Фото: „Нова Македонија“

На турнирот за кошаркарки во групата Ц се олимпискиот и светски првак САД, континенталните прваци Белгија и Јапонија, како и Германија

КОШАРКА – ЖДРЕПКА ЗА ОЛИМПИСКИОТ ТУРНИР

Кошаркарската репрезентација на САД, првиот фаворит за златниот медал на претстојните Летни олимписки игри (ЛОИ) во Париз, во првото коло ќе игра со Србија, покажа ждрепката влечена во вторникот. Во ова група Ц уште се и Јужен Судан и победникот на квалификацискиот турнир што ќе се игра во Порторико (Мексико, Брегот на Слоновата Коска, Литванија, Италија, Порторико, Бахреин).
– Играме со САД, еден од фаворитите, не е лошо да го одиграме првиот меч со нив. Тоа значи и дека нема да можеме да играме со нив во евентуалното четврт-финале, што е еден од најважните, ако не и најважен натпревар на кое било првенство. Но го чекаме победникот на турнирот во Порторико, кој е многу силен, тука се Италија и Литванија. Ако сакаш злато, треба да победуваш на секој меч – изјави за српските медиуми селекторот на Србија, Светислав Пешиќ.
Актуелниот светски првак Германија ќе игра во група со домаќинот и европски вицешампион Франција, Јапонија, како и со победникот на квалификацискиот турнир што ќе се игра во Летонија (Грузија, Филипини, Летонија, Бразил, Камерун, Црна Гора). Во групата А, ждрепката ги спои Австралија, Канада, како и победниците на квалификациските турнири во Грција (Словенија, Нов Зеланд, Хрватска, Египет, Грција, Доминиканска Република) и во Шпанија (Либан, Ангола, Шпанија, Финска, Полска, Бахами).
На турнирот за кошаркарки во групата А се Србија, Шпанија, Кина и Порторико, во групата Б ќе играат Канада, Нигерија, Австралија и Франција, а во групата Ц се олимпискиот и светски првак САД, континенталните прваци Белгија и Јапонија, како и Германија. Г.И.