Собранието на денешната седница го изгласа законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи. Со законот се уредуваат условите и начинот како ќе се врши трговија со земјоделски и прехранбени производи. Неговата примена, како што информираат Министерството за економија, се очекува да влијае во намалување на цените на земјоделските и прехранбените производи, а со тоа и на квалитетот на производите.
Како што се наведува во соопштението, првпат во државата се носи вакво законско решение во кое има наведено 26 нефер трговски практики кои ќе се уредуваат.
– Со овој предлог на закон се очекува да се елиминира неоправданиот и непропорционалниот трансфер на економски ризик од еден трговски партнер на друг или да се наметне значителна нерамнотежа на правата и обврските на еден трговски партнер кон друг. Надоместоците кои сега се наплаќаат во договорниот однос меѓу купувач и добавувач, кои надоместоци сериозно влијаат на малопродажната цена на штета на потрошувачите, ќе се сметаат за забранета нефер трговска практика – појаснуваат од Министерството.
Според нив, клучно во овој дел е поголемо приближување и воедначување на националната легислатива, со легислативата на земјите членки на Европската Унија. Македонија, велат, е единствената земја од Западен Балкан кој ја транспонира оваа Директива на ЕУ, со цел да воспостави фер и рамноправни односи во однос на доминацијата на преговарачка моќ во трговијата помеѓу двајца или повеќе деловни партнери.
Во координација сме со органите на прогонот. Инспекциите за три до четири дена ќе информираат што ќе се случи со трговците на овошје и зеленчук кои не ја почитувале мерката донесена од Владат
Со донесување на предлог на законот се очекува да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и добавувачи), кои се активни во синџирот снабдување со земјоделство и храна во различни фази на производство, преработка, маркетинг, дистрибуција и малопродажба на земјоделски и прехранбени производи и соодветна примена на забраните на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи. Дополнително, законското решение обезбедува поефикасни контроли и надзор на Комисијата за заштита на конкуренцијата која добива дополнителна надлежност. Комисијата има за задача во првите шест месеци од стапувањето на сила на законот да ги усогласи сите нејзини акти со одредбите на овој предлог и да обезбеди ресурси на технички и технолошки квалификуван кадар за правилна и непречена контрола на одредбите кои се наведени во предлог законот.
Во законот, исто така, е наведено процентуално колку може да биде максималниот рабат кој може маркетите да го бараат од производителите и добавувачите кои сега надминуваат над 30 до 40 отсто од цената.
Со ова решение е предвидена листа на земјоделски и прехранбени производи каде рабатот ќе биде ограничен на 10 отсто и во склоп на тоа ќе конкурираат меѓу себе ланците на супермаркети што ќе влијае во намалување на цените. Комисијата за заштита на конкуренцијата за прв пат добива надлежност да соработува со Европската комисија и телата на земји-членки на Европската унија во постапките за идентификување нефер трговски практики, а особено да разменува информации и искуства за најдобри практики, нови случаи и нови настанати нефер трговски практики, како и мерки за извршување кои се носат во постапка за утврдување нефер трговски практики и давање помош во постапките за утврдување нефер трговски практики кои имаат прекугранична димензија.
Од Министерството за економија потенцираат и дека за непочитување на законските одредби засега во предлог-решението се предвидени глоби до 20.000 евра.
По утврдувањето на дневниот ред и негово дополнување со предлог-законите за изменување и дополнување на законите за медиуми и за научно-истражувачката дејност, по скратена постапка, пратениците го донесоа и законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка. Целта на ова законско решение е брза и ефикасна постапка во која конфискуваниот имот со правосилна судска одлука успешно ќе се продаде и ќе се овозможи враќање на криминално стекнатите средства и имот.
Собранието ги донесе и законите за Канцеларија за поврат на имот, за правда за децата, за финансиски инструменти, за проспекти и обврски за транспарентност за издавачите на хартии од вредност, како и предлогот на автентично толкување на членот 70 став (3) од законот за градежно земјиште.
Претседателот на Собранието Јован Митрески ја прекина 148. седница, за чие продолжение ќе има дополнително известување, а Собранието продолжи да расправа по продолжението од 140. седница.