе за да може границата да биде безбедна. Тоа не е голем зафат, границата со Косово не е ниту многу долга, но впечатокот е како некој да не сака да го направи тоа и дека некому му одговара ваквата порозна граница, особено кон север. Сите институции се девастирани последниве десетина години, но ако и оние што се грижат за безбедноста на државата ја доживеат истата судбина, тогаш ништо поинакво не ја очекува ниту самата држава – заклучуваат соговорниците.
Што претставува државната граница и колкава е нејзината важност
Државната граница е всушност линија што ја разграничува територијата на одредена држава од друга. Но, со оглед на тридимензионалноста на просторот воопшто, поправилно е државната граница да се сфати и како 3Д, односно дека ограничува простор со три димензии. Имено, покрај површината на почвата и водната површина под суверенитет на државата, границата разграничува и во воздушниот простор (над површината на земјата) и длабоко во копното (под површината на земјата) и ги омеѓува како составен дел на државата.
Државната граница всушност го омеѓува просторот на државниот, односно територијалниот суверенитет. Во тој контекст, државната граница е клучна за обезбедување секаков друг вид суверенитет на државата и на граѓаните на таа држава. Затоа, регулирањето на прашањата за тоа што претставува државната граница, високо котира во секој устав на државите. Па така, и во нашиот Устав, клучните одредници за државната границата ги наоѓаме во чл. 3, и тоа во сите четири става на споменатиот член 3. Границата ја омеѓува македонската територија, која е неделива, неотуѓива, а постојната граница е неповредлива! Според тоа, секоја повреда на државната граница и на територијата на Македонија ќе се смета како акт на агресија, а државата, институциите и граѓаните имаат уставна должност да ја бранат! И токму тргнувајќи од овие факти, еден висок претставник на државната управа излегува во јавноста и од свој непосреден увид на теренот кај северната граница констатира длабоки пропусти, аномалии што воопшто не треба ниту да бидат на дневниот ред…